- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Во петнаесеттиот век во Кина први стасале трговците. Во 16 и во 17 век трговијата интензивно се развивала, а освен тоа Русите активно ги освојувале Сибир и Далечниот Исток. Се чинело дека тоа биле добри услови за воспоставување официјални врски помеѓу Русија и Кина. Сепак, двете земји договорот за границите го постигнале дури во 1689 година, по воениот судир.
Нерчинскиот договор во 1689 година
Во шеесеттите години од седумнаесеттиот век Русите започнале да го освојуваат Приамурје. И манџуриската династија Ѓинг имала претензии на ничија земја иако не ја контролирала.
Војската на династијата Ѓинг во 1685 и 1686 година ја опколила руската тврдина Албазин на Амур, а во 1689 година уште една тврдина, Нерчинската, која се наоѓала западно од реката Шилка.
Долгогодишните погранични судири завршиле со потпишување на Нерчинскиот договор. Документот напишан на манџурски и на латински (но, не и на руски зашто немало преведувачи!) за првпат ги дефинирал односите и границите меѓу двете држави.
На овие настани претходеле појави на руска духовна мисија во Кина. Дел од Козаците од Алгазинската тврдина во 1685 година станале кинески поданици. Со цел богослужба доделен им е будистички храм. Свештеникот Максим Леонтјев кој дошол заедно со Козаците го претворил храмот во православна капела. Ангажманот на Леонтјев помогнал за воспоставување на руската мисионерска дејност во Кина на почетокот на 18 век.
Зошто Кина од своја страна не развивала дипломатски односи?
До средината на деветнаесеттиот век Русија во Кинеската империја под династијата Ѓинг испратила 18 мисии на различно ниво. Рускиот дипломат Сава Рагузински (српскиот гроф Сава Владиславович Рагузински во служба кај Петар Велики) кон крајот на дваесеттите години од осумнаесеттиот век во пекиншките архиви открил дека по потпишувањето на Нерчинскиот договор оваа земја ја посетиле педесетина руски пратеници (многумина дејствувале без знаење на централната власт). А, во Русија во периодот од 17 и 18 век престојувале само четири кинески дипломатски мисии и само две од нив ги посетиле Москва и Петербург.
Кинеските цареви едноставно не биле заинтересирани за развој на дипломатски односи со Русија. Многумина гости биле принудени да „пуштат корени во кинеските чекалници“. Некои шефови на мисии со месеци не успевале да стасаат до императорот и се враќале дома со празни раце. Кинескиот цар во 17 век лично примил само четворица Руси.
Советскиот и руски синолог академик Владимир Мјасников нагласува дека во основата на надворешнополитичката доктрина на Кина била тезата за сопствената доминација и варварството на другите народи. Пекинг настојувал да им наметне на сите држави со кои доаѓал во контакт статус на вазал. На тоа била прилагодена целокупната кинеска дипломатија и дворскиот церемонијал. Без определени церемонии кинескиот господар не примал гости. Комуникацијата со странски претставник на рамноправна основа била исклучок (или воено лукавство). Овој систем со текот на времето сѐ повеќе се усовршувал.
Пекинг бил заинтересиран за воспоставување доминација пред сѐ на подрачјето на Азија. Трговските врски ги доживувал само како средство за постигнување политички цели. За разлика од Русија, за Кина тоа било нешто терцијарно. Москва со спецификите на кинескиот светоглед се запознавала во текот на целиот 17 век.
Пропуштена можност
За време на династијата Минг (владеела до 1644 година) Пекинг во 1618 година ја посетила мисијата на томскиот Козак Иван Петлин. Не го пуштиле кај императорот зашто не донел доволно подароци од царот Михаил Романов. Но, затоа на Петлин му врачиле повелба за рускиот монарх. Во овој документ на Русите им било дозволено да ја посетат Кина, да тргуваат на нејзината територија и им било предложено да воспостават преписка меѓу дворовите. Москва ја пропуштила можноста да ги развие односите со Пекинг. 56 години никој не го прочитал документот. За тоа постоеле неколку причини.
Во Русија педесет години немало преведувачи од кинески и од маџурски јазик. Странците коишто би можеле да го преведат текстот на латински или на монголски, а од нив на руски, никој не сакал да ги упатува во доверливите политички прашања. Генерално гледано, практиката на комуникација со Кинезите со посредство на трет јазик е зачувана во Русија до втората половина на 18 век, кога со преведување започнале да се занимаваат учениците на Руската духовна мисија.
Од друга страна, немало ниту некаква особена потреба за превод. Организацијата на мисијата на Петлин била поттикната од странци. На почетокот на 17 век Англија активно се заинтересирала за воспоставување маршрута за Индија и за Кина преку територијата на Руското царство и по пат за освојување на Сибир како потенцијален центар за трговија со странство. Москва ги избегнувала притисоците на Англија.
Нивниот продор се заканувал со загуба на приходи од воспоставувањето трговски врски и со појава на западни мисионери, авантуристи и шпиони во руската држава. Доколку Англичаните добиле пристап до сибирското пространство и започнале да се занимаваат со развој на трговија на ова подрачје, тоа на Русиај би ѝ нанело огромна штета.
Рускиот цар Михаил Романов кој дошол на власт во 1613 година обезбедил протекционизам во надворешната трговија, со цел да ја заштити од западните претензии. Тој, исто така, ги снабдувал експедициите кои оделе на Сибир и на Далечниот Исток за изградба на тврдини како упоришта на овие простори. Од Москва стасувале наредби за истражување на трговските патишта и за освојување на териториите на теренот.
Генерално, односот кон повелбата на императорот од династијата Минг во дваесеттите години од 17 век бил прилично комотен. Многу подрагоцен излегол „Пописот“ на Петлин, описот на патот во Кина преку Монголија и самите земји, реката Об и плановите за овој простор. Овој извештај одиграл важна улога во понатамошното освојување на источен Сибир.
Подоцна англискиот амбасадор Џон Мерик успеал да го пренесе „Пописот“ во Англија. Во текот на 17 и на 18 век доживеал седум изданија во Европа.
Кинески бирократски церемонии
Манџурската династија Ѓинг (владеела од 1644 до 1912) била помалку пријателски расположена кон Русија од династијата Минг по којашто дошла на власт. Само во 18 век трговските врски со Русија еднострано се прекинувале дури единаесет пати, а паузите траеле со месеци и со години.
Рускиот пратеник Фјодор Бајков во 1656 година заедно со својата мисија минал половина година во изолација, без да успее да дојде до императорот. Бајков одбил да изврши длабок понизен поклон (на колена и со челото допрено до земја) што според кинескиот церемонијал значело признавање на вазална зависност на Русија од Кина.
Бајков во незгодна ситуација го довел трговецот Пјотр Јарижкин кој цели девет месеци претходно ја посетил Кина. Јарижкин, третиран како официјален пратеник, самиот не трудејќи се да ги разубеди домаќините, од незнаење го направил споменатиот длабок поклон, а со тоа гo признал вазалниот статус на Русија во очите на Кинезите. Бајков не знаел ништо за тоа. За наоѓање решение не му помогнала ниту повелбата на царот Алексеј Романов. Амбасадорот морал лично да му ја предаде на императорот, но на крајот документот го вратил дома.
Писмото на царот Алексеј Романов на Кинезите им го предале Иван Перфилов и Сеиткул Аблин дури во 1662 година. Москва, за среќа, од нив не барала ништо повеќе од курирска мисија. А, во 1669 година, Аблин кој во Кина дошол како трговец кончено го примил новиот кинески император Сјањ Е. За волја на вистината, не според протоколот и не на дворот, но во шумичка.
Кинески чекор во пресрет
Во меѓувреме ситуацијата во Приамурје се заострувала. Постоела очајничка потреба за преговори. Пекинг за првпат испратил своја делегација на пограничната територија којшто не била контролирана. Делегацијата само делумно била дипломатска, со оглед на тоа што ја следеле 15 илјади припадници на војската.
Факторот на сила одиграл решавачка улога во корист на Кина за време на потпишувањето на договорот. Преговорите се воделе за време на опсадата на Нерчинск. Русија го изгубила своето главно упориште на Амур, тврдината Албазин, и Пирамурје до 1858 година.
Нерчинскиот договор е потпишан во нерамноправни услов и зашто правно не бил совршен. Меѓутоа, благодарение на него се развивала трговијата, а Петар Велики дури и воспоставил државен монопол на кинеската трговија. Само државни и само руски карвани можеле да ја минуваат границата.
Освен тоа, Нерчинскиот договор, а подоцна и порастот на моќта на Русија на светската сцена за време на Петар Велики воспоставиле партнерски, а не вазален статус на Русија во кинеската надворешна политика.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа