Ова е двојникот на Сталин и токму него го гледаме на репрезентативниот Сталинов портрет

Историја
RUSSIA BEYOND
Дагестанецот Феликс Дадаев на 24-годишна возраст станал официјален двојник на генералниот секретар на СССР. До Втората светска војна ова обично селско момче настапувало во фолклорен ансамбл на песни и танци, а кога започнала војната се префрлил во концертната бригада на фронтот.

Приказната за неговата сличност со Сталин брзо стигнала до генералот. Но, специјалните служби веројатно немало да му обрнат внимание доколку не се случел следниов сплет на околности.

Дадаев бил тешко ранет и прогласен за мртов. Неговото семејство веќе добило известување за неговата смрт. Ваквото „исчезнување“ им одело на рака на чекистите. Во 1943 година бил префрлен со специјален лет во Москва, каде што го сместиле во резиденција надвор од градот и каде што му било објаснето што се очекува од него.

За да личи уште повеќе на Сталин, Дадаев се здебелил 11 килограми, ги боел забите во жолто (Сталин, всушност, пушел, а Дадаев не) и неколку месеци вежбал да го имитира Сталин врз основа на филмска хроника под надзор на НКВД. Меѓутоа, имало една сериозна разлика помеѓу оригиналот и двојникот, а тоа биле годините. Сталин бил постар речиси 40 години. Затоа Дадаев научил да прави на лицето лузни од сипаници, какви што имал Сталин, и секогаш носел шминка.

На почетокот добивал едноставни задачи. На пример, да се појави на одредено место и да седне во кола. Потоа му биле доверени официјални посети, средби со странски делегации, снимање филмски хроники, присуство на Парадата на Црвениот плоштад, па дури и читање говори на радио.

И никој од сведоците не се посомневал ништо. За двојникот знаел само многу тесен круг на луѓе. Дадаев потпишал документ за доверливост на податоците, а неговото семејство и онака го сметало за мртов.

По смртта на Сталин двојникот повеќе не бил потребен и Дадаев продолжил да работи како актер и комичар. Настапувал на концерти низ целата земја. До 1996 година податоците за неговиот таен ангажман се чуваа како државна тајна.

Патем, двојникот на Сталин и денес е жив. На 2 март наполни 100 години!