Дали Стара Русија навистина била под монголско-татарски јарем?

Кадар од филмот „Монголец“.

Кадар од филмот „Монголец“.

Сергеј Бодров постариот/Филмска компанија „СТВ“, 2007.
Појавата која се третира како „јарем“ навистина постоела, но нашето сфаќање на овој поим е засновано на идеите кои не потекнале од историчарите, но од идеолозите. Да погледнеме какви сѐ заблуди се кријат во денешната погрешна интерпретација на оваа историска појава.

Финансиската и политичка зависност на староруските кнежевства од источните завојувачи – Бату-хан и неговите наследници – е историски факт. Тие владееле со државата „Улус Џучида“ (Златна Орда) која на почетокот била дел од Монголската Империја, а подоцна се осамостоила. Во Русија се нарекувала „Главен шатор“ или „Златна Орда“, со тоа што седиштето на владетелот се поистоветувало со цела држава, како што денес се вели „Кремљ донесе одлука“.

Меѓутоа:

освојувачите самите себеси не се нарекувале Монголо-Татари, а зборот „јарем“ (на руски „иго“) не се користел во Русија до 17 век, односно никој така не ја нарекувал зависноста на руските кнежевства. Освен тоа, односите помеѓу Русија и Ордата прилично брзо попримиле форма на односи меѓу соседни држави, во кои руските земји од средината на 14 век играле водечка улога.

Одиме по ред.

Освојувачите самите себеси не се нарекувале со етнонимот Монголо-Татари

Златна Орда

Не станува збор за сопствено име на народност. Историчарите сметаат дека овие етноними ги имаат смислено Кинезите.

Монголци:

Во Кина со етнонимот Монголци се нарекувале племињата кои живееле северно од Кинезите, а останатите племиња биле Татари („да-да“) или Монголо-Татари („мен-да“). Тоа останало традиција уште од времето на династијата Сунг која се зацарила во Кина кон крајот на 10 век, пишува Владимир Рудаков.

Основачот на Монголската Империја Темуџин или Џингис-хан (1155?-1227) припаѓал на монголскиот род Борџигини и ја основал династијата Џингисиди. Џингисидите самите себеси се нарекувале Монголци. Тие овој израз го презеле од Кинезите кои Џингис-хан и неговите потомци ги покориле на почетокот на 13 век. Монголците од високиот род на Џингисхановата држава служеле како војсководци („нојони“), а самата армија била составена од различни племиња што ги покориле Џингисидите и ги користеле како обична воена сила. Имено, Монголците во своите покорени племиња вовеле задолжително служење во армија.

Војник на Монголската империја, реконструкција.

Татари:

Кинези со етнонимот „Татари“ („дадањ“) ги нарекувале сите номадски племиња северно од Големиот кинески ѕид. Така меѓу другите ги нарекувале и источносибирските Татари и монголските племиња, иако тие биле во меѓусебен судир. На крајот Монголците ги уништиле речиси сите источносибирски Татари, така што современите сибирски Татари не се нивни потомци.

Самите Монголци, меѓутоа, продолжиле да го користат етнонимот Татари како збирен назив за сите турански племиња во Азија кои попатно ги покориле, додека се движеле кон руската земја.

Во руската историографија терминот Татаро-Монголци за првпат го применил учителот на Првата санктпетербуршка гимназија Пјотр Наумов во 1823 година.

Зависноста на Стара Русија од Ордата историчарите ја окарактеризирале како „јарем“

Баскаци (претставници на татарско-монголската власт)

„Јаремот“ се користел уште во стар Рим за запрегање на стоката. Имал облик на буквата „П“ и им се ставал на воловите на врат. Со овој збор со преносно значење се означува обврска и бреме. „...земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши “, вели Господ Исус Христос во Евангелието според Матеј.

Зависноста на руските земји од Ордата како јарем ја окарактеризирал полскиот хроничар Јан Длугош во 1479 година во „Анали или хроники на славното Кралство Полска“. На руски овој збор за првпат е применет во 1674 година во историската книга „Синопсис“ на Инокентиј Гизељ која е издадена во Киев и била мошне популарна во Русија. Оттука го презел Николај Карамзин кој го создал и го образложил концептот „монголско-татарски јарем“.

Зошто методот на Николај Карамзин не може да се окарактеризира како историски?

Николај Михајлович Карамзин

Николај Карамзин во 1818 година објавил осум томови од „Историјата на државата Руска“. Тоа била првата сеопфатна историја на Русија. Карамзин создавал во времето на романтизмот и бил професионален писател. Поради тоа одлучил својата историја да ја напише во морализаторски дух.

Во „Писмата на рускиот патник“ од 1792 година Карамзин се жалел: „болно е... што ние сѐ уште немаме добра руска историја, односно напишана од филозофски ум, со критика, со благородна красноречивост... Може нешто да се избере, да се оживее и украси, па читателот ќе се восхити како од Нестор, од Никон и од други можеле да излезе нешто привлечно, силно и достојно за внимание“.

Карамзин својата „Историја“ ја пишувал со однапред поставен задача – да покаже како рускиот народ неизбежно се движи кон слободата и просветеноста под раководство на мудриот православен цар. Како што пишува Василиј Кључевски, „Целта на трудот на Карамзин е од руската историја да направи префинета поука“.

Поради тоа, кога ја опишува наездата на монголската армија, Карамзин веднаш нуди толкување поради настаните и понатаму се потпира само на ова свое толкување. Опишувајќи како кнезот Јарослав Всеволодович 1243 година заминал во резиденцијата на Бату-хан да го добие првиот „јарлик“ (официјален документ кој го потврдува правото на управување со кнежевството) за Великото владимирско кнежевство, Карамзин недвосмислено пишува: „Така нашите владетели свечено се одрекоа од правото на народот независен и се подвија под јаремот на варварите“.

Статуа на Бату-хан во Кајсери, Пинарбаши, Турција.

Писателот не споменува дека било бесмислено да се спротивставува на Бату-хан. Монголската армија била повеќекратно побројна од вкупните расположливи сили на сите руски кнежевства, и, згора на тоа била регуларна. Карамзин тврди дека Русите тогаш биле единствен и независен народ, што не е точно, зашто Стара Русија била расцепкана на „спротивставени кнежевства“ и не била единствена.

Концепцијата на Карамзин била „згодно решение“, со оглед на тоа што нејзиниот автор како енциклопедист и англофил (и според манирите вистински англиски „денди“) сакал да ја промовира идејата за извесно „заостанување“ на Русија зад „просветената“ Европа. „Ние сме имале свој Карло Велики, односно кнезот Владимир, свој Луј Единаесетти, односно царот Иван, свој Кромвел, односно Годунов“, пишува тој. Карамзин не ѝ припишувал на руската историја самостојно значење. Таа за него била само одраз на настаните на европската историја, и затоа „Татарите“ кај него станале „варвари“. Така и јаремот што „цивилизираните“ Римјани го ставале на покорените народи кај Карамзин е ставен на рускиот народ, поради што тој во извесна мера станал фаличен.

Како монголската наезда влијаела на Стара Русија?

Резултат на наездата на Бату-хан било губењето на политичката независност на руските кнезови, Монголците не планирале да живеат на руската земја, ниту непосредно да управуваат со руските кнежевства. Ним им било потребно само Русите да плаќаат данок во пари („пари“ на руски се „деньги“ – и самиот израз потекнува од туранската група јазици, на која што припаѓале и освојувачите) и луѓе за пополнување на редовната монголска армија. Руските кнезови биле „службеници“ на ханот и му ги ставале своите одреди на располагање во походите на Византија, Литванија и на Кавказот.

„Одбраната на Рјазањ“

Монголците не се вмешувале во внатрешните прашања на руските кнежевства и им оставиле на кнезовите од династијата Рјурикович самите да се грижат за своите територии. Освен тоа, освојувачите забележале дека Русинот попрво ќе умре одошто да дозволи некој да му го кази огништето и особено црквата, па процениле дека нема потреба да се поробува овој народ. Од друга страна, кнезовите можеле да управуваат со своите градови само со дозвола на монголските власти. Секој кнез морал лично да оди кај ханот и да му се претстави, и од него да го добие единствениот документ кој се нарекувал „јарлик“.

Важно е да се има предвид дека хановите и кнезовите биле заинтересирани жителите да не креваат востанија зашто тие ги хранеле и едните и другите. Исто така на хановите не им се исплатувало некој друг да ги напаѓа руските кнезови од Западот и да им ја одземе земјата, а исто така и некој кнез да стане премногу јак „без дозвола на ханот“. Така, на пример, Бату-хан во 1252 година го испратил во Стара Русија војсководецот Неврјуј за да го поддржи „својот“ кнез Александар Јарославович (Александар Невски) кога тој се борел против својот брат Андреј и неговите сојузници. Неврјуј минал низ многу градови и однел илјадници Руси во заробеништво, а кнезот Александар го добил владимирското кнежевство и извршил попис на населението со цел да организира собирање данок.

Постепено, од почетокот на 14 век, руските кнезови започнале самите да собираат данок од своето население зашто Русите во повеќе пригоди се кревале против баскакот (претставник на татарско-монголската власт), собирачот на данок за Ордата, барајќи тие да бидат протерани од руските градови. Меѓутоа, од средината на 13 век Ордата и самата почнала да се расцепкува на поситни политички ентитети, така што во неа веќе имало неколку „велики ханови“, па секој хан од руските кнезови барал данок и се наметнувал како некој што ги доделува „јарлиците“. Како што пишува историчарот Николај Борисов, „великиот кнез морал или да ја намалува висината на данокот, или да го дели на еднакви делови меѓу 'наследниците', или да има работа само еден од нив, а останатите да ги третира како самозванци“.

Руските кнезови продолжиле да учествуваат во војните на страната на Татарите, да ги повикуваат татарските „принцови“ во своја служба, да склопуваат сојузи со нив, да се женат со татарските принцези и да ги мажат своите ќерки за туранските главешини. Во текот на педесеттите години од 13 век во Стара Русија дошол правнукот на Џингис-хан, принцот Пјотр Ордински. Тој се покрстил и го примил православието, а неговиот чичко, ханот Берке, го одобрил тоа и му испратил богати подароци. За руските владетели било престижно да се ородат со татарското благородништво зашто неговите корени, како што сметале Русите, досегнувале подлабоко во минатото.

Овие заемни врски би можеле уште долго да се набројуваат, списокот е голем. Едно е јасно: она што вообичаено се нарекува „јарем“ и кој подразбира ропска зависност на Стара Русија од монголскиот или од татарскиот суверен владетел всушност биле односи на исцепканите руски кнежевства со татарските кнежевства.

Мислењето на Николај Карамзин дека монголската наезда го „забавила“ развојот на Русија е исто така дискутабилно. За тоа имаме посебен текст.

Но, зарем руските кнезови не биле убивани во Ордата? Да, исто како и кнезови на Ордата во Русија.

Цртеж. „Михаил Јарославич Тверски кај Узбек-хан“.

Природно е Стара Русија да била во конфронтација со Ордата. Политичката зависност и плаќањето данок не може да се заснова на пријателство. Кнезовите оделе во Ордата по „јарлик“ или на суд кај ханот, којшто арбитрирал во споровите меѓу кнезовите. Пред тргнувањето кнезот им оставал на жената и на децата завет, свесен дека во седиштето на ханот може да биде погубен, или дека можат да го убијат другите кнезови. Така во 1325 година во Стари Сарај кнезот Дмитриј Михајлович викан „Грозни очи“ го фатил и го убил кнезот Јуриј Данилови и со тоа го одмаздил татка си. Една година подоцна самиот кнез Дмитриј поради самоволно пресметување бил погубен по наредба на ханот Узбек.

Доколку зборуваме по право, односите помеѓу Русите и Монголците и започнале од убиства, кога руските кнезови го погубиле монголските посланици, што Монголците го доживеале како страшно злосторство. Кнезовите на Златната Орда инаку биле убивани во Стара Русија. Еден од најпознатите бил Шевкал (Чол-хан), директен потомок на Џингис-хан по машка линија. Тој бил жив запален во Тверското востание од 1327 година.

Сепак, во целина гледано, Русите се плашеле од идејата високите претставници на Ордата да ги држат како заложници или да ги убиваат, зашто Ордата можела сурово да се одмазди. Попрво им укажувале добредојде на многубројните „татарски“ ханови и принцови, дури и кога Москва се ослободила од зависноста, и им доделувале земја, па дури и почесни места на царскиот двор. Среде Рјазањската земја до крајот на 17 век постоел минијатурниот Касимовски ханар, и тоа само со една цел – неговите страшни владетели мирно да го дочекаат крајот на својот живот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња