Филип Маљавин „Селска девојка“, 1920.
Музеј „И. И. Машков“/Public DomainВо 1647 година селанката Авдотја го пријавила својот маж Николај: „Мене кутрата ми ги окова нозете и ме врза [за гредата на таванот], ме мачеше и тепаше, висев по цел ден“. Пресметка со жена не била ретка појава. Постоела и позната збирка поуки за руската аристократија наречена „Домострој“, а во неа посебно упатство: „Казнувај насамо, а по казната поразговарај со неа, биди широкоград кон неа и сакај ја“.
За жал, во Стара Русија цветало семејното насилство. Но ни во Европа во тоа време не било ништо подобро. Историчарката Нада Бошковска вели дека и таму мажите во едукативната литература биле советувани да ги „казнуваат“ и да ги „поучуваат“ своите жени.
Иван Горохов „Му се препуштил на пиењето“, 1929.
Public DomainСемејното насилство најмногу се случувало кога мажот бил во поднапиена состојба. Атаманот од Усман ја туркал жена си гола во коприви и ја впрегнал во плуг. Семјуел Колинс споменува поп кој прво ја камшикувал жена си, а потоа ја облекол во фустан натопен со вотка и го запалил. Друг свештеник наводно ја оковал својата попадија во синџири и го горел нејзиното тело со вжештена маша.
Во изворите многу често се сретнуваат соопштенија за убиство или самоубиство на жена поради семејно насилство. Виновникот за таквото убиство не бил ни казнуван ако жената немала роднини или ако Црквата не се зазела за неа.
Владимир Маковски, „Не те пуштам!“, 1892.
Национален музеј „Киевска галерија на слики“Дури и во тој случај судот и Црквата најчесто носеле одлука претепаната и помодрена жена да му се врати на мажот. Дали тогаш жените имале каков било начин да се спротивстават на тоа?
Според руските закони, кои ги одобрила и Црквата, мажот можел да ја „поучува“ жената, но под услов тоа да не го прави „во лутина“, да не ја измачува или да ѝ го загрозува животот. Во рускиот јазик, зборот „поучува“ („учить“) подразбирал „обичен“ ќотек, додека како злосторство се третирале „неподносливото“ тепање и претепувањето „до смрт“.
Ако жената сметала дека мажот се обидува да ја убие, таа можела да го тужи и во изворите се среќаваат голем број такви поплаки. Жените обично самите себе се бранеле на суд, или за нив се заземале роднините.
Д. Г. Булгаковски, „Ехо. Пијанството и неговите последици“. Илустриран албум со секојдневни сцени од животот на луѓе препуштени на пиење.
М.: Изд. А. Д. Ступина, 1913. / Public DomainКако прво, мажот најверојатно не би смеел ни да ја тепа жената чиј татко или браќа се живи, особено ако се богати и моќни. Во Русија пред Петар I било лесно да се уништи одредена личност. Кој имал моќ можел да го направи тоа како на шега. И како жените преживувале без влијателни роднини?
Бегство. Најчесто бегале во своето семејство за лично да им се обратат на своите и да состават жалба против мажот. Во тој случај во жалбата се пишувало дека мажот ѝ го загрозил животот на жената и тоа било третирано како официјален повод за развод и судска постапка. Меѓутоа, во 1646 година жената на еден благородник од Путивље побегнала „каде што ја носат нозете и ја водат очите“, т.е. во странство, во Литванија, оставајќи ги зад себе мајка си и децата, а се вратила дури кога дознала дека мажот ѝ починал.
Д. Г. Булгаковски, „Ехо. Пијанството и неговите последици“. Илустриран албум со секојдневни сцени од животот на луѓе препуштени на пиење.
М.: Изд. А.Д. Ступина, 1913 / Public DomainБегство во манастир. Било многу делотворно да се побара помош од епископот, игуменот и воопшто од монашката обител, особено ако манастирот е женски. Во манастирите живееле многу жени кои избегале од семејно насилство, како и жени кои биле принудени од нивните моќни сопрузи да се замонашат за да се оженат со друга. Затоа во женски манастир несреќната жена секогаш наидувала на разбирање.
Тужба против мажот за „злосторство против државата“. Жената можела да ги употреби против насилникот неговите сопствени подмолни методи и да го пријави дека „зборуваше и делуваше против владетелот“, т.е. дека планира да го убие царот и да побегне во странство. Со такво обвинение не му гинела смрт во агонија некаде во подрумот на московскиот затвор. Но, важно било да се докаже тоа обвинение, т.е. да се подготват фалсификувани белешки или да се најде сведок кој ќе биде ставен на маки и под тортура ќе посведочи дека нејзиниот маж навистина планирал да побегне во странство. Во спротивно смртна казна ѝ била изрекувана на тужителката и на сите кои се потпишале под нејзините изјави.
Камшикување на Н. Лопухина. Гравура на Жан Батист Лепренс од книга, 1766.
Public DomainПравично судење. Доволно е да се каже дека тоа било можно само ако жената имала свои пари (на пример, наследство од нејзиниот татко што се третирало како неприкосновено и не му припаѓало на мажот), влијателни роднини или пријатели. Во спротивно „премолчено“ се подразбирало дека судот таквите спорови ги решава во корист на сопругот.
Убиство на сопругот. Во краен очај жената можела да одлучи да го ликвидира својот мачител. За убиство со умисла на мажот била предвидена смртна казна, и тоа со закопување на жената жива во земја. Поради тоа жените често се обидувале да докажат дека убиството не било намерно. Така, во 1629 година, Аграфена Бобровска од Мценск го исекла со сабја својот маж додека спиел, а потоа изјавила дека „замавнала без предумисла, затоа што не го сака“, што било очигледна контрадикторност. Меѓутоа, таа инсистирала на тоа дека немало предумисла и дека таа имала епилепсија (соседите, додуша, сведочеле дека нема епилепсија). Не е познато како завршило сето тоа.
Монахињи на Сурскиот манастир „Св. Јован Богослов“, почеток на ХХ век.
Public domainВо 1647 година во градот Козлов биле уапсени Акулина и нејзиниот зет Сергеј. Како што соопштува Нада Бошковска, тие го убиле мажот на Акулина, угледен човек, Артемиј Кучењов, а неговиот труп го фрлиле во реката. Синот на убиениот ја пријавил маќеата, а таа на суд изјавила дека Артемиј ја силувал нејзината осумгодишна ќерка од првиот брак. Подоцна Акулина дознала дека Артемиј ги убил својата прва и втора жена (таа била трета) и дека ги осквернил децата, па решила да го убие злосторникот. Ниту во овој случај не е познат исходот од судскиот процес.
Немојте да мислите дека жените не ги претепувале и убивале своите мажи. Семејно насилство врз мажи исто така постоело, иако таквите случаи биле малубројни.
Убиството на мажот можело да биде организирано со цел да се добие дел од неговиот имот кој законски ѝ припаѓал на вдовицата. Во 1625 година, жената на Дмитриј Еремеев, жител на Белозер, се обидела да го заколе својот сопруг со нож во парна бања, а потоа да го убие со дрвен столб, но тој и двата пати преживеал. На суд се бранела со тврдењето дека „се штукнала со умот“, па била казнета со камшикување.
Војник од Устјуг ја пријавил жената дека се обидела да го задуши во сон, а подоцна му се заканувала дека ќе го убие со магија. Жената на иконописец од Курск наговорила тројца мажи да го убијат нејзиниот сопруг на спиење и тие го направиле тоа. Штом ни е познато тоа, значи дека убијците биле фатени. А сепак, жените кои сакале да станат вдовици генерално избегнувале убиство и претпочитале да ги обвинат своите сопрузи за злосторство против државата или за вештерство, откако претходно ќе обезбеделе „сведоци“ и „хартии“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче