- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Да му служиш на кнезот значело да му служиш на Бога. Така од старо време сметале Русите, убедени дека не постои власт која не е од Бога. Членовите на кнезовата дружина со гордост му служеле на својот господар и биле подготвени да ги положат своите животи за него, а тој, пак, за возврат, ги третирал како свои деца: ги хранел, облекувал, им давал дом. Накратко, им давал сé што им било потребно за живот. Освен пари.
Служење и плата
Имено, се сметало дека работењето за пари е понижувачко за разлика од служењето на господар, пишува историчарката Олга Кошељова. Самиот збор „работа“ (работа) во рускиот јазик потекнува од зборот „роб“ и има понижувачка конотација. „Работеле“ само луѓе од пониските општествени слоеви или луѓе кои се нашле во зависност поради долг. Додека ценета личност добивала подароци од кнезот во знак на благодарност, од народот „чест“ (т.е. материјални дарови), како и очигледна морална сатисфакција за својата служба. Тоа ѝ било доволно.
Специфичноста на таквите односи се рефлектирала во фактот што не само обичните луѓе им давале материјални подароци на службениците, туку и кнезот можел да го дарува својот подреден за неговиот труд. Платата доаѓала во вид на бунда, коњ, оружје или буре вино. Овие дарови ја зајакнувале врската меѓу господарот и слугата, бидејќи симболично ја изразувале припадноста на службениците на власта, објаснува Кошељова. Највредни дарови биле цели села или градови. Но, едно е кога кнезот му дарува на својот подреден село, па овој собира данок од селото и не мора ништо да прави. А друго е кога ќе го прати во „волост“ (поседот на кнезот) да собира материјални дарови.
Врз основа на овие дарови функционерите испратени од централната власт живееле на сметка на локалното население, но во исто време имале обврска да бидат судии во спорови и да бидат своевидна државна управа со објавување на уредбите на господарот, донесувајќи одлуки во случај на природни и други катастрофи и водејќи сметка за одржување на редот. За тоа трипати годишно собирале намирници од населението: леб, месо, сирење, овес и сено за коњите, како и многу други работи. Дополнително, собирале и надоместоци: судски и царински такси и данок на добивка, за држење продавница, за испораки на големо и други. Од овие пари тие живееле и ги издржувале своите слуги, а значителен дел од тие приходи испраќале и во Москва.
Сéто тоа било според законот. Но, тогаш што било корупција?
Надоместок, награда, мито и корупција
Иван Грозни ги заменил произволните надоместоци со систем на војводства, меѓу другото, и затоа што намесниците понекогаш едноставно земале премногу од населението. Војводите и стрелците (припадниците на пешадијата вооружени со огнено оружје) отсега земале плата, која, сепак, не се исплаќала редовно и немала фиксен износ. Така што било тешко да се ослободи од навиката да се собираат добра од населението. Од XVI век руските државни институции продолжиле да функционираат врз основа на материјални подароци, таканаречени „чести“.
Државните службеници, војводите, изборните управители работеле до изнемоштеност, речиси без престан. Писателот од времето на Петар Велики Иван Посошков, нивната работа ја споредува со монашки подвиг: „Само кога ќе падне ноќ си одиш дома. ...Доаѓаш во канцеларија пред молителите, а заминуваш после сите. ...И без прекин живееш во канцеларијата“, пишува тој во писмо до млад чиновник. А тие чиновници се издржувале од подароците на молителите, со помош на споменатата „чест“.
Во XVI и XVII век тоа не биле пари секогаш. Молителите носеле риба, кавијар, скап мед, крзна од ретки животни, скапоцена облека. Ако службеникот го земе подарокот, случајот можеби ќе биде решен. Додека во случај службеникот да не добие подарок, а молителот „да остане со носот“, како што велеле, тешко дека работата ќе тргнела од место. Притоа законот не ги казнувал службениците за примање „чест“.
Проблеми настанувале само кај оние кои не само што земале подароци, туку барале и дополнителни пари за вршење на својата работа!
Не било забрането да се примат средства за разгледување на случајот, туку за неговиот конкретен исход. Оттука започнувало „лихоимството“, т.е. корупцијата. Тука станувало збор за неправедно решавање на случај заради добиени пари.
Зошто борбата против корупцијата била безуспешна?
Меѓутоа, како што и можело да се очекува, корупцијата во Русија не е искоренета. Народот сметал дека „секој труд е достоен за своја награда“. Затоа милителите продолжиле да носат намирници и пари во канцелариите, за да не се срамотат и „останат со носот“. Имено, имало малку чиновници а многу случаи. И како да одите со празни раце да го решите проблемот што ве мачи? Другите сигурно ќе донесат нешто!
Најголем руски борец против корупцијата бил Петар Велики. Тој ја вовел институцијата финансиска контрола и обвинителство. На 24 декември 1714 година Петар го издал указот „За забрана на примање мито и дарови и казнување за истото“.
„Со оглед на тоа што се намножи примањето мито“, пишува Петар, „им се забранува на сите функционери да примаат какви било државни дарови и пари од народот... освен плата“. Казната била физичка, сé до смртна казна.
Дали овој указ помогнал? Секако дека не е. Истражувачот Дмитриј Серов истакнува дека само мал број случаи иницирани од финансиската контрола на Петар (иследници на случаи на корупција кои имале посебни овластувања) завршиле со судски казни. И самиот император знаел дека неговата десна рака, светлиот кнез Меншиков, исто така поткрадувал од државната каса. Но, што можел да направи во врска со тоа?
По смртта на императорот, неговите закони за корупција престанале да се почитуваат. На 23 мај 1726 година, царицата Екатерина I го издала указот „За давање плата на колешките чиновници...“, со кој фактички се дозволува земање дарови (не примање мито, иако тоа би се толкувало така во современата свест), додуша, во рамките на разумни граници. Плата добивале само чиновниците на колегиумите (министерствата), додека нижите функционери, по правило, живееле од молителите. Само без „претерани надоместоци“, милостиво стоело во документот.
Историчарката Елена Кормчина опишува случај од 1764 година кога војводата, колешкиот асесор Василиј Козлов, прецизно го формулирал проблемот на руската борба против корупцијата. „Никако не можев да ги спречам тие земања (на подредените функционери)“, бидејќи властите не го плаќаа нивниот труд. А ако самиот војвода Козлов кажел колку конкретно чиновниците треба да земат од молителите, ќе бил казнет за самоволие. Затоа што законот не прецизирал никакви „дозволени суми“.
Целиот овој лабав систем продолжил да опстојува во текот на XVIII и XIX век. Суштината и резултатите на борбата против корупцијата не се промениле. Русите продолжиле да ги доживуваат таквите дарови како нешто природно и притоа, мора да се признае, имале свои аргументи.
Современикот на Пушкин, писател и соработник на царската тајна полиција Фадеј Булгарин забележал: „Разликата е во постапките. Едни бараат од молителите и ја расипуваат праведната работа сé додека не им платат, а други си ја вршат должноста, а ако некој им донесе дар, не одбиваат“. А како да не даруваш добар човек? Така сигурно нема да се посрамите.