Александар Колчак – единствениот човек со титула „врховен владетел“ во историјата на Русија

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Во Граѓанската војна во Русија адмиралот Колчак се обиде да стане водач и симбол на целото антиболшевичко движење. Меѓутоа, неговите планови паднаа во вода.

Адмиралот Александар Василевич Колчак беше еден од најистакнатите непријатели на болшевиците во текот на Граѓанската војна во Русија, иако всушност не сакаше да се занимава со политика. Тој на почетокот на 20 век се прослави како научник, океанограф и истражувач на поларните предели, за во Првата светска војна да дотурка до командант на Црноморската флота.

Настаните поврзани со револуцијата од 1917 година во целост го превртеа животот на военопоморскиот офицер, до тој степен што тој стана челник на Белото движење, па дури и врховен владетел на Русија и единствен човек со таква титула во илјадагодишната историја на оваа земја.

Патот до врвот

Во март 1917 година во Русија беше свргната автократијата и на нејзино место беше поставена Привремената влада. Колчак во тоа време и понатаму се занимаваше со прашањата поврзани со морнарицата. Летото истата година тој како шеф на руската воена мисија замина во САД за подобро да се запознае со искуството на американските морнари. Во Северна Америка ја доби веста дека во ноември е извршен болшевичкиот преврат.

Александар Василевич се врати дома преку Јапонија и други земји од југоисточна Азија. Шокиран од фактот дека Лениновата власт во март 1918 година го потпишала со Германците сепаратниот Брест-Литовски мировен договор според кој Русија останала „покуса“ за околу еден милион квадратни километри и 56 милиони жители, се откажа од враќањето во татковината и одлучи да стапи во служба на Велика Британија.

Меѓутоа, Колчак беше премногу истакната личност за да може да се оттргне од сите настани некаде во Месопотамија. Во Русија се зајакнуваше антиболшевичкото бело движење, а западните сили се подготвуваа за интервенција, па решија да го ангажираат рускиот адмирал и да го вклучат во своите редови.

„Англиската влада најде за сходно мене да ме испрати во Сибир за интересите на сојузниците и на Русија...“ ѝ напиша тој во март 1918 година од Сингапур на својата сопруга Ана Тимирјова, со која живееше во граѓански брак. По неуспешната соработка со козачките атамани Григор Семјонов и со Иван Калмиков на рускиот Далечен Исток, Колчак замина во Сибир.

Во текот на летото оваа огромна територија ја зафати антиболшевичкото востание. Во Омск беше основан „Директориум“ кој себеси се прогласи за Привремена серуска влада. Тој ги претставуваше интересите на разнородни варијации на белото движење. На 5 ноември Колчак беше поставен за воен и поморски министер на Директориумот.

Врховен владетел на Русија

„Тој е едно големо и болно дете, чист идеалист кој робува на чувството на долг и служење на идејата и на Русија...“, вака Колчак го има опишано неговиот соборец, грофот Алексеј Будберг. Ова "дете“, меѓутоа, можеше да покаже и заби, па дури и свирепост, кога тоа беше потребно.

Веќе на 18 ноември војската го свргна слабиот Директориум и му предложи на адмиралот во своите раце да ја преземе целата воена и цивилна власт и да ја заземе должноста врховен владетел на Русија. Колчак се сложи.

„Мојата главна цел е создавање борбена армија, победа над болшевизмот и воспоставување владеење на законот и на правниот поредок, со цел народот непречено да може да го избере начинот на управување со државата по своја желба и да ги оствари големите идеи за слободата која денес се промовира ширум светот“, беше речено во првото официјално обраќање на врховниот владетел. „Ве повикувам вас, граѓаните, на единство, на борба против болшевизмот, на напор и на жртви“.

Личноста на адмиралот стана симбол на единството во Белото движење, и тоа не само на Сибир и на рускиот Далечен Исток, ами и во другите региони на Русија каде се водеше борба против болшевиците. Власта на врховниот владетел набргу ја признаа и белите генерали на југот, на северот и на северозападот на земјата.

Силите на Антантата му дадоа на Колчак воена помош, но не брзаа да го признаат неговиот статус. „Очигледна цел на превратот е без малку парламентарна власт со која пет месеци управуваше со овој крај да се замени со воена диктатура во руски манир, односно со диктатура, која има иста власт каква што имаше покојниот цар... Јасно е дека тоа е преврат кој служи како подготовка за реставрација“, со негодување во својот дневник има запишано припадникот на француската воена мисија Ж. Легра.

Ниту Колчак, ниту неговите министри, меѓутоа, тогаш не размислуваа за обновување на монархијата. Решавањето на ова прашање, како и сите насушни прашања за внатрешната политика, се одложуваа до конечната победа над болшевиците. А, дотогаш власта на адмиралот на терен ја спроведуваше главно војската, не двоумејќи се понекогаш и сурово да ги казни непослушните.

Крајот на „врховниот“ диктатор

Токму оваа суровост на режимот на Колчак беше една од главните причини за неговиот пад. Есента 1919 година адмиралот мораше да се спротивстави на голема офанзива на Црвената армија и воедно да ги задуши големите побуни во сопствената заднина.

Советските одреди на 15 ноември го зазедоа Омск, главниот град на Бел Сибир. Колчак веќе беше на пат за Иркутск кога дозна дека во градот избило востание и дека таму владата ја зазел таканаречениот Политцентар, во кој беа обединети претставници на есери и на меншевиците.

Обезбедувањето на возот на врховниот владетел на приодите на Иркутск беше во рацете на војниците на чехословачката легија под команда на францускиот генерал Морис Жанен. Оваа единица своевремено ја формираше царската власт во текот на Првата светска војна од заробени Чеси и Словаци. Беше планирано легијата да ја напушти Русија и да оди да војува на Западниот фронт, но на крај стана дел од главните актери на Граѓанската војна.

Жанен се спогоди со противничката страна тој и неговата единици безбедно да минат низ градот, со тоа што на Политцентарот да му го испорачаат Колчак, од кого повеќе немаше корист. Така адмиралот остана без обезбедување. Уапсен е на 15 јануари 1920 година на железничката станица во Иркутск заедно со претседателот на Советот на министри Викторо Пепељаев.

Александар Василевич уште во декември претчувствуваше дека се ближи трагичниот расплет, па издаде наредба врховната серуска власт да му се предаде на генералот Антон Деникин кој командуваше со белите единици на југот од земјата. Тој, меѓутоа, и самиот имаше многу проблеми на фронтовите, па ја одби титулата. „Претензии од 'серуски' размери во тоа време ќе беа сосема неумесни, а власта ќе беше фикција, додека врската меѓу судбината на Белото движење со Југот наспроти катастрофата ќе беше опасна во политичка смисла“, напиша подоцна Деникин во своите мемоари.

Александар Василевич Колчак беше стрелан на 7 февруари 1920 година. Така тој остана првиот и единствен врховен владетел на Русија во нејзината повеќевековна историја.