„И првиот маршал ќе нé поведе во бој!“ – се пееше во популарната советска песна за Климент Ефремович Ворошилов. Формално, тој беше првиот маршал на Советскиот Сојуз, со тоа што на 20 ноември 1935 година, истиот висок воен чин го добија уште четворица команданти. Меѓутоа, во свеста на народот токму Ворошилов зазеде посебно место, степен над своите колеги.
Климент Ефремович навистина имаше каде-каде многу поголемо влијание од другите воени команданти. Имено, од 1925 година тој беше на чело на воениот ресор на земјата, најпрвин како народен комесар (нарком) за прашања на војската и морнарицата на СССР, а од 1934 година како народен комесар за одбрана.
Покрај тоа, Ворошилов лично беше близок пријател и соборец на „голем водач и учител“ Сталин, со кого се запозна уште за време на Граѓанската војна. Советскиот лидер високо ја ценеше ефикасноста и личната лојалност на Климент Ефремович.
Наклонетоста на Сталин многу му помогна на Ворошилов во втората половина на триесеттите, кога влезе во конфликт со својот заменик, крајно амбициозниот и славољубив маршал Михаил Тухачевски. Двајцата имаа различно видување за методите за зголемување на одбранбената способност на земјата, а бидејќи секој од нив имаше свои поддржувачи, во воено-политичкото раководство на СССР дојде до видлив раскол.
На крај Сталин го поддржа својот стар пријател. Во 1937 година, „Црвениот Наполеон“ Тухачевски и неколку воени команданти кои ги споделуваа неговите ставови беа уапсени, обвинети за подготовка на државен удар и набргу стрелани.
Во знак на благодарност, Ворошилов активно учествуваше во масовните репресии против командниот состав на Црвената армија кои набргу зедоа замав. Без двоумење, тој испраќаше до органите на НКВД списоци со команданти кои требаше да бидат уапсени, со напомена дека „сите никаквеци“ треба веднаш да бидат отстранети. Кога неговиот пријател, командантот на армијата од 1-ва класа Јона Јакир по апсењето му испрати писмо во кое го уверуваше дека е невин, Ворошилов изјави: „Се сомневам во чесноста на нечесен човек“.
Ворошилов лично потпиша 185 списоци за стрелање. Пролетта 1939 година, од петтемина маршали на Советскиот Сојуз, само двајца беа живи, а еден од нив беше Климент Ефремович.
Додека Ворошилов беше на функцијата народен комесар за одбрана, Црвената армија целосно се префрли од застарениот територијално-милициски принцип на пополнување на составот на кадровски принцип и редовно добиваше модерни модели на вооружување. Покрај тоа, започна масовна обука на командниот состав, профукционира системот на воена обука на младите пред служење на воениот рок, постигнат е значителен напредок на полето на развој на морнарицата и воздухопловните десантни сили.
Меѓутоа, тешката и крвава Зимска војна против малата Финска во 1939-1940 година покажа дека советските Вооружени сили не се толку моќна сила каква што сакаа да ја претстават. Се покажаа големи проблеми во управувањето со силите, нивното снабдување, борбената обука и борбената координација на единиците. Се покажа дека нивото на обученост на командниот состав не е задоволително, а во рамките на Народниот комесаријат за одбрана „откриена е голема запуштеност“.
Другите воени команданти често ја доведуваа во прашање способноста на Климент Ефремович да управува со воениот ресор. Освен од Тухачевски, интензивно беше критикуван и од маршалот Георгиј Жуков.
„Треба да се каже дека Ворошилов, тогашниот народен комесар, во таа улога беше човек со слаба компетентност. До крајот остана дилетант во воените работи и никогаш не ги познаваше длабински и сериозно“, тврдеше познатиот војсководец.
Фактот дека советската армија се покажа слабо во Зимската војна го наведе и Сталин да го преиспита својот однос спрема маршалот. Во мај 1940 година Климент Ефремович беше сменет од функцијата што ја извршуваше речиси петнаесет години.
И покрај тоа, „таткото на нацијата“ не сакаше да го отстрани својот верен миленик од раководните позиции. На Ворошилов му беше доделена функцијата претседател на Комитетот за одбрана при Советот на народни комесари на СССР, кој ги координираше најважните прашања на одбранбената способност на државата.
Кога започна војната против нацистичка Германија, Сталин му даде можност на Климент Ефремович да се докаже како војсководец, но неговото командување со силите на Северозападниот правец и Ленинградскиот фронт заврши со доближување на непријателските сили до градот. После тоа, маршалот неколку пати го посетуваше фронтот како претставник на штабот на врховната команда и даваше помош при подготовката на воените операции, но повеќе не му беше доверена директна команда над војската.
Ворошилов се покажа значително поефикасен есента 1942 година на позицијата главен командант на партизанското движење. Благодарение на неговите напори, беше воведен ефикасен систем на командување со партизанските сили, а беа решени и многу проблеми на кадровската обука, финансиското и материјално снабдување на одредите и сл. Подоцна се најде на чело на Трофејниот комитет и учествуваше во Техеранската конференција.
Верниот Ворошилов остана покрај лидерот сé до неговата смрт во 1953 година, но и по заминувањето на својот покровител, тој не ја изгуби својата политичка важност. Четири години подоцна, се приклучи на таканаречената антипартиска група во обид да се отстрани Никита Хрушчов од власт.
Обидот не успеа, но Климент Ефремович и овој пат имаше среќа. Имено, како поединец, стариот маршал не претставуваше никаква опасност за Хрушчов, така што овој не инсистираше на негово исклучување од Комунистичката партија, како што ги снајде останатите членови на групата. Ворошилов набрзо се повлече од јавниот живот и последните години пред смртта ги посвети на пишување мемоари.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче