Зошто пријателите на Сталин не го преживеале Големиот терор во СССР?

Russia Beyond (Photo: Public domain)
Некои пријатели на „таткото на народите“ настрадале за време на масовните репресии во Советскиот Сојуз во триесеттите години од минатиот век. А; Сталин не сторил ништо за да ги спаси.

Пријателството со шефот на советската држава, семоќниот „градител на комунизмот“ Јосиф Сталин, можело на човека да му донесе различни предности и висока функција во хиерархијата на власта на земјата. Притоа тоа не му гарантирало лична недопирливост и безбедност.

Аполитични пријатели

Главниот услов за долго и цврсто пријателство со Сталин било целосното отсуство на интерес за политиката. Ова во целост го потврдува примерот со Пјотр Капанаѕе и со браќата Егнаташвили.

Јосиф Џугашвили (вистинското име на „големиот водач и учител“) се запознал со Капанаѕе токму во православното духовно училиште во својот роден град Гори во Грузија. Тој бил меѓу првите пријатели на идниот советски лидер.

Капанаѕе никогаш не се интересирал за политика и не заземал раководни позиции, што во голема мера овозможило ова пријателство да трае во текот на целиот живот. Сталин редовно го повикувал на одмор во својата дача и интензивно финансиски му помагал. На пример, во 1944 година на својот „другар Петја“ му испратил колосална сума од 40 илјади рубли, во време кога просечната заработка во земјата била нешто повеќе од 400 рубли.

Сталин му дозволил на Капанаѕе да напише кратки мемоари за своето детство, но лично ги прегледал, ги исфрлил непримерните и компромитирачки детали. Кон објавувањето на своите биографии „таткото на народите“ секогаш пристапувал сериозно.

Пријателството со Сталин им донело и многу добри работи на браќата Александар и Василиј Егнаташвили, со чие семејство семејството на Џугашвили отсекогаш било во блиски пријателски односи. Исто така, останувајќи надвор од политиката, тие се занимавале со професионален спорт, со предавачка дејност и со кулинарство. Кога во дваесеттите години од минатиот век државата ја спроведувала Новата економска политика (НЕП), која делумно дозволувала пазарни односи, браќата дури и воделе угостителски бизнис.

Александар Егнаташвили

Набргу по НЕП, во 1929 година, Александар како претприемач се нашол во затвор. Откако Сталин дознал за тоа веднаш го ослободил и го вклучил во своето најблиско опкружување. Егнаташвили бил личен готвач-дегустатор на Сталин, што сведочи на највисоката доверба што ја уживал.

Верни на водачот

Секако, Сталин имал голем број пријатели и меѓу политичарите во раководните структури на советската држава. Меѓутоа, ваквите пријателства опстанувале со текот на времето само доколку тие луѓе биле беспоговорно лично верни на властодржецот Сталин.

Токму таква личност бил маршалот на Советскиот Сојуз Климент Ворошилов, со кого шефот на државата се спријателил за време на Граѓанската војна. Сталин воениот командант кој не бил талентиран војсководец, но сепак бил ефикасен, го поставил на местото народен комесар за одбрана (што е позиција еквивалентна на денешен министер).

Јосиф Сталин, Надежда Алилуева, Климент Ворошилов и Екатерина Ворошилова

Кон средината на триесеттите години од минатиот век меѓу највисокото раководство на земјата дошло до раскол: Ворошилов дошол во судир со својот заменик – способниот, амбициозен и крајно независен маршал Михаил Тухачевски. Иако тој во голема мера придонел за зголемување на одбранбената подготвеност на земјата, Сталин застанал на страната на својот стар другар. Во 1937 година Тухачевски бил уапсен со обвинение дека подготвувал воен преврат и бил стрелан заедно со командантите што ги делеле неговите ставови.

Ворошилов во знак на благодарност без поговор учествувал во репресиите против командниот состав на Црвената армија, кои набргу започнале. На органите на НКВД (тогашната полиција) редовно им испраќал списоци со имиња на командири коишто треба да бидат уапсени со наредба итно да се соберат „сите предавници“. До пролетта 1939 година од петмина маршали преживеале само двајца, а еден од нив бил Климент Ворошилов.

Сталин и Ворошилов

Непокорни

Сталин можел на своите пријатели да им прости многу работи, но никако критика упатена нему или оспорување на неговите одлуки. Оние коишто изразувале сомнеж во правилноста на неговите постапки за тоа скапо плаќале.

Грузискиот благородник Александар Сваниѕе, со кого Џугашвили се дружел уште за време на школувањето во духовното училиште во Тифилис (стар назив за градот Тбилиси), бил мошне сестран човек. Не само што работел во сферата на надворешната државна политика и на надворешната трговија, ами бил и организатор и уредник на академското списание „Весник на древната историја“, автор на бројни трудови од областа на литературната критика и преведувач.

Александар Сваниѕе

За време на Големиот терор Сваниѕе неуморно го критикувал Сталин поради репресиите што ги спроведувал, залудно обидувајќи се да застане во одбрана на уапсените познаници и да го убеди Сталин да ја преиспита политиката што ја спроведува. Отворено зборувал дека водачот „не е револуционер“, што Сталина го доведувало до бес.

На 24 декември 1937 година Александар Сваниѕе бил уапсен под обвинение дека е член на антисоветска организација. Не го спасил нити фактот дека е брат на првата жена на Сталин – Екатерина (Като) Сваниѕе.

Екатерина Сваниѕе

Во сеќавањата на истакнатиот советски политичар Анастас Микојан се наведува дека во 1941 година со одлука на Сталин на Сваниѕе кој бил во затвор му било понудено помилување, доколку бара простување од Централниот комитет на партијата. Сметајќи дека не е виновен за ништо, тој ја одбил понудата и набргу бил стрелан. „Тоа е благородничка гордост“, ја прокоментирал оваа одлука советскиот лидер.

Слична судбина го снашла уште еден стар другар на Јосиф Сталин, кумот на неговата сопруга Надежда Алилуева, Авељ Екуниѕе. Секретарот на Президиумот на Централниот извршен комитет на СССР е обвинет за предавство на земјата и за шпионажа и е стрелан на 16 декември 1937 година.

Авељ Енукиѕе, Сталин и Максим Горки

Во текот на сослушувањето Екуниѕе на иследниците им ја раскажал вистинската приказна за својата тажна судбина:

„Сето мое злосторство се состои во тоа што кога ми кажа дека сака да ги осуди и да ги стрела Каменев и Зиновјев (противниците на Сталин во внатрепартиската борба), се обидов да го премислам. 'Сосо,' – му реков – 'нема сомнение дека ти наштетија, но за тоа веќе платија: ги исклучи од партијата, ги држиш во затвор, нивните деца немаат што да јадат. 'Сосо' – реков – 'тие се стари болшевици, како ти и јас. Та, нема да пролееш крв на стари болшевици! Размисли што ќе каже за нас целиот свет!' Тој ме погледна како да сум му го убил родениот татко и ми рече: 'Запамети, Авељ, кој не со мене, тој е против мене'“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња