„Јурјевата роса штити од уроци, од седум болести“, велеле руските селани кои од дамнина посебно значење ѝ давале на утринската роса, особено на Јурјевден (ден на свети Георгиј, односно Ѓурѓовден, на 23 април по стариот, а на 6 мај по новиот календар). На тој ден земјата, според верувањата, за првпат се „отвора“ па Јурјевата роса, „света вода“ од паганските времиња, се сметала за лековита. Селаните често го молеле селскиот поп или ѓаконот тој ден рано наутро да се валка по селската нива, по зимските посеви „за сноповите да бидат тешки“. „Доколку свештениците одбиеле тоа да го направат, ќе ги турнеле на земја и со сила ќе ги тркалале“, пишува историчарката Татјана Агапкина.
Тркалање поп по роса
Слободни извориСелскиот свештеник морал да најде начин да живее во мир и слога со своето паство, со своите соседи во селото. Притоа самите свештеници во втората половина од 18 век потекнувале исклучиво од духовниот сталеж – ракополагањето на граѓаните и на селаните е укинато со указ на Синодот од 1774 година. Од шеесеттите години на 18 век свештенството било ослободено од сите плаќања и обврски кон државата, освен водењето матични книги на родените (крстените), умрените и венчаните. Меѓутоа, духовно звање исто така не можело да се напушти по сопствена желба.
Свештениците не биле по избор упатувани во различни села, ами таму ги поставувал Светиот Синод. Попот во селото по правило бил дојденец и за него воспоставувањето односи со паството била една од најтешките задачи.
Од сите жители на селото свештеникот уживал најголема почит, па и стравопочит. Секој селанец кога ќе го сретнел ја симнувал капата, многумина барале благослов. Попот им бил потребен на селаните за многу работи. Како што во „Записите на селскиот свештеник“ наведува протојереј Александар (Розанов) (1825-1895), селанецот „дење, особено налето, е зафатен со работа и нема време да го повика свештеникот кај болниот; затоа тој по него најчесто оди ноќе, не обрнувајќи внимание на временските услови“.
Одбивањето да се опее починат, не е само страшен грев, но и грубо кршење на црковните правила. На старите луѓе често им се чини дека овој свет го напуштаат премногу рано. Затоа, објаснува отец Александар, „свештеникот во секоја доба на денот и ноќта, и по секакво време треба да биде подготвен за вршење на светите тајни (крштевање, опејување и друго), без оглед на каква било своја болка. Во секоја работа постои определен час за работа и определен час за одмор. Кај свештениците тоа го нема“.
Свештеникот често не бил побогат од селаните – неговите основни приходи доаѓале од земјоделството. Платата на селски свештеник, како што во статијата „Материјалната положба на парохискиот свештеник од крај на 19 и почетокот на 20 век“ има запишано Елена Панфилова, била мизерна – „според таканаречената 'просечна норма' свештеникот требал да добива 300 рубли, ѓаконот 150 рубли, а поецот 100 рубли годишно“. За споредба во 1913 година плата на обичен работник била 20 рубли месечно. Пресметано во денешни пари, свештеникот добивал 30-80 илјади рубли годишно (од 400 до 1.000 евра), но дури и тие пари не биле платени секогаш.
Василиј Перов „Поп пие чај“
Затоа свештеникот земал пари за вршење обреди: молебен за здравје на конкретно лице, за помен, за четириесетдневен помен и така натаму. Висината на плаќањата не била определена и зависела од популарноста на свештеникот кај парохијците. Секако, на свештеникот му се плаќале венчавки и погреби, а тие приходи биле најголеми.
Богата парохија имала и богат свештеник. Во средните и сиромашните средини попот и попадијата некогаш и самите обработувале земја, се занимавале со занает, имале пчеларник. Некои свештеници земјата што им била дадена на користење им ја давале на селаните за обработка, а за тоа од неа земале „руга“ – принос во намирници. Вообичаени биле редовните подароци на свештеникот од селото по повод големи празници, како христијански, така и пагански. Во Курската губернија, на пример, бил распространет обичајот на „коледе“ кај свештеникот – попот ги обиколувал домовите во текот на 12 некрстени денови од Божиќ до Богојавление и собирал подароци во намирници.
Василиј Перов „Велигденска поворка“
Третјаковска галеријаСиромашниот свештеник, за разлика од богатиот, го имал целото село покрај себе. Истакнувајќи ги позитивните особини на ваквите свештеници, селаните зборувале дека кај попот може да се дојде во секое време и во какви и да се временски пригоди, дека неговата куќа е најобична, селска. Доколку човек не може по него да испрати коњ, тој тогаш доаѓа пеш за исповед на болниот. Пари од сиромавите не зема, сака да го отслужи обредот на вересија. Со него може да се испие чаша вотка, а децата ги учи на законот Божји. Меѓутоа, на државата и на провинциското благородништво, кое исто така го опслужувал селскиот свештеник, тој им бил потребен и за уште нешто.
Започнувајќи од владеењето на Николај Први, свештеникот добива нови обврски. Власта во него гледа агроном, селски учител, лекар. Селаните, разочарани во врачовите, исто така оделе по совет кај свештеникот. Имено, до втората половина на 19 век немало селски лекари. А, попот бил писмен и читал весници.
Свештениците исто така имале задача да водат матични книги и, со развојот на државната статистика, да им обезбедуваат на властите различни податоци – за бројот на родени, за бројот на вонбрачни деца, за родени со телесни аномалии, за бројот на машките и на женските новороденчиња, за бројот на бракови, за неженетите и за немажените, за вдовците и за вдовиците и така натаму. Свештеникот требал да води сметка за временските услови, да поседува барометри и термометри, секојдневно да води за тоа белешки. Во случај на епидемија или на помор на стоката, токму свештеникот требал да се погрижи да се почитуваат епидемиолошките мерки. Од него се очекувало и да се грижи за противпожарната безбедност, инсистирајќи на тоа во секоја куќа да има кадичка со вода и кофа со песок. Освен тоа, свештеникот бил единствен селски психолог, со задача да ги решава конфликтите помеѓу сопружниците и соседите. И секој од попот очекувал да најде време и да му помогне.
Доколку свештеникот одбие да ги изврши задачите што му ги поставувала државата, била упатувана жалба до духовната „консисторија“, која била орган под црковна управа, која на свештеникот му упатувала писмен налог со напомена „за неодложно извршување“. Немало никаква смисла да се спори со раководството на епархијата, зашто епископот над свештенството имал поголема власт од царот над своите чиновници, и можел лесно да го исклучи пркосниот поп од служба.
Размарицин А.П. „Помен“
Третјаковска галеријаА, што доколку на отецот му дошло преку глава од постојаните молби на селаните и од постојаните задачи? Требал уште и да ги убедува пијаниците да не пијат, а понекогаш и да ги тера на нива на работа – зашто ако нема принос, спаијата прво ќе му се жали на попот. На строг поп веднаш ќе му префрлеле: „ти, оче, само сакаш од нас да земаш пари и на нива нѐ тераш, а молитва не читаш“.
За разлика од „добриот“ поп кој на селаните им излегувал во пресрет, особено образованите свештеници кои строго ги почитувале црковните канони, не биле популарни кај народот. Ваквите свештеници биле против народното производство на алкохол, се бореле против паганските обичаи и почитувањето на светот камен, на дрвото и друго. Барале од парохијците да ги знаат молитвите и обредите, строго се однесувале кон богохулието.
Но, дури и во тој случај се сметало за страшен грев доколку некој го навредува или го кара свештеникот. Во народното суеверие ликот на христијанскиот пастир е соединет со ликот на древниот врач. Се сметало дека попот кој е ракоположен, кој ги знае текстовите и обредите, поседува посебна моќ, која му овозможува да влијае на животните настани. На тоа укажува, меѓу другото, старото верување во лош предзнак: „средба со духовно лице, особено со свештеник, ја однесува среќата или донесува несреќа на патот“. Дури и по песната на Самуил Маршак „Предзнаци“, напишана во 1949 година, девојчето Ваља вели дека ќе добие петка на испитот ако не го сретне свештеникот на патот, зашто тоа е лош предзнак.
Да потсетиме, свештеникот во селото знаел за секое раѓање и за секоја смрт. Тој ги благословувал браковите и ги крштевал децата. Се верувало дека „лекува“ со молитва. Значи, ги имал сите атрибути на врач или на жрец, и затоа селаните, ветувајќи му богати дарови, го молеле и го наговарале свештеникот да учествува во многу стари пагански обреди, на пример, во споменатото валкање по роса.
Аким Карнеев „Крштевање“
Иркутски обласен уметнички музеј „В.П. Сукачов“„Обичајот на 'тркалање' на свештеникот не само одек на старото тркалање на врачот како манифестација на аграрна магија“, пишува познатиот филолог Александар Бобров во статијата „Тркалање по роса како паганска света тајна“, „но и факт на жива религиска полемика, насилно припојување од страна на претставник на друга, христијанска вера на паганските обреди кои продолжиле да живеат кај народот“. И овој факт не е единствен од овој вид.
На свештеникот му се припишувала способноста да ги „отвора“ границите меѓу световите. Затоа, доколку на село некоја жена имала тешко породување, го молеле попот во црквата да ги отвори царските двери за породувањето да помине полесно. Секако, селаните можеле да му се обратат на свештеникот и доколку сметале дека некој на нив фрлил маѓија. „Строг“ поп би им одржал лекција за суеверието и би им пропишал епитимија, а „добар“ би прочитал молитви за „исчистување“ и би ги пуштил со мир дома.
Понекогаш на попот му се обраќале и за повикување дожд. Се верувало, имено, дека свештеникот за таа цел треба да се полие со вода или да нурне во реката (типична „симпатичка“ магија). Кога во селото ќе починел вештер, тогаш, за да не стане вампир, свештеникот го молеле да присуствува на чинот на забивање колец од јасика во покојникот. Од свештеникот исто така барале да присуствува на ископување на телата на самоубиец од земјата и на негово фрлање во водата, што било популарен обред против суша.
Секако, раководството на епархијата можело свештеникот да го казни сурово за учество во такви обреди, но затоа селаните не би останале должни, секако, доколку на крајот падне дожд и летнината биде добра. Меѓу другото, доколку и тоа не се случело, „таква е волјата Божја“, би рекол попот, чија главна задача сепак била во селото да одржува мир и слога.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче