Мошне едноставно било да се најдете на списокот на лични непријатели на Иван Грозни. И практично неизводливо да се стане личен пријател на царот. Пред Петар Први на рускиот царски двор важело правилото на „местеничество“ (привилегирано заземање службена должност зависно од рангот на благородничкиот род). Колку што нeкој бил на повисока положба, му бил поблизок на царот: седел со него на гозби, го следел на лов, одел со него во бања... Во тој период царот немал слобода да ги избира пријателите, ами, сакал-не сакал, морал да се „дружи“ со претставниците на најугледните благороднички семејства
Петар Први го нарушил ова правило, како и многу други работи. Тој уште од младоста се дружел со странци од Германска Слобода, односно колонија во Москва кадешто живееле сите странци. И подоцна, во секоја возраст, тој склопувал познанства со секој човек, без да обрнува внимание на статусот. Главно било тој човек да „знае знаење“.
Портрет на А. К.Нартова, 18. век, автор на оригиналот Иван Никитин.
Државен музеј Ермитаж/Public Domain„Царевиот стругар“, како што го нарекувале, Андреј Константинович Нартов, ништо не му „должел“ на Петар. Напротив, изгледа дека тој со нешто го има задолжено царот. Нартов, имено, бил исклучително добар механичар. Тој го направил стругот и воедно виртуозно знаел да работи на него. Царот кај Андреј го „печел“ занаетот, иако Нартов по потекло бил „обичен човек“.
Веќе на 15 години Андреј се занимавал со стругарски занает во Московската школа за математика и наутички науки што ја основал царот. Во 1718 година Петар дознал за талентот на Андреј и го испратил на школување во Европа, а кога Нартов се вратил бил поставен за раководител на царскиот „стругарски кабинет“.
Всушност тоа била работилница за која царот купувал најнови европски стругови, а Нартов ги проверувал. Стругарскиот кабинет на Петровиот двор се наоѓал во близина на царските одаи, зашто царот сакал да се одмора, работејќи на струг. Синот на Нартов Андреј Андреевич подоцна ги запишал и ги издал татковите спомени за Петар Велики. Во нив добро е одразена херојската и ироничната црта на карактерот на рускиот император.
Стругот на А. К. Нартова. Дворска стругарска работилница на Петар Велики, 1721 година. Државен музеј Ермитаж
Netelo (CC BY-SA 4.0)„Господарот, брусејќи човечка фигура на стругарска машина, и весел што работата оди добро, го праша механичарот свој Нартов: Како брусам, што велиш? И кога Нартов ми одговори: Добро, неговото величество му рече: Е, да, Андеј, ја коски брусам одлично, но не можам со тојага да избрусам тврдоглавци“.
Или ова: „Кај неговото величество во стругарската работилница допуштено беше да влезе [...] девојката Хамилтон, којашто царот ја потапка по рамото, а потоа ѝ рече: Добро е да се сакаат девојки, Андреј, но не секогаш зашто во спротивно ќе го заборавиме занаетот. Потоа седна и почна да бруси“.
Андреј Нартов не се истакнувал со префинети манири, па по смртта на Петар бил оддалечен од дворот, но продолжил да работи како артилериски инженер. Пред смрта добил „генералски“ чин на државен советник. Починал во Петербург во 1756 година.
Мавра Егоровна Шувалова, крај на педесеттите години од 18 век, Алексеј Антропов.
Public domainСлучајот на Мавра Егоровна Шувалова е класичен пример кога споредна дворска дама од свитата на велика кнегиња ќе добие голема власт и буквално ќе „господари со ситуацијата“ во државата. Како 10-годишно девојче Мавра Егоровна се нашла во свитата на Ана Петровна, ќерката на првиот император. Мавра му припаѓала на стариот болјарски род Шепељови, но таа самата потекнувала од сиромашен огранок на овој род. Нејзиниот далечен роднина, генерал Дмитриј Шепелев, ѝ „средил“ да добие место во свитата на принцезата.
Ана Петровна во 1720 година се омажила за Карл Фридрих, војводата од Холштајн-Готроп. Нивниот син подоцна ќе стане императорот Петар Трети. Мавра Егоровна служела кај младата принцеза и во 1727 година со неа и со војводата отпатувала во Холштајн, во градот Кил, кадешто станала љубовница на војводата. „Војводата и Маврушка до крај се срозаа. Тој ниту еден ден не поминува дома, се вози со неа по градот сосема отворени, оди со неа на гости и на театар“, ѝ се пожалила Ана на својата сестра, Елизавета Петровна.
Елизавета Петровна, идната императорка, ја зела Мавра Шепељова во својата свита по смртта на сестра си во 1728 година. Мавра се вратила во Русија и станала најдобра другарка на Елизавета. Живеела со неа во Москва, на имотот Покровское-Рубцово, и била позната по тоа што со зајадлива шега можела да ја орасположи Елизавета. Мавра сакала гозби и картање. Се омажила во 1738 година за Пјотр Шувалов, којшто учествувал во превратот во 1741 година и ја довел Елизавета Петровна на тронот.
Оттогаш познанството со Мавра Шувалова било работа на голем престиж зашто таа била најдобра другарка на императорката, којашто ѝ правела друштво во старомосковските забави како што е картање и чешање на табаните пред спиење.
Мажот на Мавра ги добил сите највисоки ордени во државата и станал еден од главните великодостојници во империјата. Неговиот роднина Иван Иванович Шувалов, основачот на Московскиот универзитет, станал миленик на царицата, а генералот Дмитриј Шепељов, кој своевремено ја уфрлил Мавра Егоровна во дворската свита, станал важна личност на дворот и добил орден на свети Андреј Првозвани.
Шувалова била надмена кон непознатите луѓе, а личните непријатели ги прогонувала, користејќи ги своите врски. Од друга страна, токму благодарение на неа родот Шувалови од добата на Елизавета станал еден од најугледните благороднички родови во империјата.
Портрет на кнегињата Екатерина Дашкова, 1784, Дмитриј Левицки.
Hillwood Estate, Museum & Gardens/Public DomainПријателството на великата кнегиња Екатерина Алексеевна со кнегињата Екатерина Воронцова (Дашкова) започнало на необичен начин. Дашкова имала сестра Елизавета која му била љубовница на Петар Трети. Тој сето време го минувал со неа, игнорирајќи ја својата сопруга. За време на дворскиот преврат Екатерина Дашкова застанала на страна на Екатерина, зашто веројатно била свесна дека бунтовната сопруга на императорот има определена предност.
Дашкова тогаш имала 19 години, била самоуверена и носела машки офицерски мундир. Се чувствувала како на сцена на историски момент и можела себеси да си дозволи многу работи, меѓу другото и да упадне на заседание на Сенатот и нешто да шепоти со императорката. Можеби таквата природа на однесување го предизвикала и нивното разидување. По смртта на сопругот во 1764 година Дашкова се повлекла од дворскиот живот. Во 1769 година заминала на големо патување низ Европа, каде ја примале како пријателка на руската императорка, се запознала со Волтер, Дидро, со Садам Смит и со Беџамин Френклин.
Кога се вратила во Русија во 1782 година повторно воспоставила добри односи со Екатерина. Императорката на Дашкова ѝ го доверила местото ректор на Петербуршката Академија на науките. Набргу потоа Екатерина Романова ја основала Императорската Руска академија, чија задача била проучување на рускиот јазик. Резултат на нејзината работа е Речникот на Академијата руска во шест тома.
Последните години од својот живот Дашкова ги посветила на просветата. На нејзина иницијатива започнале да се преведуваат најголемите дела на светската литература на руски јазик. Екатерина Дашкова по ученоста се натпреварувала со Екатерина Велика и била еден од најголемите работници на руското просветителство.
29-годишниот Александар Куракин, 1781, Ричард Бромптон.
Третјаковска галерија/Public DomainНикита Панин, воспитувачот на великиот кнез Павел Петрович, немал деца. Го воспитувал вникот на својата сестра, кнезот Александар Куракин, кој од детството се дружел со великиот кнез. Куракин стекнал образование во странство, а потоа го следел Павел Петрович на многу патувања. Меѓу другото, патувал со него и во Берлин за таму да ја запознае идната сопруга на Павел Марија Фјодоровна.
Александар Куракин важел за прекрасен руски аристократ. Лично царот на Светото римско царство Јосиф Втори го окарактеризирал Куракин како „човек љубезен, со манири на највисокото општество“. А, во круговите на европската аристократија Куракин се споменува како „брилијантен кнез“ поради страста кон скапоцени украси. Неговите шешири, бастуни, еполети и одела – сѐ сјаело од злато и брилијанти.
Кога Павел станал цар, кнезот Куракин станал вицеканцелар. Тој можеби воопшто не се разбирал во управувањето со државата, но бил искусен великодостојник и ги завршувал работите благодарение на искуството и на авторитетот. Од 1808 до 1812 година бил на чело на амбасадата на Русија во Франција, која ја напуштил по нападот на Наполеон на Русија.
Портрет на кнезот Александар Куракин, 1802, Владимир Боровиковски.
Третјаковска галерија/Public DomainПостои легенда дека во 1810 година во Париз се случило нешто што на крајот ја предизвикало смртта на Куракин. Имено, за време на еден бал избил пожар, а Куракин, како вистински аристократ, не можел да ја напушти салата зафатена со пламен дури не излезат сите дами. „Брилијантниот кнез“ буквално бил окован во костум извезен со злато, па тоа и му го спасило животот, но сепак се здобил со тешки изгореници од кои го изгубил здравјето.
Во последните години од животот страдал од гихт и од други болести, но и понатаму во Москва и во Петербург организирал раскошни балови. Бил масон од висок ранг, па поради тоа и дал завет за безбрачност, но во текот на животот станал татко на над педесетина вонбрачни деца.
Портрет на поетот и драматург Алексеј Константинович Толстој во младоста, 1836, Карл Брјулов.
Public domainТрадицијата на воспитување на великите кнезови заедно со малите аристократи придонела другар на идниот император Александар Трети да биде Алексеј Константинович Толстој, подоцна познат писател и автор на романот „Кнезот Сребрени“. Алексеј Константинович бил роднина на Лев Толстој. Кога имал 14 години, Алексеј (задно со други млади аристократи) му бил претставен на принцот Александар, кој тогаш имал 13 години. И тие оставале долгогодишни пријатели.
Алексеј го фасцинирал принцот и целото свое опкружување со својата голема сила. Приборот за јадење и куката од печката можел да ги врзе во јазол, лесно го кревал престолонаследникот и го носел на рамена, а еднаш се борел со тупаници и со самиот император Николај Павлович. Овој случај во своите мемоари го опишува дворската дама Александра Росет. „Тој е многу забавен. Му предложи на царот да си ги одмерат силите. Неговото височество го праша: - Со мене? Забораваш дека сум посилен и повисок од тебе. – Тоа не е важно, јас не се плашам да ја одмерам силата со секој, зашто сум многу силен, го знам тоа.“ Кога добил дозвола да удира со сета сила, Алексеј долго се борел со императорот од два метри. „Царот со едната рака ги одбиваше нападите и од време на време велеше: Силно е момчево, силно и подвижно“. Откако на крајот забележал дека Алексеј многу се задиша, царот го крена, го бакна и рече: Секоја чест, јунаку!“
Портрет на писателот Алексеј Константинович Толстој, 1879, Иљја Репин.
Државен литературен музеј/Public DomainАлексеј Толстој се вработил во цивилна служба како чиновник, но станал познат како писател, автор на расказот „Вампир“ и соавтор на познатата литературна мистификација „Козма Прутков“. Своето пријателство со императорот не го користел за напредување во кариерата и откако во 1861 година ја напуштил службата ретко доаѓал во Петербург. За волја на вистината, еднаш Алексеј Толстој му напишал на императорот писмо со молба храмот на свети Трифун во Москва да се заштити од уривање. Александар Николаевич не одговорил на писмото.
Последните години од животот Алексеј Толстој ги посветил на патувања низ Европа и на литературна работа. Неговиот најзначаен роман „Кнезот Сребрени“ се појавил во 1863 година. Поради хроничните главоболки од кои страдал, кога веќе бил повозрасен лекарите му дале инјекции со морфиум. Тие ја предизвикале неговата прерана смрт.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче