Петте најголеми дипломатски скандали во историјата на СССР

Russia Beyond (Photo: FBI; Archive photo; Sputnik)
Советските специјални служби повеќе пати имаат доживеано фијаско поради лекомисленоста на своите соработници. Понекогаш овие неуспеси биле причина за протерување на тајни агенти и на професионални дипломати од странските земји. Се случувало советски амбасадори и агенти да станат жртви на терористички напади, како и да организираат диверзии против странски дипломати.

Напад на војник на Чан Кај Шек на конзулатот во Кантон (1927 година)

СССР сѐ уште била сосема млада земја, а во Кина пламтеле борби помеѓу владата на Коуминтанг (конзервативната партија) и кинеските комунисти. Чан Кај Шек, првиот претседател на Коуминтанг спроведувал немилосрдни репресии против комунистите во целата земја. Во градот Кантот (денешен Гоангџоу) во декември 1927 година основан е Воено-револуционерен комитет – организација на комунистите која на 11 декември кренала во градот востание прoтив Коуминтанг.

Востанието било инспирирано и поддржано од Москва, која била заинтересирана за воспоставување комунистичка власт во Кина. Меѓутоа, бунтовниците, кои најпрво го освоиле речиси целиот град, не успеале да го задржат. Имено, работниците и морнарите, на кои сметале комунистите, не се приклучиле на востанието. Владината војска на 13 декември за време на задушувањето на востанието го зазела и советскиот конзулат.

Соработници на конзуларното претставништво на СССР во Кантон

На соработниците им тргнало од рака малку да ги задржат напаѓачите со цел да се запали целата тајна документација, а потоа генералниот конзул Борис Похвалински лично им ја отворил портата на војниците. Амбасадата била опљачкана, а нејзините кинески и советски соработници биле уапсени и водени по улиците на градот како осрамотени.

Следниот ден петмина соработници на конзулатот (вицеконзулот Абрам Хасис, секретарот Владимир Уколов, службеникот Константин Иванов, криптографот Фјодор Попов и преведувачот Павел Макаров), како и седуммина кинески соработници на генералниот конзулат биле стрелани.

Стрелани соработници на советскиот конзулат во Кантон

Генералниот конзул Похвалински е уапсен и подоцна протеран од земјата. По задушувањето на востанието Чан Кај Шек наложил да се затворат сите конзулати на СССР во Кина. Иако не дошло до официјално прекинување на дипломатските односи, во текот на следните 10 години односите помеѓу СССР и Кина биле заострени, а неколкупати дури биле и на работ да прераснат во војна. Ситуацијата започнала да се поправа дури кон крајот на триесеттите години од минатиот век.

Експлозија во амбасадата на СССР во Израел (1953 година)

Во текот на последните неколку години од животот на Сталин во Москва и во Ленинград се вршеле претреси, сослушувања и апсења во врска со случајот „злосторнички лекари“ фабрикуван од страна на органите за безбедност на СССР. Лекарите биле обвинети дека основале еврејска националистичка организација со цел да го ликвидираат највисокото раководство на СССР. „Злосторничките лекари“ се обвинувани во советските медиуми, што доведе до масовна антисемитска кампања во СССР. Освен тоа, во 1952 година во случајот на „Еврејскиот антифашистички комитет“ стрелани се 13 советски Евреи, додека стотици биле подвргнати на репресија.

Во амбасадата на СССР во Тел Авив на 9 февруари 1953 година дошло до експлозија на непозната направа. Сопругата на амбасадорот Павел Ершов се здобила со повреди на лицето од шрапнел, сопругата на економот ја повредила ногата, а шоферот на амбасадорот долната вилица. Според сведоштвото на израелското обезбедување на амбасадата, дури 50 минути по експлозијата соработниците повикале брза помош, додека за тоа време траеле разговори со Москва.

Советската амбасада во Тел Авив по нападот

Иако следниот ден премиерот на Израел Бен-Гурион официјално ги осуди терористите и испрати извинување до СССР, веќе на 12 февруари амбасадорот на Израел во СССР Шмоел Елјашив прими нота дека СССР ги прекинува дипломатските односи со Израел и дека ги повлекува своите дипломати.

Советскиот амбасадор Павел Ершов во Тел Авив

За Израел ваквиот развој на ситуацијата беше мошне неповолен. Имено, СССР беше првата држава која во 1948 година ја призна израелската независност. Властите вложија многу напори, но не ги пронајдоа сторителите. Подоцна истражувачот Ами Педахзур утврди дека терористичкиот напад го организирала ционистичката терористичка организација „Царството Израел“ („Црифинско подземје“). Во мај 1953 година членовите на „Царството Израел“ се обидоа да изведат напад во Ерусалим, но беа уапсени. Нивното учество во експлозијата во советската амбасада е утврдено мошне подоцна.

Случајот Љалин (1971)

Во 1995 година од Русија во САД замина Олег Калугин, генерал-мајор на КГБ, автор на книгата „Прва главна управа. Моите 32 години во шпионажата против Западот“. Во 2002 година Калугин во отсуство беше осуден за велепредавство и за разоткривање доверливи податоци. Одземен му беше чинот генерал-мајор и беше осуден на 15 години затвор, но никогаш не се врати од САД.

Калугин во својата книга, меѓу другото, изнесе детали за страшниот неуспех на советската дипломатија и на агентурата од 1971 година. Тогаш соработникот на Првата управа на КГБ Олег Љалин, таен агент во Лондон, некаде се напил. Љалин во Англија престојувал под маската на соработник на трговско претставништво на СССР. Рано наутро, уште додека било темно, Љалин се возел низ центарот на Лондон во возило со исклучени фарови. Кога го запрел полицаец, тој почнал да протестира, тврдејќи дека е соработник на КГБ.

Олег Љалин

Со овој испад 34-годишниот Љалин се открил. СССР дознал за неговото признание и сакал за него да упати гаранции во лондонската полиција, но Љалин неочекувано исчезнал. Излегло дека веќе неколку години работел за англиската разузнавачка служба и дека пренесувал доверливи информации. На Британија ѝ ги предал речиси сите советски агенти што работеле во земјата под параванот на советската амбасада и на трговското претставништво.

„Англичаните одамна беа незадоволни од зголемениот број вработени во советските претставништва во Лондон. Во Лондон имаше многу повеќе советски дипломати одошто англиски во Москва. Англичаните се сомневаа дека меѓу нив има помал број вистински дипломати“, има запишано Леонид Млечин. Излезе дека тоа е точно. По предавството на Љалин над 100 советски агенти беа протерани од Англија. СССР можеше да врати само со протерување на 18 соработници на британската амбасада. Советската мрежа агенти во Англија потоа не успеа во целост да закрепне, а односите помеѓу земјите беа сериозно нарушени.

Олег Калугин во своите мемоари има забележано дека лично Јуриј Андропов издал наредба Љалин да се најде и да се ликвидира, но безуспешно. Соработниците на британските специјални служби го сместиле во внатрешноста на земјата, му помогнале да го смени надворешниот изглед и името. Почина во 1995 година, многу години по предавството на својата земја.

Случајот Ветров (1982-1983 година)

Потполковникот на КГБ Владимир Ветров ја уби својата љубовница Ољга Онишченко, исто така офицер на КГБ. Тие двајцата на 22 февруари 1982 година излегле на прошетка и се скарале. Ољга го обвинила Владимир дека не сака да се разведе од својата сопруга за да живее со неа. Откако ја убил Ољга со шише и отворач, Ветров усмртил и минувач кој случајно тука се нашол, по што избегал.

Владимир Ветров

На Ветров му се одземени сите звања и е осуден на 15 години строг затвор. Но, во текот на истрагата на жена си ѝ испратил писмо со молба да ја извести француската разузнавачка служба за тоа што се случило. КГБ го пресретнал писмото и дознал дека нивниот соработник не е само убиец, ами и двоен агент.

Имено, во шеесеттите години од минатиот век, додека работел во Франција под маска „трговски претставник“, Ветров ги воспоставил „потребните“ познанства, а по враќањето во Москва започнал во Европа да испраќа доверливи податоци за советската научно-техничка и индустриска шпионажа. Врз основа на податоците добиени од агентот Фарвел (кодното име што Ветров го добил во Франција) разоткриени се и протерани стотина советски агенти ширум светот.

Владимир Ветров

Во 1983 година, кога веќе се наоѓал на отслужување казна за двојното убиство, Ветров е вратен во Москва, каде е осуден за велепредавство и е стрелан.

„Московски сигнал“ (од педесеттите до осумдесеттите години од минатиот век)

За време на студената војна американската амбасада во СССР била изложена на микробраново зрачење. Антената која емитувала сигнал се наоѓала на една од терасите на деветкатницата на Новинскиот булевар бр. 18 с1, така што зрачењето било насочено директно на фасадата на американската амбасада наспроти.

Амбасадата на САД во Москва

Во амбасадата зрачењето е откриено во педесеттите години од минатиот век, но тоа долго се криело од обичните соработници. Како што изјави Џек Метлок, заменик на шефот на дипломатската мисија, Американците најпрво сакале да „сфатат која е целта на зрачењето“.

Кога во 1974 година амбасадор во СССР стана Волтер Стесел, тој нареди за зрачењето да се известат обичните соработници, меѓу кои настана паника. Самиот амбасадор наскоро се здоби со сериозни проблеми со здравјето, вклучувајќи и крвавење од очите. Меѓутоа, САД ништо не ѝ соопштија на јавноста за зрачењето, зашто во тоа време двете сили водеа преговори за разоружување. Сепак, државниот секретар Хенри Кисинџер го извести советскиот амбасадор во САД дека знае за диверзијата.

Амбасадата на САД во Москва

Волтер Стесел беше поставен за заменик на американскиот државен секретар. Но, веќе беше смртно болен од леукемија, за која неговата ќерка тврдеше дека е предизвикана од зрачењето во Москва, со таканаречен „московски сигнал“. Стесел почина во 1986 година, без да открие детали за скандалот. Неговата ќерка има забележано: „Се однесуваше како војник и не креваше паника“.

Целта на ова микробраново зрачење не е позната до денес.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња