Ким Филби: Кој беше најдобриот советски шпион во Велика Британија

Getty Images, Freepik
Англискиот аристократ Ким Филби (1912-1988) работеше во британската Тајна разузнавачка служба и десет години раководеше со одделението за борба против советската шпионажа. Притоа главниот агент на Москва во Лондон беше токму тој, односно се ловеше себеси.

Ким Филби се смееше додека го гледаше филмот „Седумнаесет моменти на пролетта“. „Со таков израз на лицето, агент не би издржал ниту еден ден“, ја коментираше Филби, Англичанец кој порано живееше во Москва, мрачната физиономија на Штирлиц кого го глуми Вјачеслав Тихонов.

Тој сигурно знаеше за што зборува. Ким Филби долго време работеше за СССР, беше на чело на ќелијата советски шпиони во Лондон. Истовремено раководеше со антикомунистичкото одделение во Тајната разузнавачка служба (SIS), што значи дека имаше задача да се лови самиот себе. Дури и во таква психички напорна ситуација Филби секогаш беше вистински џентлмен и оној што го развеселува друштвото, колегите го обожаваа. Сè дури не излезе дека е советски шпион. Оттогаш во својата земја важи за „најголем британски предавник“.

Аристократ и комунист

Харолд Адријан Расел Филби ( со прекар Ким) роден е во аристократско семејство: неговиот татко Сент-Џон Филби работеше во Британска Индија, а потоа прими ислам и стана советник на кралот на Саудиска Арабија Ибн Сауд. Судбината е интересна: Сент-Џон ги убедил Саудијците да соработуваат со Велика Британија и со САД, а не со СССР, додека неговиот син 30 години работеше за Москва.

Младиот Ким стекнал врвно образование, има завршено на Кембриџ. Тука им се приклучил на британските социјалисти. Во мемоарите Филби пишува за ова: „Кога бев студент, се трудев да ги формирам своите погледи на животот. Кога внимателно погледнав околу себе, дојдов до едноставен заклучок: богатите веќе премногу долго добро си живеат, а сиромавите многу лошо, така што дојдено е времето сето тоа да се смени“.

Желбата за рамноправност во светот довела до тоа да започне да работи за главното упориште на левицата во тоа време, а тоа беше Советскиот Сојуз. Во 1933 година Филби во Виена е регрутиран од Арнолд Дојч, советски таен агент. Подоцна, кога беше обвинет за предавство, Филби секогаш одговараше дека им останал верен на своите убедувања, што е поважно од верноста кон земјата.

Тајна војна за време на Втората светска војна

Арнолд Дојч го убедил Филби дека од таен агент во редовите на британската контраразузнавачка служба комунизмот ќе има повеќе корист одошто од обичен предан социјалист, и, почнувајќи од триесеттите години на минатиот век, Ким ги криеше своите политички убедувања. Меѓу другото, тој како дописник на списанието „Тајмс“ пишуваше репортажи за фашистичка Шпанија и јавно го фалеше генерал Франко. За него постепено се заинтересира Тајната служба и му предложи работа. Филби се согласи.

Ким Филби (десно, со завој на главата) како новинар во Шпанската граѓанска војна

Кога во 1939 година започна Втората светска војна, Филби стана незаменлив агент за советската служба. Благодарение на дешифрирањето на кодот „Енигма“ британската разузнавачка служба во текот на целата војна успешно ги читаше тајните радиограми на Германците. Додека Винстон Черчил не сакаше да ги споделува информациите со Советскиот Сојуз, Ким Филби во Москва испраќаше сè што ќе му стасаше на места.

„Сите веројатно имате слушнато за тоа дека SIS е неверојатно ефикасна организација, многу, навистина многу опасна работа. Но, за време на војната тоа не беше така“, изјави Филби на семинар за источногерманските агенти во 1981 година. Секој ден од канцеларија заминувал со куфер преполн со најнови документи и извештаи, та ги испраќал на курирот за врски. Тој ги фотографирал документите, снимките ги испраќал во Москва, а следниот ден Филби ги враќал оригиналите на своето маса.

Лична гордост на Филби била битката на Курската превлака во 1943 година. Благодарение на неговата работа, СССР дозна каде Германците планираат да го зададат решавачкиот удар (кај селото Прохоровка), па така беше задржан моќниот напад на германските тенкови, што подоцна ја овозможи победата во Курската битка. „Кога ќе го запрашаа Филби која е најголемата работа што ја направил во кариерата, тој велеше: Прохоровка“, вели за РИА Новости раководителот на прес-бирото на Надворешната разузнавачка служба на Русија Сергеј Иванов.

Прохоровка

Валкана игра

Од 1944 година Ким Филби, по пат на интриги, симнувајќи го од својата положба сопствениот шеф („Тоа беше мошне валкана игра, но нашата работа подразбира дека понекогаш треба да се извалкаат рацете“, се сеќава поранешниот агент), застана на чело на деветтото одделение на британската Тајна разузнавачка служба, кое водеше борба против комунистите. На оваа положба продолжи да пренесува информации во Москва, но тоа вешто го криеше. Толку вешто, што во 1946 година доби орден на Британската империја директно од кралот Џорџ Шести.

Белешките на Ким Филби на аукција во Сотбис

Често се наоѓаше во тесно. На пример, во 1945 година советскиот вицеконзул во Турција Константин Волков соопшти дека е подготвен во замена за политички азил и за пари да ѝ ги открие на Британија имињата на трите најважни агенти на СССР во Лондон. Филби, со оглед дека беше еден од тие три агенти, лично отиде да се сретне со Волков како претставник на Тајната служба, истовремено предупредувајќи ја централата. Волков беше уапсен. На шефовите во SIS Филби им рече дека состанокот очигледно бил само провокација.

Под сомнеж

Во 1951 година Филби повторно се најде во опасност. Тоа се случи откако двајца советски шпиони кои тој ги имаше регрутирано, избегаа во Москва: Доналд Меклин и Гај Берџес. Меклин одамна беше на работ да биде разоткриен, но Берџес, кој го имаше организирано бегството, избега самоволно, што го доведе неговиот колега во сериозна опасност. SIS дозна дека Филби и Берџес се познаваат и раководството претпостави дека е можни Филби да е третиот советски шпион. Започна сослушување.

Гај Берџес

Советскиот агент беше ладнокрвен. Го сослушуваа секојдневно во текот на неколку недели, но не го фатија во лага, ниту најдоа директни докази дека работи за СССР. На крајот го оставија на мира (иако беше тргнат од раководната позиција), а лично министерот за надворешни работи изјави дека тој е невин. Во 1955 година Филби организираше конференција за медиуми на која изјави дека со негодување ги отфрла сите обвинувања за шпионажа. „Последен пат имам зборувано со комунист, знаејќи дека е комунист, некаде во 1934 година“, рече тогаш Филби. Му поверуваа.

Бегството во Москва

Од 1956 до 1963 година Филби работеше на Блискиот Исток. Официјално беше новинар, а всушност беше агент на Тајната служба (и, секако, на Москва). За овој период од неговиот живот се знае многу малку. Во 1963 година сепак беше дефинитивно разоткриен: се поклопија сведочењата на нови бегалци од СССР на Запад со сведоштвата на старите другари за неговите комунистички ставови.

„Бараа да кажам сè што знам за КГБ, да ги наведам лицата кои и понатаму работат во Велика Британија“, пишува Филби во своите мемоари. Сепак, не морал да каже ништо, зашто неговите советски другари му организираа бегство од Бејрут во СССР (постои и верзија дека Британците намерно му дозволиле на Филби да избега на Исток за да биде избегнато скандалозно судење).

Ким Филби со последната сопруга Руфина Пухова, СССР, седумдесетти години од минатиот век.

Во СССР Филби стана почесен пензионер. На советските разузнавачки служби им предаде сè што имаше да им предаде, понекогаш одржуваше семинари за агенти, живееше во стан во центарот на Москва, се ожени со московјанка која беше 20 години помлада од него. Во малобројните интервјуа тврдеше дека за ништо не се кае и за Советскиот Сојуз велеше „ние“, но признаваше дека по малку му недостасува Англија. Како што велат разузнавачите, многу акции на Филби до денешен ден не се познати и можеби засекогаш ќе останат тајна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња