Со кого Русија ги воспоставила првите дипломатски односи?

Kira Lisitskaya (Photo: Global Look Press, imageBROKER.com/Global Look Press)
Русија подеднакво ги одржувала врските и со своите стари и вечни пријатели, и со непријателите.

Уште пред да биде основан Посолскиот Приказ во 1549 година - првата руска надворешнополитичка канцеларија - Великото Московско кнежевство - познато и како Московска Русија - почнало да гради дипломатски односи со други држави. Некои од овие односи биле тешки, но го издржале тестот на времето.

На запад

Првата европска земја со која Москва воспоставила редовни дипломатски односи била Светата столица, политички субјект под јурисдикција на католичкиот папа. Емисарите на папата стапиле во контакт со Владимир Велики, кој владеел со Киевска Русија уште во 988 година. Оттогаш, односите меѓу Светата столица и Русија се зацврстиле.

Владимир Свјатославич (Велики) и емисарите од Рим дискутираат за верата

Од почетокот на XIII век, преписката меѓу Москва и Светата столица се интензивирала и посетите на папскиот емисар во Москва станале редовни. За време на владеењето на Петар Велики во Русија кон крајот на XVII и почетокот на XVIII век Москва била заинтересирана за ставот на папата за изборот на полскиот престол, додека Светата столица се надевала дека ќе обезбеди согласност од рускиот владетел да изгради католички манастир во Москва и отворање на руските патишта за католичките мисионери кои одат во Кина.

Во 1481 година Москва воспоставила дипломатски односи со Данска, историски пријателска држава. А во 1485 година потпишала договори за сојуз со Кралството Унгарија и Венецијанската Република.

Во 1487 година, Великото Московско кнежевство и Кралството Полска - две генерално непријателски држави - воделе некаква нерегуларна дипломатска комуникација, но не успеале да воспостават редовни дипломатски односи.

Русите традиционално имале подобри односи со далечните европски држави отколку со своите непосредни соседи како Кралството Полска, на пример. Сепак, во првите две децении на 1500-тите, Москва стапила во контакт со претставниците на Шпанија, Кралството Шведска, Прусија, Франција и Ханзатската лига - средновековна трговска и одбранбена конфедерација на трговски еснафи и деловни центри во средна и северна Европа.

На исток

Кримскиот каганат станал првата источна држава со која Москва воспоставила дипломатски односи. Сè на сè, Русите настојувале да ги воспостават првите стабилни дипломатски односи со оние земји на истокот кои често претставувале извесна опасност за нејзината безбедност или имале потенцијал да ги доведат во прашање нејзините интереси.

Писмото на кримскиот кан Менгли Гиреј, упатено до великиот кнез московски Иван III од 1474 година го прокламирало пријателството на канот, единството против заедничките непријатели и гарантирало отсуство на желба и подготвеност за напад или освојување на земјите и кнежевствата кои припаѓале на московската држава.

Во 1489 година, московскиот владетел Иван III потпишал договор за пријателство и единство со канот на Ногајската Орда, конфедерација основана од номадските народи кои ја населувале Понтско-касписката степа. Меѓутоа, дипломатските контакти меѓу двете држави и понатаму биле ретки: царските пратеници ја посетувале Ногајската Орда само во итни случаи за да преговараат за коалиции или да побараат да се испрати коњаница како поддршка на царската војска.

Дипломатските односи со еден од најжестоките историски ривали на Москва – Османлиското царство – биле воспоставени во 1492 година, кога рускиот владетел Иван III и султанот Бајазит II се обиделе да ги подобрат трговските и безбедносните односи меѓу двете историски непријателски држави.

Посолски приказ

„Странските амбасадори во Посолскиот приказ“, В.Г. Шварц, 1867.

По формирањето на првата руска надворешнополитичка канцеларија во 1549 година, позната како Посолски приказ - државна институција која до 1720 година била задолжена за односите со странство - процесот на одржување дипломатски односи со странските држави станал и формално институционализиран.

Во рамките на Приказот биле формирани посебни оддели, кои имале задача да одржуваат редовни дипломатски односи меѓу руските владетели и нивните странски колеги.

На пример, на почетокот на 1680-тите, биле формирани пет одделенија во рамките на Приказот. Секое одделение било одговорно за односите и кореспонденцијата со различни групи држави: едно за Светата столица, Шпанија, Франција и Англија; друго за Шведска, Полска, Влашка, Молдавија, Турција, Крим, Холандија, Хамбург и ханзеатските градови. Посебно одделение било задолжено за Данска и Бранденбург; друго за Персија, Ерменија и Индија; а последното за Кина, Бухара, Хива и Грузија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња