Зoшто Сталин го стрелаше најмладиот советски маршал Тухачевски

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Михаил Тухачевски беше еден од најталентираните советски војсководци и воени теоретичари. Меѓутоа, беше премногу амбициозен и независен, што не му годеше на Сталин.

„Ќе ја истресеме Русија како валкан тепих, а потоа ќе го истресеме целиот свет... Ние ќе влеземе во хаос и ќе излеземе од него откако целосно ќе ја разориме цивилизацијата“, овие зборови се на Михаил Николаевич Тухачевски, крајно амбициозен и честољубив советски командант и воен теоретичар кој имаше само 42 години кога стана најмладиот маршал на Советскиот Сојуз.

Во различни периоди за него зе велеше дека е „Црвен Наполеон“ и „Советски Бонапарта“. Тухачевски имаше силна желба од корен да ја реформира Црвената армија и да ја доведе до победа над империјализмот во нова светска војна, но сопствениот воен врв го прогласи за „народен непријател“, по што беше стрелан, само неколку години пред почетокот на светската војна.

Михаил Николавич се определи за војничка кариера и се истакна како прекрасен борец во Првата светска војна, а за храброста покажана во битките во текот на шест месеци доби дури пет ордени. Меѓутоа, веќе во февруари 1915 година потпоручникот Тухачевски се најде во германско заробеништво, од кое успеа да избега дури по петтиот обид во септември 1917 година.

Набргу потоа на урнатините на Руската Империја започна да беснее Граѓанската војна и идниот маршал, иако со благородничко потекло, им се придружи на болшевиците. Сметаше дека во штотуку основаната Црвена армија има мошне подобра перспектива за напредување во офицерска кариера одошто кај „белите“. И не се прелажа.

Тухачевски се покажа како способен војсководец и набргу дотурка до командант на армијата. Успешно ги сотираше непријателите на советските власти на истокот и на југот од земјата, во војната против Полска на 29 април 1920 година му беше доверена командата со целиот Западен фронт.

„На нашите бајонети ќе му донесеме на трудбеничкото човештво среќа и мир. На Запад!“, се обрати тој на својата војска пред почетокот на познатата јулска офанзива од 1920 година. За помалку од еден месец Црвената армија им нанесе тежок пораз на Полјаците и по молскавичниот продор низ Белорусија веќе беше на приодите на Варшава. На командантот, меѓутоа, не му тргна од рака да го распали пламенот на светската револуција во Европа. Неговите единици неочекувано беа победени пред бедемите на полската престолнина.

По полското фијаско Тухачевски беше принуден да предводи казнени експедиции. Во март 1921 година го задуши востанието на морнарите против диктатурата на болшевиците што изби во Кронштадт (главната база на Балтичката флота). Нареди да нема милост со морнарите, некогашната потпора на советската власт: Жестоко да се пресметате со бунтовниците, да ги стрелате без сожалување... Не занимавајте се со заробување“.

Истата година на „Црвениот Наполеон“ му е доверено да ја задуши селанската буна во Тамбовската губернија. Војската на Тухачевски тогаш користеше проектили со хемиско полнење против определени партизански одреди бунтовнници кои се криеја во шумите.

По завршувањето на борбените дејствија Михаил Тухачевски беше на раководни положби во Вооружените сили на земјата. Беше началник на Воената академија на Работничко-селанската црвена армија (РККА), началник на Штабот на РККА и прв заменик народен комесар (министер) за одбрана. Во ноември 1935 година, кога имаше само 42 години, стана најмлад маршал на Советскиот Сојуз.

На сите функции сметаше дека главна задача му е да ја подготви Црвената армија за идната голема светска војна, за која таа, според него, воопшто не беше подготвена. Михаил Николаевич има напишано 120 труда од областа на стратегијата, оперативната вештина, тактика, воспитување и обучување на војската. Буквално го бомбардираше раководството на Советскиот Сојуз со своите „белешки“ и „идеи“ поврзани со воената реформа.

Тухачевски до најситни детали ја осмислуваше „теоријата на длабинските операции“ чија смисла се состоеше во изведување цела низа операции за разбивање на непријателската одбрана на неколку места и воведување високомобилни механизирани единици во акцијата на пробивот за постигнување оперативен успех. Главната улога во ваквите пробиви требаше да ја играат армадите тенкови кои „Советскиот Бонапарта“, за разлика од многумина свои колеги, не ги доживуваше само како средство за давање поддршка на пешадијата.

„Треба да се има предвид дека во современите услови на војување целта на уништување на непријателот мошне често не може да биде постигната само со една операција“, има напишано Тухачевски во „Прашања на современата стратегија“. „Непријателот често се измолкнува и се трга на од нападите. Поради тоа мора да се вршат повеќе операции, една по друга, со цел непријателот да се дотолчи барем пред последната линија на неговиот отпор. А, таа линија се наоѓа онаму кадешто започнуваат подрачјата кои ја потхрануваат војната“.

„На функцијата прв заменик народен комесар за одбрана М.Н. Тухачевски извршуваше обемна организациска, творечка и научна работа“, се сеќаваше маршал Георгиј Жуков. „Во средбите со него ме пленеше неговото сестрано знаење за прашањата за воената наука. Беше паметен, широкообразован професионален војник. Тој извонредно се разбираше како во областа на тактиката, така и во стратешките прашања. Добро ја сфаќаше улогата на различните видови наши вооружени сили во современите војни и умееше креативно да му пристапи на секој проблем... Во Тухачевски се чувствуваше џин на воената мисла, ѕвезда од прва величина во плејадата исклучителни војсководци на Црвената армија“.

Михаил Николаевич многу придонесе во развојот на иновативни за тоа време падобранско-десантни единици, за силите на противвоздушната одбрана, за реактивните средства за борба, за ракетните техники и за авионите торпедоносци. Тој ја нагласуваше неопходноста тенковските единици и авијацијата да се обезбедат со обучени кадри и со доволно количество средства за комуникација. Токму ова ќе ѝ недостасува на Црвената армија летото 1941 година.

Многу предлози на маршалот немаа позитивен одек кај военото и политичкото раководство во земјата. Многумина команданти сметаа дека е апсурдно да се развиваат десетици различни видови тенкови (тенкови за борба против артилеријата, за десант на пешадијата, за борба против митралези, за придружба на пешадијата, итн.). Тухачевски беше критикуван и за тоа што неговите проекти воопшто не ги земаат предвид социјалните и економски реалии во земјата која тогаш беа во период на сеопфатна индустријализација (на пример, Тухачевски во 1930 година изнесе иницијатива да се започне производство на тенкови во неверојатно количество – 100.000 примероци годишно).

Главен противник на Тухачевски беше самиот народен комесар за одбрана Климент Ворошилов. Тој во корен засече многу проекти на „Советскиот Бонапарта“. Тој, пак, од друга страна, без стегање отворено го критикуваше својот шеф, тврдејќи дека не е компетентен. И едниот и другиот во воениот врв имаа свои приврзаници. До кулминација на расколот дојде во 1937 година и беше неопходно итно да се прекине. Сталин го направи тоа, преземајќи кардинални мерки.

На 10 мај 1937 година Михаил Николаевич Тухачевски е преместен од функцијата прв заменик народен комесар за одбрана на должноста командант на Приволжкиот воен округ, а веќе на 22 мај е уапсен. Обвинет е за подготовка на воена „фашистичка “ завера во РККА со цел насилно свргнување на власта во СССР и воспоставување воена диктатура. По краткиот судски процес „Црвениот Наполен“ беше стрелан на 12 јуни.

Заедно со Тухачевски поради „учество во антисоветска троцкистичка воена организација“ уапсени и погубени беа многумина негови соборци: командантот на армијата од прв ранг Јона Јакир и Ероним Уборевич, начелникот на Фрунзевската воена академија и командант на армијата од втор ранг Август Корк и други. Сите тие беа постхумно рехабилитирани во текот на педесеттите години од минатиот век зашто беше востановено дека не се виновни.

Ворошилов отсекогаш му бил апсолутно предан на Сталин, така што во конфликтот со премногу независниот Тухачевски „таткото на народите“ го поддржуваше токму него. Покрај тоа, постоеше и верзија дека целата ситуација со Тухачевски ја „наместиле“ специјалните служби на нацистичка Германија. Наводно, во обид да ја ослабат одбранбената моќ на Советскиот Сојуз тие фабрикувале информација за маршаловите врски со германскиот генералштаб и преку трети лица ја проследиле во Москва. Оваа претпоставка, меѓутоа, не е потврдена со ништо.

Со пресметката со Михаил Тухачевски и со неговите истомисленици започна бранот сеопфатни репресии во Црвената армија, која однесе животи на десетици илјади офицери. Летото 1939 година од петмината први маршали на Советскиот Сојуз живи останаа само двајца.