Неверојатната приказна за Белка и Стрелка - првите кучиња кои се вратија од вселената

Fine Art Images/Heritage Images/Getty Images
Пред првиот човек да полета во вселената, советската вселенска програма испрати кучиња во орбитата. Во 1960 година во вселената беа испратени две кучиња-скитници. Тие ги овозможија летовите со човечки екипаж.

Откако во 1957 година СССР изведе сензационално лансирање на првиот вештачки сателит на Земјата, советското раководство постојано очекуваше подеднакво импресивни достигнувања од вселенската програма. Генералниот секретар Никита Хрушчов на секои четири години им го поставуваше на научниците веќе вообичаеното прашање: „Со што уште ќе го воодушевиме светот?“ Но, добри вести не стигнуваа.

До август 1960 година Советскиот Сојуз веќе испрати 8 кучиња во вселената. Ниедно не се врати живо. Секогаш беше мисија со ист крај. Потресната приказна за Лајка - првото куче во вселената - предизвика жестоки дискусии за тоа дали таквите потфати се морални.

Меѓутоа, вселенската трка имаше преголемо политичко значење. Советите беа опседнати со идејата дека не само куче, туку и човек може да се врати жив од вселената. Лансирањето на кучињата Лисичка и Чајка во јули 1960 година повторно заврши со несреќа и смрт на животните: во 23-та секунда од летот се распадна комората за согорување. Тогаш беше одлучено дека кучињата треба да имаат капсула за катапултирање, за во случај на несреќа да можат да бидат спасени. Тоа беше единствената корекција што беше направена пред следното лансирање. За нешто повеќе од 20 дена капсулата за Белка и Стрелка беше спремна.

Строга селекција  

Додека САД испраќаа мајмуни во вселената, Советите се одлучија за кучиња-скитници. „Како прво, многу ни одговараа скитници. Нивниот живот е комплициран: студ и глад. А тоа значи дека се навикнале на различни услови на животната средина. Второ, кучињата имаат добар однос со луѓето, кои за нив се господари. И лесни се за дресирање. И трето, физиологијата на кучињата е добро проучена уште од времето на Иван Петрович Павлов“, изјави докторот по медицина, професор Адилија Котовска, која ги подготвуваше тие кучиња и нивните мисии.

Стрелка и Белка

Белка и Стрелка, како и многу други, беа пронајдена на улица. Специјалната служба тогаш буквално шеташе по советските улици со техничка задача да најде кучки (за нив беше полесно да се направи санитарен уред) на возраст од две до шест години, тешки до шест килограми и високи 35 сантиметри. Беа избирани кучиња со посветло влакно, затоа што изгледаат подобро на фотографиите. Истовремено, во Заводот за медицинско-биолошки проблеми имаше дузина такви кучиња.

Белка беше лидер во тимот, најактивна и најкомуникативна. На тренинзите имаше најдобри резултати, беше меѓу првите што му приоѓаше на садот со храна и прва научи да лае ако нешто не е во ред. Стрелка беше женка со светла боја на влакното со темни дамки. Беше прилично срамежлива и воздржана, но успешно ги помина сите тестирања. Двете кучки беа стари околу две и пол години.

Тие ги поминаа деталните медицински тестирања и постепено се навикнуваа на идните тешкотии. Најпрвин по неколку дена им го ограничуваа просторот. Потоа им вградија електроди со цел преку сензори да ја следат нивната состојба. Постепено ги навикнуваа и на облеката и на оптоварувањето.

Кога дошло времето за летот, им ги сменија имињата. Белка и Стрелка се прекарите со кои влегоа во историјата. Но, додека живееја во институтот, ги викаа Капља и Виљна. „Поугледните“ имиња им ги смислија кога беа избрани за летечкиот одред.

17 круга околу Земјата  

Летот беше планиран за 19 август 1960 година. Во контејнерот за катапултирање, покрај кучињата, имаше и 12 глувци, како и инсекти, растенија, култури на мувла, семки од пченка, пченица, грав и кромид, некои видови микроби. А надвор од контејнерот полетаа уште 28 лабораториски глувци и 2 бели стаорци. Сите тие беа потребни за да се проучи како престојот во вселената влијае на различни организми.

Овој лет беше посебен и по тоа што првпат од вселената се емитуваше телевизиска слика. Сликата од вселенскиот брод стигнуваше до приемникот на Земјата веднаш или со мало задоцнување. За време на полетувањето, дишењето и пулсот на кучињата беа забрзани, но кога бродот стигна во орбитата, сé се нормализираше. Наскоро добија храна, супстанца слична на пивтија, која ги заменуваше и храната и водата. Садовите со вселенска храна за кучиња беа прицврстени по местото каде што лежеа кучињата. Контејнерите се појавуваа на сигнал, а кога кучињата ќе изедеа сè, се тргаа. Белка и Стрелка изедоа сè со апетит.

Потоа, во текот на четвртиот круг околу Земјата, Белка стана крајно вознемирена, се обиде да се ослободи од појасите, чувствуваше мачнина. Сепак, нејзините медицински показатели беа нормални.

По 17 круга, кучките беа успешно вратени на Земјата. Поминаа вкупно 27 часа во вселената. Помладиот научен соработник В. С. Георгиевски, кој беше член на одредот за пребарување и спасување, се сеќава: „Кога беше отворен вселенскиот апарат, Белка и Стрелка ме препознаа и почнаа да се галат. Беа во добра состојба, дури и во подобра отколку по некои тренинзи. Муцките им беа влажни, јазиците со кои ми ја лижеа раката им беа розеви. Се опуштив, па дури и ги пуштив да се прошетаат по степата“.

Што се случи подоцна

Кога беа анализирани резултатите од летот, научниците дошле до заклучок дека престојот во вселената не претставува никаква опасност за човекот. Лансирањето на Белка и Стрелка беше последното лансирање пред човековиот лет во вселената.

Капсулата за катапултирање на Белка и Стрелка. Музеј на космонаутиката.

Тоа што Белка почувствувала слабост научниците го објаснија како состојба на стрес која не го загрозува животот. Меѓутоа, поради тој случај беше донесена одлука првиот лет на човекот во вселената да се ограничи на минимален број кругови. Фактички, поради Белка, Јуриј Гагарин направи само еден круг околу Земјата.

После тоа Белка и Стрелка повеќе не летаа во вселената, туку заминаа во почесна пензија и до длабока старост живееја во Институтот за медицинско-биолошки проблеми. Во 1960-тите тие беа најпопуларните кучиња во земјата. Нивните портрети беа на постери, поштенски марки, разгледници и календари.

Неколку месеци по летот Стрелка роди шест здрави кученца, кои беа прикажани на телевизија. „Имаше и едно целосно бело кученце по име Пушок. Тоа многу ѝ се допадна на сопругата на претседателот на САД Жаклин Кенеди. Беше одлучено да ѝ се подари „синот“ на космонаутиката. Од амбасадата на САД ни дојде голема делегација во целосна тајност. Изработија документи за Пушок, го вакцинираа, а потоа го префрлија во американската амбасада со полициско возило. Тоа беше доживување! Имавме чувство како да возат некој принц“, се присетува Адилија Котовска.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња