- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Една немирна ноемвриска ноќ во 1741 година, на полноќ во касарната на гренадирот на Преображенскиот полк во коњички панцир влегла преубавата принцеза Елизавета Петровна. „Пријатели мои. Вие знаете чија ќерка сум јас, појдете по мене! Како што му служевте на мојот татко, така бидете ми и мене верни“. Со овие зборови ќерката на императорот Петар Велики им се обратила на војниците и ги повикала да положат заклетва и по неа да тргнат во јуриш на Зимскиот дворец. Гардистите кои ја обожавале Елизавета Петровна, буквално на раце ја оденеле онаму кадешто се наоѓало семејството Брауншвајг, престолонаследникот бебето Иван Антонович и неговите родители. Вака се одиграл најмирниот дворски преврат во Руската Империја.
Странски завереници
Меѓу историчарите не постои согласност во поглед на процените на странското влијание врз овој преврат. Своите услуги на принцезата ѝ ги нуделе претставниците на Шведска и на Франција, барон фон Нолкен и маркиз Шетарди, меѓутоа, според некои сведочења, на Елизавета не ѝ одговарале нивните услови. Самиот пуч бил прилично неорганизиран и дипломатските претставници не биле во целост информирани за плановите на идната императорка.
Меѓутоа, како и да е, двајца странци кои во Русија стасале од германските земји, сепак биле покрај Елизавета Петровна во овој решавачки момент. Тоа биле Јохан Герман Лесток и Христофер Јаков Шварц и двајцата, според сѐ, биле вистински авантуристи.
Лесток по потекло бил Французин, меѓутоа се родил и израснал во Линебург каде кај татка си учел медицина, завршувајќи го школувањето во Париз. Според сведочењата на историчарите, „тој од детството бил со нескротлива природа, со склоност кон гламурот и авантурите“, но бил паметен и внимателен. Лекарот, според сѐ, не бил баш најталентиран, а Лесток, мешу другото, немал ни диплома. Меѓутоа општото ниво на медицината од тоа време и неговата харизма му овозможувале добро да се снаоѓа во професијата.
Лесток во Русија се позиционирал на дворот, освојувајќи ги симпатиите на Петар Велик, за потоа да падне во немилост. Од немилоста се ослободил за време на владеењето на сопругата на Петар Екатерина Прва, станувајќи дворски лекар и прилично зближувајќи се со наследничката Елизавета. Лесток не само што ѝ помагал на принцезата во врска со медицината, ами и ја придружувал на забави. Притоа, покрај нејзиното лично опкружување, странецот успеал да им се допадне и на останатите припадници на дворската свита. За време на Ана Иоановна во владејачките кругови имал определено влијание и не бил сиромашен.
Како Лесток го заврбувал Шварц
И додека на Лесток му се припишува благородничко потекло, Шварц, пак, потекнувал од обично саксонско семејство. Не се знае како дошол во Русија, меѓутоа, благодарение на својата претприемчивост, Германецот станал учител по музика на Елизавета Петровна, иако „бил невешт музичар и одвај преживувал“, претходно.
Шварц не престанувал да бара начини да ги реализира своите таленти, па така се пробал како член на руската дипломатска мисија во Кина, како картограф, како инженер, а исто така и како соработник на географското одделение на Академијата на науките, и во тоа својство учествувал во преносот на моштите на Ана Иоановна во Петропавловскиот собор кадешто е погребана.
Авантуристичката жица и безначајноста на позицијата на Шварц всушност го привлекле Лесток. Овој авантурист со задоволство бил гледан на дворот и не предизвикувал никаков сомнеж, можеби затоа што бил оженет со собарката на Елизавета Петровна, па имал алиби за честите посети. Поради перспективите што му се отворале бил подготвен на ризик, а во себе ги спојувал енергијата и амбициите што се неопходни за успехот на целиот потфат. Подоцна за Саксонецот се пишуваше дека својата улога ја одиграл вешто, дека не привлекувал сомнеж на себе, нити на своите соработници до последниот момент плетел неколку различни интриги.
Подготовки за превратот
Според планот на Лесток Шварц ја имал улогата на агитација во војската. Саксонецот учествувал во војничките прослави, со гардистите играл карти и на сите начини се обидувал да ги освои нивните симпатии. Меѓутоа, истото го пробала и самата Елизавета, која често престојувала во касарните, не штедела на подароци и не одбивала да биде кума на војничките деца. Гардистите идната императорка ја нарекувале „мајка“.
Преку своите познаници на дворот, Шварц ги следел настаните во семејството Брауншвајг. Собарките на мајката на престолонаследникот, регентката Ана Леополдовна и камердинерот на нејзиниот сопруг, принцот Антон Улрих ги известувале заверниците за сѐ, вклучително и за документацијата што ја добивало царското семејство. Шварц имал улога на посредник помеѓу оние учесници на заверата кои поради својата положба не можеле да бидат активни толку отворено. Со тоа се занимавал и самиот Лесток, одржувајќи врски со странските дипломатски претставници.
Довербата на императорката кон Лесток, како и пристапот во носењето организациско важни одлуки во голема мера го обезбедил успехот на пучот. Во решавачките моменти тој успеал да ја зачува ладнокрвноста и да ја бодри принцезата. Така, да кажеме, наспроти самиот преврат ја посетил Елизавета Петровна со цртеж што самиот го нацртал, за да ѝ влее самодоверба. На цртежот што ѝ го врачил на својата покровителка од едната страна на хартијата се наоѓала Елизавета со царска круна, а на другата била во монашка одора, а покрај неа бесилка. Порака била дека принцезата морала да направи избор, дали сака да го преземе рускиот престол или да се најде затворена во манастир, следејќи го оттаму погубувањето на верните луѓе. За Елизавета Петровна која била навикната на изобилство и не сакала да ја погреба својата убавина во манастирските ѕидови, монашкиот живот бил најстрашна казна.
На денот на пучот и по него
Ноќта помеѓу 24 и 25 ноември, кога заверниците одлучиле да го реализираат она што го наумиле, Шварц и Лесток биле заедно со Елизавета Петровна активни учесници на настаните. Тие со неа заминале во касарните, а потоа во Зимскиот дворец каде ја запознале дворската свита со настаните.
Стапувајќи на власт, Елизавета не ги заборавила своите соборци, па така Шварц бил награден со звањето армиски полковник со кој тој, инаку, не бил задоволен. По една година добил имот во Лифандија на кој се преселил. Петнаесет години подоцна тука ќе настрада од кметовска рака. Имено, го убила селанка од имотот, бранејќи се од неговите напади.
Судбината на Лесток била нешто подраматична. Еден ден по превратот добил чин таен советник, должност прв дворски лекар, главен директор на Медицинската канцеларија и на медицинскиот факултет. Уживајќи ја наклоноста на императорката, стекнал голем имот и имал големо влијание на дворот, меѓутоа со текот на времето странските симпатии на Лесток довеле до непријателство помеѓу него и императорката. Лесток продолжил со интригите и на крајот бил обвинет за нова завера, овој пат за тргнувањето од власт на поранешната заштитничка. Бил мачен и осуден на смртна казна, но таа сепак била ублажена и бил протеран. Петар Трети кој на престолот дошол во 1762 година го вратил Лесток во Санкт Петербург кадешто му бил вратен благородничкиот статус и чиновите.