„Вистинска среќа е да ме имате за сопруг“: Урнебесни руски брачни огласи од XIX век

Russia Beyond (Photo: Freepik; Карл Булла/МАММ/МДФ)
Кога луѓето имаат само зборови, без никакви емотикони и фотографии на нивните профили, може да им се случи да се опишат себеси на најнеобични начини.

Отсекогаш било полесно да се најде партнер во мал град, каде што сите се познаваат. Многу потешко им било на оние Руси кои во втората половина на XIX век се преселиле во големите градови што не ги познавале и каде што допрва требало да стекнат познаници и пријатели.

Затоа со цел романтично зближување во повеќето големи градови се појавиле специјални „брачни“ весници. Издавањето на таквите весници не престанало ниту за време на Првата светска војна! Огласите во весниците биле скапи, се наплаќало од 1 до 3 рубли по збор (во време кога изнајмувањето евтина соба било 5 рубли месечно, додека за 1 рубља можело да се купат 15 шишиња млеко). Фотографиите биле реткост во огласите од тоа време. Затоа тие мораа да бидат концизни и во исто време да привлечат моментално внимание. Поради тоа понекогаш изгледале прилично бизарно. 

„Сиромашен сум и грд. Барам тотална спротивност. Жено, одговори. Целта е брак“.

„Угледен господин стар 40 години со стабилна работа би сакал да се запозна со полничка дама. Целта е брак“.

„Имам триесет години, смеѓа коса, средна висина, имам годишен приход од 20.000, би сакал да се запознам со убава жена. Ќе одиме во театар, ќе се возиме надвор од градот на убава зимска ноќ, а потоа ќе се грееме со чаша вино. По добро запознавање немам ништо против да се стапам во брак и на избраничката да ѝ ги понудам сите животни задоволства“.

„Убавица, 24 години, интелигентна, црна, многу елегантна, забележана во Москва и Париз по убавината и тоалетот, бара познанства, целта е брак, со милионер во години. Молам за сериозност“.

„Ни најмалку слична на Квазимодо по изглед, дојденка, млада дама на која ѝ е здодевно и нема познаници во градот, бара познанство со зрел, интелигентен, весел господин. Во случај на заемна привлечност и симпатии, можен е брак. Сакам театар, концерти. Материјалните пресметки се заемно неизбежно исклучени“.

„Поет-безумник, мистичен анархист, кој чекори над провалии, ја повикува оддалеку онаа која ќе се осуди рака под рака со него да го помине животниот пат и дознае сé. Понудата е сериозна“.

„Предизвик упатувам само на вдовици. Симпатичен јужњак, студент на Инженерскиот институт сака познанство. Целта е брак“.

„Сакам да се омажам. Црнка, со натпросечна висина, витка, не полничка, 25 години, интелигентна, велат дека не сум грда, но сиромашна, без мираз. Ми здодеа осаменоста во Сибир, сакам да се омажам во Русија и на Кавказ за господин кој не пие, целосно обезбеден, кој и мене може да ми пружи материјална помош. Ќе бидам жена полна со љубов и посветеност. Сакам семејство и домаќинство. Молам да не ме вознемируваат авантуристи и љубопитници. Исто така, нема да одговорам на никој од Томск. Адреса: Томск, Poste restante“.

„Немам ништо. Ми останаа само добрата душа, честитоста и грофовската титула. Млад, 30 години, просечно образован, сакам да се оженам со богата личност и да ѝ искажувам почит поради помошта“.

„Мажи! Кој од вас има нерасипан карактер? Ајде, одговорете! Ако ми одговорите, ќе ви одговорам. Моите барања се: да не сте премногу млади, да сте симпатични, интелигентни, со добро срце и пари за да не трпам јас, русокоса на 22 години, велат, убава, весела, полна со живот, со отворен карактер. Оној што ме разбирам молам да ми пишува за себе детално, пожелна е фотографија. Тајноста е загарантирана“.

„Зошто да лажам, пијам, пушам, играм карти, но сè умерено. Во државна служба добивам околу 2 илјади годишно. Висок и црн. Сакам да запознаам верна жена, симпатичен пријател. Целта е брак“.

„Буквално гладувам. Буквално немам што да јадам и маката ме натера на мисла за добра женидба. Чувствувам вечен нагон на глад, имам непрестајна желба да јадам. О, колку е мачно тоа. Кој ќе ми помогне, засекогаш ќе му бидам роб. Вистина, убав сум, но ужасно сиромашен и изнемоштен. Ако дојде до заемна привлечност, можеме да се обединиме со синџирите на Хименеј“.

„Вистинска среќа е да ме имате за сопруг. Младоста и убавината се со мене. Потребни ми се средства од најмалку 100 илјади, за возврат нудам статус. Госпоѓица или вдовица – мене ми е сеедно, само да не биде лишена од вкус“.

„Со чиста монархистка, убава во секој поглед и богата, сака да се ожени благородник, црн, на средни години и висина, сосема осамен, со 400 илјади имот, со заслуги и добар статус, скромен, штедлив, едноставен, добар, полн со живот, не пие и не пуши. Пожелно е невестата да ги поседува истите квалитети“.

„Млад, многу симпатичен, интелигентен Грузиец, учител, со висок раст, здрав, силен, музичар (специјалност виолина), сака да се ожени со богата дама која ќе му овозможи да заврши музичко образование. Годините се небитни. Молам за сериозни понуди“.

„Велат дека сум интересен младич. За да ги побијам овие гласини, на овој начин им се обраќам на оние жени кои сакаат да го проверат тоа со предлог да ми се обратат. Целта е брак и побивање на гласините. Мојата адреса е: поштенско сандаче на Скептик“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња