Кога мажите во Русија носеле обетки?

Russia Beyond (Константин Маковски/Уметнички музеј „Никанор Онацки“ у Сумију; Државни историјско-архитектонски и уметнички музеј-резерват „Александровска слобода“)
Во Стара Русија било вообичаено кнезот да носи обетка. Истото важело и за коњаниците за време на војната против Наполеон. Во московскиот период на Стара Русија, машките обетки биле скапоцен дел од наследството или миразот.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

„Се појави Свјатослав пловејќи по реката на скитска лаѓа. Седеше и веслаше заедно со другите, по ништо не разликувајќи се од другите. Главата му беше целосно гола, но од едната страна му паѓаше прамен коса, знак дека е од висок род. Изгледот му беше мрачен и див. На едното уво носеше златна обетка, украсена со карбункул со два бисери околу него“. Вака византискиот историчар Лав Ѓакон го опишува Свјатослав Игоревич, великиот кнез киевски, за време на неговата средба со византискиот император Јован I Цимискиј (X век).

Меч-кладенец и на увото „одинец“

Кнезот Свјатослав Игоревич, илустрација на Ф. Солнцев/Албум „Одеждата на Руската држава“, 1869.

Руските воини си ги дупчеле ушите уште од дамнина. Во културите на многу народи тоа било заштитно магиско дејство. Воините првично ја носеле обетката како амајлија која ги штити од нечистите сили, но и за да го покажат својот статус. Колку е поскап и покомплициран украсот, колку повеќе бисери или скапоцени камења има во обетката, толку е од поугледен род оној што ја носи. Опишувајќи го изгледот на Свјатослав, Лав Ѓакон вели дека „одората му беше бела и се разликуваше од другите само по тоа што беше почиста“. Тоа значи дека златната обетка била најскапоцената скапоценост што ја носел владетелот на Киевска Русија.

И мажите од племето Алани, Волшки Булгари, често носеле обетки, за што сведочат археолошките ископини на нивните благороднички некрополи. Познато е дека скитските племиња имале обетки со капче во вид на печурка, и ги носеле и мажите и жените, со што веројатно се обележувала припадноста кон племето. Обетки се носеле и во улусите на Златната Орда и оттаму се рашириле во Русија. Најпрвин биле популарни обетките со една алка. Таквата обетка на руски се викала „одинец“. Подоцна, од XIV век, сé почести се обетките со приврзок во вид на прашалник на кој се нижат мониста (една или повеќе од нив). Во 1358 година, кнезот Иван Иванович им оставил во аманет на своите двајцата свои синови по една златна обетка со бисер.

„Принцот Иван на сивиот волк“, 1889, Виктор Васнецов

Од XVI век се појавуваат обетки „двојчатки“ и „тројчатки“, т.е. со два или три приврзока. Кај кнезот Углички Дмитриј Иванович во описот на неговата ризница може да се најдат обетки „големи“ и „тројни“ со „камен јахонт“ и „лале“, украсени со „зрно“ (ситни топчиња од злато, платина или сребро), направени или во Новгород или на Исток. Јахонт е сафир или аметист, а лалето е најчесто шпинел или рубин. Обетките се направени од злато, сребро или бакарна легура, покриени со позлата и задолжително украсени со бисери.

Обетки со два прврзока, крај на XVII век, Русија.

Во Стара Русија, обетки не носеле само луѓето со висок род. И мажите од обичниот народ носеле едноставни бакарни обетки во вид на отворена полумесечина. Во XVII век во описот на имотот на еден селанец се споменува „скршена“ обетка, што е потврда дека во селските семејства дури и оштетените украси биле ценети и чувани.

„Обетки-голубци“,XVII век, стакло – XIХ век, Русија.

А што било со Русинките? Според археологот Наталија Жилина, „словенско-руската носија исконски подразбирала носење големи прстени на слепоочниците споени со метален венец (венецот бил украс што се носел на главата), а во VIII век чести биле минијатурните обетки со провизантиски облик“. Меѓутоа, Русинките од висок род во XIV и XV век не носеле скапоцени обетки. Нивниот свечен украс била „рјасната“, накит во вид на синџир прицврстен од двете страни на слепоочниците за женскиот украс на главата.

„Рјасни“ – приврзоци за украс на главата кој се ставал кај слепоочниците. Стара Русија, XII век. Сребро, позлата, лемење, филигран, зрно.

Интересно е што кнезот на градот Рузе Иван Борисович во XVI век наследил од својата мајка „две обетки со јахонт, а третата со „лале“, а потоа ѝ ги предал на својата сестра, која останала без мираз. Тоа значи дека во тоа време немало разлика помеѓу мажите и жените кога станувало збор за носење обетки. Скапоцените женски обетки повторно станале популарни во XVI и XVII век, сега под влијание на европската култура. Во описот на имотот на царицата Анастасија, првата сопруга на Иван Грозни, среќаваме „обетки со различни форми“.

Срцето од недра, обетката од уво

Како што се ширела руската држава, во неа имаше сé повеќе и повеќе Козаци. Тоа биле слободни луѓе, земјопоседници и трговци, а во исто време војници на козачката војска која ги чувала границите на Русија. Во строј се разликувале по обетките.

„Степан Разин“, 1985-1988, Сергеј Кирилов.

На левото уво обетка носеле козаците кои биле единствените син во семејството (можеле да има сестри). Обетки на двете уши значеле дека козакот е единец, а обетка во десното уво значела дека тој е последниот човек во својот род. Офицерите не ги праќале таквите козаци на опасни задачи и во најлутата битка.

Во редовите на руското благородништво, машките обетки накратко излегле од мода во текот на XVII и XVIII век. Во тоа време ги носеле главно козаците, но и европските морнари, војниците и занаетчиите, кои во Московското царство ги имало сè повеќе. Занаетчиите по потекло од германските земји често чувале златна обетка како резерва „за црни денови“, бидејќи тешко можела да се изгуби, а можела да се заложи, продаде и во очај да се пропие.

„Портрет на маж“, околу 1610-1620, Франс Пурбус.

На почетокот на XIX век машките обетки повторно влегле во мода, најпрвин во воените кругови. Хроничарот Михаил Пиљаев напишал дека таа мода била донесена „од Кавказ, од Грузијците и Ерменците“, каде што во тоа време се одвивала Кавкаската војна и каде што многу руски офицери учествувале во битките. „Обетките беа во мода, особено кај припадниците на коњаничките полкови и тешко е да се поверува дека поранешните хусари, кои кога пијат не знаат за страв, сите до еден подлегнале на оваа женска мода. И обетки не носеа само офицерите, туку и војниците“, напишал Пиљаев. Тој за оваа мода рекол дека е „женска“, меѓу другото и затоа што војниците и офицерите ги носеле украсите на своите сакани дами, како амајлија и сентиментален подарок. „Се зборува дека токму во тоа време војниците ја смислиле познатата поговорка „за драга личност не ми е жал ни за обетката од увото“ (’для милого дружка и сережка из ушка’)“, пишува Пиљаев.

Обетката во СССР

„Запорошки козак“, 1884, Константин Маковски.

На почетокот на ХХ век, обетка во машко уво можела да се види само кај козаците или Циганите. „Беше коскест и куц (во младоста на коњски трки пред царот ја скрши левата нога), носеше сребрена обетка во вид на полумесечина на левото уво, до старост и брадата и косата му останаа црни како саѓи, во лутина можеше да се распамети...“ – вака Михаил Шолохов го опишува донскиот козак Пантелеј Прокофјевич во „Тихиот Дон“.

Во советската држава, особено кога условите за живот беа заострени во текот на 1930-тите, сите детали за машкиот изглед што можеа да се сретнат кај жените беа строго отфрлани. Советските функционери и работници не можеа да носат прстени бидејќи тоа се сметаше за „буржоаска“ и „декадентна“ будалаштина. Дури и венчалните бурми излегоа од мода во првите децении од постоењето на СССР.

Хирург, водачот на мотоклубот „Ноќни волци“ на фестивалот Меѓународно бајк-шоу, 2 септемрви 1996.

„Идејно освестениот“ работник имаше физичка сила и изразени мускули, а жената беше трудбеничка, и „китењето“ некако не беше во склад со ставовите на луѓето кои ги отфрлија „оковите на малограѓанштината“. Вистина, женскиот накит постепено се враќаа на сцената и стануваа сé пофини, но машкиот накит уште долго ќе служи како симбол на „лесниот живот“. Во филмот „Брилијантската рака“ шефот на мафијата носи прстени, што се атрибути на бараба.

Се разбира, прстени носеа љубителите на модата и шверцерите, т.е. „луѓето со стил“. Но, обетката во машко уво долго време се доживуваше како ексцес во СССР. Ниту руските хипици не се осмелуваа на такво нешто. Нетрпеливоста спрема љубителите на истиот пол беше карактеристична за целото општество и поттикнувана од страна на државата, така што мажот со обетка ќе станеше жртва на првите улични хулигани на кои ќе наидеше.

Виктор Цој, „Транквилизатор“, 1984.

Дури во текот на 1980-тите обетката „одинец“ (според старата терминологија) се врати на ушите на панк и рок-музичарите, но само на левото уво. До неодамна обетката на десното уво на мажот беше алузија на алтернативна сексуална ориентација, но од 2010-тите и таа разлика речиси исчезна во сеопштата глобализација на светската мода. Сега мажите во Русија, како и во целиот западен свет, често носат обетки, а некои дури и дупчат тунели во ушите, што делува по малку страшно. Таквата мода веројатно би им се допаднала на старите и на козаците.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња