Како изгледаат најбогатите немажени девојки во Русија

Pixabay/Getty Images
Тие имаат сè во животот. Освен маж. Со оглед дека за таа улога постојат многу претенденти, ним не им преостанува ништо друго освен да отворат четири очи пред да го направат најдобриот избор.

Естер Шенкман, 26 години

Нејзин татко е бизнисменот Александар Шенкман, претседател на Одборот на директори на Амедија ТВ 4 (телевизиска станица и руски стриминг-сервис „Амедиатека“). Имотна состојба: непозната.

Ќерката на медиумскиот магнат заплови во водите на модната индустрија и таму направи име со својот ангажман. Естер ја заврши познатата американска школа за моден дизајн „Парсонс“, една од најпрестижните уметнички школи во светот и веќе стаса да работи во 25 земји.

Без оглед на тоа што нејзиниот татко долго време беше еден од организаторите на музичкиот натпревар „Нов бран“ во Латвија на кој традиционално се собираат милијардерите од целиот свет, Естер сè уште се нема омажено. Таа пишува за модата на својот блог и работи како личен стилист, па затоа е константно на релација помеѓу модните продавници на московскиот ЦУМ, Лондон и Њујорк.

Лара Винокурова, 21 година

Ќерка на „кралот“ на фармацијата Семјон Винокуров, директор на компанијата „Генфа“. Имотната состојба е непозната, приходот на компанијата е над сто милиони долари.

Таткото на Лара е на чело на руската „Генфа“ (дел од истоимената швајцарска компанија), а неговиот син Александар Винокуров е зет на министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров и раководител на инвестициската компанија „А13“. Така што Лара, буквално, е девојка од неколку милиони долари.

Една и пол година Лара има поминато во елитната американска школа „Рос“, а исто толку и „Леј скул“ во Кембриџ, а сега студира во Лондон, подготвена со звањето психолог и криминолог да ги решава најсложените случаи. Одмора на Ибица и во Дубаи, сурфа на Сардинија, а љубовта кон боречките вештини ги демонстрира на академијата за бокс „Фајт најтс“ и вели дека, и покрај сè, ќе се врати во Русија. „Британија ми се допаѓа, но ќе живеам онаму каде што ми се наоѓа домот, семејството и луѓето со руски менталитет“. Нејзиниот иден маж мора да исполни барем два критериума, да биде висок најмалку еден метар и осумдесет сантиметри, и секако да поседува смисла за хумор.

Викторија Михељсон, 27 години

Татко на Викторија е Леонид Михељсон, директор на една од најголемите гасни компании во Русија „Новатек“ и е претседател на водечкиот нафтено-хемиски холдинг „Сибур“. Вредноста на имотот изнесува 24 милијарди долари.

Според листата на најбогати луѓе на светот чиј имот надминува една милијарда долари кој е составен и објавен во списанието Форбс во март оваа година, Леонид Михељсон е најбогатиот руски бизнисмен. Уделот на неговата ќерка во капиталот изнесува 12.2 милијарди долари.

Викторија Михељсон живее на релација Лондон-Њујорк и се занимава со фондацијата „В-А-Ц“ која е основана за неа со амбиција да ги поддржува младите руски уметници. Според податоците од единствениот државен регистер на правни лица, таа во 2018 година стана единствен сопственик на градежната компанија „Нова“, изведувач на работите на гасната компанија „Новатек“.

Во принцип не дава интервјуа, мошне малку комуницира со Руси, а и понатаму добива луксузни подароци од татка си (најсвеж пример, според пишувањата на руските медиуми, е пентхаусот од 471 квадрат вреден милијарда рубли). Но, колку што е познато, таа сè уште не е омажена.

Софија Абрамович, 24 години

Ќерка на Роман Абрамович, бизнисмен, приватен инвеститор, десетти на листата на Форбс, со имот од 12.4 милијарди американски долари.

Софија важи за една од најпознатите моми за мажење во Лондон. Таа од татка си има наследено неколку милијарди, се одмора во непосредно соседство на Бекам, живее во три вили, вози блиндиран Ренџ ровер и ужива во јахтата на татка си, која е најголема и најскапа на светот.

Поради облините и љубовта кон оскудните бикини, како и кон фустаните со изрези, ја тролаат на Инстаграм, поради што извесно време го има затворено профилот... за да ослабне. Но, постои една пасија од која никогаш не би се откажала. Нејзината љубов кон коњите влече корени од детството. Со коњички спорт се занимава професионално, освојувајќи први места на турнирите.

Софија Гуцериева, 28 години

Потекнува од семејството на сопственикот на конгломератот „Сафмар“ на Михаил Гуцериев, чиј капитал вреди 3.7 милијарди американски долари (на сликата прва оддесно).

Без оглед на тоа што својот дел во бизнисот Михаил Гуцериев го пренесе на сина си, неговата ќерка Софија и понатаму е на списокот на најбогатите девојки за мажење во Русија. Уште повеќе што никој не се ни сомнева дека семејството за својата љубимица би направило многу. Еден пример веќе постои, свадбата на Саид Гуцериев во 2016 година ја шокираше престолнината. Само невестинскиот фустан чинеше 25 милиони рубли (378 илјади американски долари).

Софија има завршено на Факултетот за странски јазици на Московскиот државен универзитет и работи како заменик-директор во еден од трговските центри на нејзиниот татко. Засега не се зборува за нејзино мажење, семејството нема најдено достоен кандидат за зет, а секојдневието на ќерката таткото го има рутински опишано: „Станува во осум и пол, се подготвува, седнува во кола во девет и пол. Во шест навечер оди во теретана. Тоа е сиот нејзин живот. Има другарки. Четува со некои момчиња. Немам ништо против“, вели Гуцериев постариот.

Полина Галицка, 23 години

Потекнува од семејството на основачот на синџирот супермаркети „Магнит“ Сергеј Галицки, чиј капитал изнесува 3.4 милијарди американски долари.

Познатиот бизнисмен никогаш не сакал ќерката да тргне по неговите стапки. „Сакам да воспитам нормално дете, не би сакал мојата ќерка да се занимава со бизнис, од едноставна причина што жената и бизнисот се различни поими“, рече Галицки во интервју за „Ведомости“ уште во 2010 година.

Семејството Галицки, во принцип, сака мир и скромност. Меѓу децата од листата на Форбс, Полина е веројатно единствената која не студирала во странство, ниту во Москва. Како и родителите таа има завршено економија на Кубањскиот државен универзитет. Татко ѝ изјавуваше дека нема да влијае на изборот на ќерката, без оглед дали е професионален или личен и дека нема да ја спречува да прави грешки. Така и беше. Полина се омажи во 2015 година, а во брак не остана ниту една година. Го отвори фитнес-клубот „Сајклаб“ во 2018 година, за оваа година да го затвори.

Дарја Авен, 25 години

Потекнува од семејството на банкарот Пјотр Авен, чие богатство изнесува 5.2 милијарди американски долари.

Дарја има завршено студии по историја на американскиот Јејл, а потоа стажираше во Сотби. Отсекогаш ја интересирала уметноста. „Даша знае да се јави и да праша: Тате, ја знаеш ли оваа песна? И во тој момент започнува да рецитира стихови од Ана Ахматова на кои дури ни јас не се сеќавам“, раскажува Пјотр Авен.

Тој на децата (има уште два сина-близнаци) им овозможи да пораснат како тие сакаат, без оглед на статусот. Дарја изнајмува стан во Њујорк и работи во компанијата Естер Лаудер на скромна почетна позиција.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња