Машините за шиење „Сингер“ се појавиле во Русија во шеесеттите години на XIX век. Се увезувале од Германија. Подоцна во близина на денешен Волгоград бил формиран погон за нивно склопување, а во 1897 година се појавува акционерското друштво „Мануфактурна компанија „Сингер“, кое набрзо во подмосковскиот град Подолск изградило комплетна фабрика. Американските сопственици на компанијата паралелно се занимавале и со отворање на канцеларија во Санкт Петербург. За таа цел, на почетокот на XX век компанијата купила плац на Невскиот Проспект.
Амбициозните планови вклучувале изградба на своевиден американски облакодер во руската престолнина: седумкатница (според други извори - десеткатница) со ултрамодерна опрема. Сепак, идејата била напуштена, бидејќи во центарот на Петербург, поради неговата историска важност, била забранета изградба на објекти повисоки од 23,5 метри.
Автор на проектот бил архитектот Павел Сјузор, кој изградил околу сто згради со станови во градот. Соработката со Американците не течела без проблеми. Нарачателот барал фасадата да потсетува на надворешниот изглед на неговите њујоршки канцеларии, додека Сјузор инсистирал на локален еклектичен стил, мешавина од арт-нуво и класицизам. Освен тоа, тој не сакал да се откаже од уметничкиот пристап.
Како резултат на компромис, на главната улица на главниот град во 1904 година се појавила петкатница со атриум, мансарда и стаклена купола на аголот. Во изградбата биле користени најнапредните технологии во тоа време: зградата има железен скелет; олуците се скриени во внатрешноста на ѕидовите; воздухот во просториите бил прочистен, загреан и навлажнет; а покривот се чистел од снег со помош на автоматски парен систем.
Фасадата била обложена со гранит од различни нијанси и украсена со ковани бронзени фигури. Внатре биле вградени три лифта. Зградата добила и скулптура на орел (дело на скулпторот Артемиј Обер), на чии гради имало штит со ѕвезди и пруги, асоцијација со американското знаме.
Граѓаните различно реагирале на новото здание. Не го ценеле неговиот модерен изглед и го нарекувале „шишенце парфем“, па дури и „расипан заб во вилицата на Невскиот Проспект“. Ги иритирало и прекршувањето на правилата за висина. Имено, стаклената купола со глобусот на аголот станала новата доминанта на Невскиот Проспект.
Покрај канцелариите на компанијата „Сингер“, во зградата биле сместени банки, осигурителната компанија „Њујорк“ и трговски друштва. Така тоа стана еден од првите деловни центри во земјата.
За време на Првата светска војна, американската фирма почнала да се асоцира со Германија поради германското презиме на нејзиниот основач, дури била обвинета за шпионажа, иако „Сингер“, освен со основната дејност, се занимавал со шиење воени униформи за руската војска. Со цел да се спречат несакани асоцијации, раководството на компанијата во 1917-1918 година го издавало приземјето на американскиот конзулат.
На 20 март 1917 година американскиот конзул Норт Виншип испратил телеграма до државниот секретар на САД за револуционерните настани во Петроград, истакнувајќи дека зградата на „Сингер“ била во епицентарот на немирите.
„Во овие два дена борбите околу конзулатот беа жестоки и неколку пати се чинеше дека ништо нема да ја спаси зградата на „Сингер“. Митралезите на полицијата веројатно отвораа оган од високите позиции во оваа зграда, како и од соседните згради, а револуционерите одговараа со рафали од пушки и машинки“.
Виншип се жалел дека и покрај американските симболи на зградата и орелот на фасадата, германското име на фирмата има негативно влијание врз јавното мислење.
„Морав да го бранам американскиот орел на врвот на зградата, бидејќи се смета дека е германски орел и толпата сакаше да го сруши додека на руски не им ја објаснив разликата помеѓу американскиот и германскиот орел“.
На крај птицата на Сингеровата зграда била завиткана во американско знаме и само клунот ѝ штрчел. Во 1920-тите била отстранета од зградата.
Поради германската офанзива на Петроград, во 1918 година странските дипломатски претставништва биле евакуирани од градот. Претставништвото на компанијата сепак останало на истото место до 1922 година и по национализирањето на зградата. Но, таа морала да ја дели со советски организации, од издавачки куќи до советски комитети за цензура.
Во 1919 година во приземје и на првиот кат бил отворен Домот на книгата, пионер на државната продавница за книги во градот. Оваа голема книжарница постои и денес, а во текот на минатиот век беше затворена само три месеци за време на опсадата на Ленинград и неколку години заради реставрација.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче