Што се продава на најпознатиот бит-пазар во Русија

Јулија Хакимова
Шетаме по „бит-пазарот“, гледаме по малку морничави пластични кукли, огледало со тапацирана рамка од XVIII век, нивните продавачи и купувачи.

Во недела не може да се помине низ тесните премини на бит-пазарот кај метро-станицата „Удељнаја“. Помеѓу безделничарите и љубопитните туристи има луѓе кои очигледно знаат што бараат: по правило тоа се дизајнери на ентериер, препродавачи или „професионални“ колекционери. Некои од нив не се двоумат да се ценкаат со продавачите и се обидуваат значително да ја намалат цената нудејќи „да купат сè“.

Има и такви посетители кои носат своја стока на продажба. Еден млад човек пред мои очи вади од ранецот трошен часовник со кукавица. Не стигнав ни да ја прочитам до крај годината на производство на бројчаникот - 189... а до пред малку уморниот сопственик на тезгата одеднаш се развесели и почна со младиот човек да се договара за цената за оваа раритетна старудија.  

Во 2012 година рускиот „Форбс“ на овој петербуршки бит-пазар му го додели второто место на својата ранг-листа на „бит-пазари“ во светот. А во 2016 година британскиот „Гардијан“ го стави на листата на најдобрите „советски“ знаменитости на Петербург. На прв поглед се чини дека „Уделка“ е навистина вистинска временска машина која ве пренесува во реалноста на постсоветската пазарна трговија од почетокот на 1990-тите. Тука тезгите на антикварите се наоѓаат веднаш до купишта секакви ситници кои се продаваат од земја.

Екскурзија во минатото

Луѓето реновираат стан, па ги изнеле на бит-пазарот бабините советски сервиси и книги? Во школскиот кабинет по географија зад шкафот се пронајдени стари, мувлосани карти на СССР? „Копачи на богатства“ во во мочуриштата на Ленинградската област пронашле германски шлемови од Втората светска војна? На таванот во викендичката е пронајдена укоричена збирка весници „Ленинградска правда“ од 1986 година? Трофејниот часовник и двоглед што останаа од дедо? Се чини дека порано или подоцна сите работи ќе се најдат на бит-пазарот „Уделка“.

Додека шетам меѓу тезгите со кујнски садови што ги користеле три или четири генерации советски семејства, срцето почнува да ми се стега. Особено кога ќе видам некои карактеристични работи: избледена порцеланска шолја од која пиевме чај само неколку пати годишно, на Денот на Победата на 9 мај и на Нова година. Баба го чуваше овој сервис само за големи празници.

Излегува дека тука доаѓаат голем број сентиментални купувачи.

„Кажете, колку чини оваа статуа? Порано имав две, но внука ми ја скрши едната кога беше мала. Сега има 25 години, живее во Германија, работи многу. И јас еднаш на пет години ја претепав од лутина, бидејќи тогаш владееше немаштија. Покојниот дедо ги набави статуите преку познаник, тогаш не можеше да ги купите туку-така“, воздивнува една дрдорлива старица до мене, обраќајќи се ту на мене или на продавачката, прашувајќи која е цената на девојката од порцелан. Порано таква стоеше во креденецот на секоја советска домаќинка, а денес е популарен ретро детал, кој држи цена - најмалку 100 долари за фигурата.

Колку чини робата?

Принципот на формирање цена на пазарот „Удељнаја“ е посебна тајна. Ќе помислите дека значките, советските монети и банкноти - кои ги собираат колекционерите - чинат прилично многу, а се продаваат практично за бадијала. На секоја трета тезга има блескави значки со ликот на Ленин или олимписки прстени.

Но, и уште поинтересни работи може да се купат за помалку од илјада рубли (речиси 20 евра или долари). Од љубопитност го прашувам продавачот колку чини францускиот театарски двоглед, обложен со природна кожа. Изгледа како да има сто години. Петнаесет евра? За тие пари човек би можел и да го купи! Освен тоа, тоа е добра причина да се оди во Мариинскиот театар на историски спектакл.

Колку подлабоко навлегувате во лавиринтот на бит-пазарот, толку попримитивни се условите за тргување. Во најоддалечениот агол, продавачите не се оптоваруваат со презентација и ја постилаат својата роба директно на земја.

Таму можете да најдете работи „за љубители“: морничавите пластични кукли, старите куфери, ‘рѓосаните котлиња и избледените портрети на Ленин како да се собрани од некое ѓубриште. На оградата висат истрошени, не сосема чисти теписи. Се прашувам дали одамна ги чекаат своите купувачи?

Неочекувано, делот со роба распослана по земја се претвора во уредна трговска улица. Тука е просторот за антиквари: пространи павилјони уредени со вкус, интересни слики распоредени по ѕидовите, тезги покриени со кадифе, кристалот и среброто добро полиран. Има значително помалку луѓе, бидејќи цените се од сосема поинаква класа.

— Тоа е огледало со тапацирана рамка. Франција, XVIII век — продавачот го забележа мојот интерес за убавото нешто и реши да поразговара малку. – Чини 1200 долари.

Додуша, на пазарот „Удељнаја“ не може да се најде уште едно такво огледало.  

— А како дојдовте до него?

— Го носат добавувачи! Одамна сум во овој бизнис, имам продавница за антиквитети во центарот на градот. А тука седам во недела повеќе од задоволство.

Кај продавачот на антиквитети јас сум единствениот муштерија. Сега ми е јасно зошто продавачот не се возбудува поради тоа. Има време да ги претстави најинтересните „експонати“.

— Оној цртеж што виси горе: тоа се скици од Академијата на уметностите. Студентски вежби. Можеби дури и лично Репин: извонредно изработено! – значајно вели чичето.

— Веројатно, пред ковидот често доаѓаа странци кај вас?

— Имаше такво нешто! Еднаш имаше цела делегација кинески дипломати, купија кинеска вазна. Оволку висока, повеќе од еден метар! Рекоа дека е за подарок. Кај нив веќе нема такви. Сé продадоа во странство.

Во соседните павилјони понудата не е толку специфична. Претежно тоа се порцелански садови (ги препознав чиниите Villeroy & Boch), предмети од метал, бисти на сеприсутниот Ленин...

Одеднаш во тој ред се појавуваат витрини со ладно оружје. „Не допирајте!“ - предупредува натписот на влезот. Внатре, продавачите мрзеливо разговараат за спортски вести. Две млади Кинезинки се моткаат на прагот. Не се решаваат да влезат, меѓутоа воодушевено покажуваат со прст кон камите и ги фотографираат.

Потоа девојките се свртуваат и губат интерес за ловечката опрема, бидејќи пред нив има продавница со кукли од источно потекло. Кинезинките јурат кај нив.

Како порано, така и сега, на бит-пазарот можете да најдете повеќе странска стока отколку во која било руска продавница. Што значи дека на петербуршкиот пазар ќе можете да доживеете носталгија без разлика каде сте пораснале.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња