Зошто советските лидери го отфрлале своето и земале руско име и презиме?

Сталин, 1937 година.

Сталин, 1937 година.

Public domain
Зошто Јосиф Џугашвили си го дал себеси презимето Сталин? Зошто претставниците на советската интелигенција самите себеси си давале нови презимиња?

Денес тешко може да се замисли дека некој претседател на државата користи псевдоним како што прават естрадните ѕвезди, а своето право име никогаш повеќе да не го споменуваат. Но, пред неполни сто години во СССР тоа била стандардна ситуација. И, тоа не го правеле само политичарите на високи функции во државата, ами и научници, актери, режисери и писатели. Се сметало дека „псевдонимот“ е идеален ако веднаш се види дека потекнува од рускиот јазик.

Неприфатливо презиме

Пред доаѓањето на болшевиците на власт било тешко, и речиси невозможно, да се промени наследеното презиме. Со исклучок тоа им било дозволено можеби само на благородниците во некои вонредни околности. И на странците кои преминале во православие им било дозволено да земат руско име и презиме. Овие нови презимиња често се бирале на неколку начини. На пример Денисов е презиме од крстеното име Денис, Тучков е од прекарот „тучный“ (дебел), а Козлов од прекарот „козёл“ (јарец). Маслеников, Кључников и Свечников се презимиња од професии, и настанале од зборовите „масло“, „ключ“ (клуч) и „свеча“ (свеќа). Исто така се избирале презимиња и од географски, односно топографски називи.

Сето тоа се сменило во советскиот период, каде се укинати многу правила од претходниот, царски период. Еден од првите декрети на новата власт била дозволата за промена на сопственото презиме. Само неколку години подоцна (1924 година) дозволено е да се смени и сопственото име. Процедурата не била комплицирана, па многумина што е можно побрзо ја искористија пружената можност. Понекогаш тоа дури и било неопходно, доколку станува збор за јавна и за позната личност. Така, во 1979 година на првиот бугарски космонаут Георгиј Какалов му било забрането да лета во орбитата додека не го смени презимето (поради несаканите асоцијации што во рускиот јазик може да предизвика презимето Какалов). Така тој во вселената полета како Георгиј Иванов.

Георгиј Иванов // Космонаутското одело на Георгиј Иванов од летот на бродот Сојуз 33

„Какофонијата“ не била единствената причина за промена на презимињата.

Одомаќено презиме

Најпозната личност што го отфрлила своето неруско презиме и избрала руско бил, секако, Јосиф Сталин. Грузиец по националност, Јосиф Џугашвили, имал над 30 псевдоними, под кои бил познат во револуционерните кругови до 1911 година. Во тоа време најчесто го викале Коба, што е мошне симболично име за еден Грузиец. Имено, Коба е грузиски еквивалент на името на персискиот цар Кобадес кој кон крајот на 5 век ја покорил источна Грузија и го прогласил Тбилиси за главен град. Ваквите историски паралели, секако, му импонирале на Џугашвили.

Јосиф Висарионович Џугашвили (Сталин), 1902 година.

Од друга страна, псевдонимот Коба бил разбирлив само на Кавказот, а амбициите на грузискиот револуционер биле многу пошироки од кавкаскиот регион. Со текот на времето неговото влијание е подигнато на „федерално“ ниво, а врските со руските партиски филијали се разграниле. Во новата културна и јазична средина потребно било поинакво презиме, коешто звучи руски. Џугашвили во 1913 година за првпат се потпишал како Сталин под текстот „Марксизмот и националното прашање“, па на крајот го задржал ова презиме. Првата асоцијација со презимето Сталин е рускиот збор „сталь“, односно челик, што било мошне поволно (тука објаснуваме што всушност значи презимето на Сталин, односно неговиот псевдоним).

Генералниот секретар на СССР Јуриј Андропов имал друга причина за промена на презимето.

Непожелно потекло

Претседателот на КГБ на СССР Јуриј Владимирович Андропов. Русија, Москва.

Адропов раководеше со Советскиот Сојуз во периодот помеѓу 1982 и 1984 година. Биографите на советската партиска врхушка пишуваат дека неговото вистинско презиме било Либерман, и дека тој во текот на својот живот петпати го менувал презимето (податоците за потеклото на Андропов се сѐ уште државна тајна). Наводно неговиот татко Ведва Либерман бил полски Евреин, а Андропов е презиме од неговиот втор очув.

Криењето на сопствената национална припадност во СССР беше политичко прашање. На територијата на Советскиот Сојуз живееја 128 националности, а Русите беа основачка нација, и овој факт по завршувањето на Втората светска војна беше особено истакнуван. Првите години стимул во оваа насока даде здравицата на Сталин на приемот во Кремљ на 24 мај 1945 година, кога тој ја нагласи улогата на рускиот народ како раководна сила и тоа го окарактеризира како „најистакната нација од сите нации кои го сочинуваат Советскиот Сојуз“.

Копија од изводот од матичната книга на родените на Ј.В. Андропов од 17 март 1932 година.

Националноста во СССР се забележуваше во личните документи и дискретно влијаеше на напредувањето во кариерата, како и на пристапот до социјалните, образовните и до научните ресурси. Накусо, ако некој сакаше да дојде до определено ниво, неруското презиме во таа намера можеше да претставува пречка. Ова особено се однесуваше на еврејските презимиња. По формирањето на државата Израел во 1948 година во Советскиот Сојуз односот кој Евреите стана резервиран зашто на оваа нација ѝ се припишуваше прозападна ориентација, а исто така и патриотски ентузијазам (што според мислењето на советската власт подразбираше нелојалност кон „советската“ татковина).

Адмиралот на флотата на Советскиот Саојуз Иван Степанович Исаков (1894-1967), роден како Ованес Тер-Исакјан

Оваа борба против космополитизмот (како што се нарекуваше политичката кампања против западните тенденции) продре во сите сфери на животот, од литературата и уметноста до хуманистичките науки. Поради тоа многумина претставници на креативната интелигенција тежнееше да ја подобри својата положба со промена на името и на презимето. Меѓу нив беше и советскиот војсководец, адмиралот на флотата Иван Исаков (Еременецот Ованес Тер-Исакјан), како и народната уметница на СССР Фаина Раневскаја (Еврејка која по раѓањето го добила името Фани Фелдман), глумецот Инокентиј Смоктуновски кој потекнува од семејство на полски Евреи, протерани во Сибир, и многумина други.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња