- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Царското место на Иван Грозни
Јавен домен
Во Стара Русија, посебното „царско место“ се нарекувало „трон“ - специјално украсено столче во црква под мал покрив, каде што се молел царот. Најпознатиот и најстариот сочуван престол е „Мономаховиот трон“ во Успенската црква на московскиот Кремљ.
Државен историски музеј
Потекнува од 1551 година, а за себе си го подготвил царот Иван Грозни. Според легендата, првиот таков престол го испратил во Русија лично византискиот император Константин Мономах.
Престолот од слонова коска на Иван Грозни
Wikipedia / Shakko
Ова е дрвен престол покриен со плочки од слонова коска, со што се алудира на библискиот престол на царот Соломон. На изрезбаните плочки се прикажани сцени од животот на кралот Давид. На потпирачот се наоѓа двоглав орел, како и над потпирачот, овој пат во злато.
Wikipedia / Shakko
Се смета дека престолот му припаѓал на Иван Грозни, иако првпат се споменува неколку децении по неговата смрт, дури кон средината на XVII век. Не се знае кој го изработил и од каде потекнува. На крунисувањето на Николај II, на него седеше царицата Марија Фјодоровна.
Престолот на Борис Годунов
Московски Кремљ / Sputnik
Овој престол најверојатно бил подарок од персискиот шах Абас Велики на царот Борис Годунов, кој ја презел власта по династијата Рјуриковичи. Токму тоа го објаснува ориенталниот низок наслон. Персиските мајстори богато го украсиле тронот со злато, додавајќи му цела колекција скапоцени камења - тиркизи, турмалини и рубини. На ткаеното кадифено платно се изработени цветни мотиви. Се смета дека ова е еден од најстарите зачувани церемонијални тронови во Русија.
Дрвениот престол на Михаил Романов
Wikipedia / Shakko
Ова е уште еден подарок од шахот Абас Велики, овој пат за првиот цар од династијата Романови, Михаил Фјодорович. На почетокот на XVII век престолот го направиле персиски мајстори. Дрвената основа е покриена со златни плочки и скапоцени камења, вклучувајќи стотици рубини, турмалини и сафири, како и бисери.
Се смета дека царот Михаил го носел својот престол со себе насекаде, исто така и во воените походи (поради што дел од златото и камењата биле изгубени). Долго време по смртта на царот, тронот стоел во Успенската црква во Кремљ и се користел за крунисувања (веројатно како место за царицата). Покрај тоа, токму овој трон бил избран од царот Николај II за неговото крунисување во 1896 година.
Дијамантскиот престол на Алексеј Михајлович
Московски Кремљ / Мерцедин / Павел Балабанов / / Sputnik
Овој раскошен престол на крајот на XVII век бил направен од персиски мајстори. За историчарите сè уште е мистерија како стигнал до царот Алексеј Михајлович. Според една верзија, тоа бил подарок од персискиот шах, според друга, подарок од ерменска трговска компанија, додека според трета, рускиот император го купил самиот. Во секој случај, по набавката на овој престол, започнале преговори за тоа иранските трговци да можат да ја превезуваат својата стока преку руска територија.
Престолот од сандалово дрво е обложен со златни и сребрени плочки и украсен со речиси илјада дијаманти. На потпирачот се прикажани фигурите на апостол Петар и Свети Никола. Се смета дека ова е најбогато украсениот руски царски престол. Подоцна често се користел на крунисувањата заедно со престолот на Михаил Фјодорович.
Двојниот престол на Иван V и Петар I
Московски Кремљ / Wikipedia / Shakko
Овој необичен сребрен престол бил направен 1682-83 година по посебен повод. За прв и последен пат во руската историја, Русија истовремено добила два цара. И двајцата биле синови на Алексеј Михајлович, но од различни бракови. Зад двајцата стоеле влијателни семејства кои на престолот го туркале својот наследник. Иван бил 5 години постар и имал поголемо право на престолот, но бил многу болно и слабо дете. Затоа заедно со него бил крунисан енергичниот и амбициозен Петар. Но, фактички, со двајцата малолетни цареви заедно владеела нивната постара сестра Софија. На престолот било направено и посебно прозорче низ кое Софија им шепкала совети на своите браќа.
Позлатениот престол е украсен во барокен стил со техника на цизелирање по метал. Богато е украсен со симболи на власт: двоглави орли, лавови, еднорози, круни и глобуси со крст. Седиштата се покриени со кадифе.
Големиот императорски престол
Don-vip (CC BY-SA 4.0)
Во 1731 година овој престол бил изработен во Лондон од Николас Клаузен за царицата Ана Ивановна. Тронот се наоѓал во Големата престолна сала на Зимскиот дворец во Петербург на посебно возвишение со мал покрив. Потпирачот на престолот (како и задната страна на целата структура) е украсен со извезени двоглави орли.
Престолот на Елисавета Петровна
Wikipedia / Shakko
Царицата Елисавета Петровна обожавала раскош и китнесто украсување. Затоа била љубител на барок и рококо стилот. Нејзе ѝ припаѓал престолот од дабово дрво од 1742 година со златни орнаменти преслечен со кадифе.
Престолите на Павел I
Павел I бил голем љубител на церемонии. Од него до наше време се зачувани неколку тронови. Имено, во секоја своја резиденција тој чувал по еден. Во омилениот дворец во Гатчина имало ваков престол со приказ на малтешкиот крст и малтешката круна (затоа што Павел бил голем мајстор на Малтешкиот ред, а не само рускиот цар).
Wikipedia / Shakko
Во Зимскиот дворец Павел седел на друг престол, дело на дворскиот архитект Христијан Мејер. Воедно, се смета дека и двата од овие престоли се копии на Големиот императорски престол од 1721 година.
Wikipedia / Shakko
Павел имал и посебна свечена столица само за големиот мајстор на Малтешкиот ред (на која нема дури ни двоглав орел, иако ногарките се направени во вид на два орла).
Starus / Јавен домен
Овој престол е дело на архитектот Џакомо Кваренги и е направен во 1798 година за Малтешката капела на Воронцовскиот дворец, кој Павел му го подарил на Малтешкиот ред.
Престолот на Александар III
Damien (CC BY-SA 2.0)
Претходниците на Александар III во текот на XIX век имале класични европски престоли без никакви посебни украси (освен можеби извезен грб на потпирачот). А Александар фактички го вовел во мода „рускиот стил“ и враќањето на корените. Затоа неговиот престол, толку богато извезен, како одора на староруски цар, со монограм А, ја красел престолната сала на Гатчинскиот дворец.
Wikipedia / Shakko
Престолот на Николај II
Николај II посветувал многу внимание на историското наследство (особено ако се земе предвид дека за време на неговото владеење династијата Романови прославила 300 години владеење). За него биле изработени неколку престоли кои потсетувале на троновите на старите московски цареви. На пример, ваков тип на трон се наоѓал во Андреевската сала на Големиот кремљовски дворец. Додека за своето крунисување Николај го избрал престолот на првиот Романов - царот Михаил Фјодорович.