- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Бункер во московското метро
Веднаш по почетокот на Втората светска војна, на Сталин му беше доделен работен кабинет кој се наоѓаше околу 35 метри под метро- станицата „Кировскаја„ (сега „Чистие Пруди“). Покрај кабинетот на Сталин, таму се наоѓаше и штабот на ПВО.
Возовите не запираа на таа станица. Платформата беше оградена со висок ѕид што ја делеше канцеларијата на врховниот командант и центарот за врска кој се наоѓаше внатре. Сталин влегуваше во бункерот минувајќи низ таен тунел, кој водеше до командното место на штабот на ПВО.
2. Бункер во Кунцево
Оваа резиденција на Сталин е изградена во близина на Москва во 1934 година (денес е во границите на градот), во близина на денешниот Парк на Победата. Диктаторот живееше тука последните две децении од својот живот до неговата смрт на 5 март 1953 година.
На почетокот резиденцијата не беше опремена со никаква зајакната подземна заштита. Новиот бункер изграден 15 метри под земја беше готов дури во март 1942 година.
Бункерот беше релативно голем. За зајакнување на конструкцијата беа користени неколку слоеви железни шини. Во бункерот беа изградени два посебни ходника, за Сталин да не наидува на службениот персонал што работеше под земја. Ѕидовите на кабинетот на Сталин и другите одаи се украсени внатре со дрвени панели.
Имаше канцеларија со овална дабова маса за состаноци на Советот за одбрана. Во бункерот имаше и мала спална соба за Сталин, доволно голема за кревет и ноќно ормарче.
Се зборува дека бункерот бил поврзан со Кремљ преку таен тунел и системот „Метро-2“.
3. Бункер во Измајлово
Бункерот во Измајлово е изграден за време на изградбата на централниот стадион со различни спортски објекти. Покрај стадионот, се градеше и таен подземен објект за Сталин и раководството на советската војска.
Кога во 1939 година беше завршена изградбата на бункерот, изградбата на стадионот беше запрена. Подземниот објект имаше канцеларија, конференциска сала и кантина.
Подземниот објект беше отворен за туристи по реконструкцијата во 1996 година. На посетителите им беа претставени различни артефакти од ерата на Сталин. Меѓутоа, некои експерти ја доведуваат во прашање нивната автентичност, како и фактот дека подземниот објект некогаш бил замислен како бункер за Сталин.
4. Бункер во Кремљ
Има малку информации за бункерот на Сталин во Кремљ. Според некои извори, изградбата на бункерот започнала на почетокот на Втората светска војна, но била завршена дури во средината на 1942 година, кога Германците биле отфрлени од Москва и повеќе не можеле да ја бомбардираат.
Современиците велат дека ова место повеќе личело на подрум пренаменет како засолниште од воздушни напади отколку на вистински бункер кој може да обезбеди вистинска заштита при бомбардирање.
Адмиралот Иван Исаков, кој ја посетил подземната канцеларија на Сталин во Кремљ во зимата 1941 година, забележал дека внатрешноста е слична на канцеларијата на Сталин: „Истите високи дабови панели, истата маса, истите портрети на Ленин и Маркс на ѕидот, па дури и завесите што ги покриваа непостоечките прозорци беа исти“.
5. Бункер во Самара (Кујбишев)
Кога нацистичките трупи се приближија до Москва на почетокот на Втората светска војна, советското раководство одлучи да го евакуира главниот град и да го премести во градот Кујбишев (сега Самара).
Во тој случај, на Сталин ќе му беше потребен и бункер, кој брзо почнаа да го градат. Народниот комесар на железницата Лазар Каганович нареди почеток на изградбата која, според планот, требаше да биде завршена за три месеци. Во наредбата беше прецизирано дека новиот бункер мора да ги заштити жителите од бомби и гас, да биде длабок најмалку 25 метри и да има најмалку 200 квадратни метри.
Околу 4000 луѓе, меѓу кои и инженери и техничари, пристигнаа во Кујбишев од Москва за градежните работи заедно со специјална опрема.
На крај работниците изградија бункер кој имаше четири работни соби, конференциска сала и просторија за рекреација. Најдлабоката точка на подземната структура се наоѓаше повеќе од 30 метри под земја. Таму се наоѓаа канцеларијата на Сталин и собата за состаноци.
Останатите простории се наоѓаа поблиску до површината во вертикалното окно со дијаметар од 7,5 метри. Окното беше поделено на 9 ката, од кои 5 ката заземаа услужните објекти - комората за филтрирање и вентилација, контролната соба, просторија за акумулатори итн.
И покрај сите напори вложени во изградбата, Сталин не ја напушти Москва, бидејќи советската одбрана го запре нападот на непријателот.