- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
„Први денови под вода. Во близина гледам карпа, обрасната со подводна џунгла. Таму цути живот. Во вдлабнатината се смести ракот Мирка. Тој понекогаш излегува од своето скривалиште, флегматично ползи по карпата и притоа цело време нешто џвака. Падна ноќ. Час на едниот, час на другиот прозорец се гледа молња – осветуваат наједноставните микроорганизми“, запишал во август 1966 година аматерот по акванаутика Александар Хајес, станарот на првата подводна куќа во СССР.
Шеесеттите години во Советскиот Сојуз беа обележани со желбата за освојување не само на космичките пространства, ами и на подводните длабочини. Пионери во ова поле беа донецките нуркачи, чиј ентузијазам беше поттикнат од сведоштвото за успешните експерименти на Жак Кусто. Во 1962 година Французинот на морското дно во Марсеј ја спушти првата подводна куќа на светот „Коншелф 1“, во 1963 година „изгради“ цело село на дното на Црвеното море.
Куп метал и жив ентузијазам
Додека на Запад со создавање и со тестирање подводни објекти се занимаваа професионалци, во СССР првиот обид го направија аматери – членовите на нуркачкиот клуб „Ихтиандар“, наречен по јунакот на романот „Човекот-амфибија“ на советскиот писател на научна фантастика Александар Бељаев.
Составувањето подводна куќа започна есента 1965 година. Листови железо – идните ѕидови – на аматерите им ги донираше донецкиот Институт за рударска механика и техничка кибернетика. Компресорот што им ги полни боците на нуркачите со воздуг беше пронајден на аеродромот и беше поправен. Ентузијастите имаа на располагање само расходуван електричен генератор, но и тој вршеше работа.
Првата подводна куќа
Првата подводна куќа во СССР според обликот потсетуваше на мал хангар со лачен покрив, неговата површина изнесуваше 6 квадратни метри, а можеше да прими две лица. Внатре имаше два кревета на кат, масичка со телефон, контролни и медицински инструменти, санитарен јазол. Погледот се даваше низ четири прозорци. Вентилацијата беше проектирана така што акванаутите можеа дури и да пушат во куќата. Струја, слатка вода и воздух требале да добиваат преку цевки и кабли, а храната за станарите – со дневен внес од 5.000 калории – требаше да им ја носат други нуркачи.
Архивска фотографија
На 5 август 1966 година куќата беше префрлена на ‘ртот Тарханкут на Крим. Тамошните водени длабочини во тоа време веќе беа добро истражени: тука беа пронајдени древни амфори и предмети за секојдневна употреба од скитските племиња. На ‘ртот нуркачите поставија шаторска населба за сто лица. Инженерите и спасителите дежураа на брегот и го обезбедуваа изведувањето на експериментот. Лекарите го следеа дишењето, крвотокот, метаболизмот, психичката состојба на нуркачите. Снимателите ги забележуваа историските моменти. За животот под вода се подготвуваа тројца нуркачи.
„Со хируршка прецизност“
Првиот обид куќата да се спушти на длабочина од 11 метри со помош на пет бетонски блокови беше изведен на 19 август, но плановите беа попречени поради тридневната бура која ги расфрла блоковите низ целиот залив. На 23 август започна вториот, овој пат успешен, обид. Куќата до местото на спуштање беше префрлена со весла, зашто откажа моторот на чамецот.
Првиот станар на куќата беше претседателот на нуркачкиот клуб, хирургот Александар Хајес, кого во длабочините го испрати колегата Жора Тунин. Првите неколку дена Хајес ги мина сам под водата.
Архивска фотографија
„Куќата се нишаше во текот на целата ноќ. Неколку пати се разбудив во ужас – го губев чувството за простор; понекогаш ми се чинеше дека ќе пукнат сајлите и дека ќе морам стрмоглаво да итам кон излезот, но каде е тој, на која страна? И каде да ја барам карпата под којашто се наоѓа нуркачката опрема во случај на опасност?! Секој пат загрижено се јавував во базата, но смирен глас ми повторуваше: 'Саша, сѐ е во ред...' Сега сите сомнежи се зад мене. Експериментот, нашиот експеримент, успеа“ – беа објавени одломки од дневникот на Александар Хајес во 1967 година во списанието „Околу светот“.
На 24 август во 7:30 Хајес го посетија лекари, кои ја проверуваа неговата здравствена состојба, во 8:30 му дојде 'келнерот' со појадокот. Тие потоа заедно го следеа Александар во подводната прошетка. Навечер му се приклучи инженерот од Москва Дмитриј Галактионов. А, на 26 август Хајес го замени донецкиот рудар Јуриј Советов.
Пред излегувањето на површината Хајес во подводната куќа мина низ десатурација – исфрлање азот од организмот по пат на вдишување најпрво кислород со хелиум, а потоа чист кислород. За време на изнуркувањето, на длабочина од седум метри, Хајес ја имаше првата пауза од 20 минути. На три метри од површината запре уште еднаш. Паузите беа предвидени поради декомпресија – постепено исфрлање на вишокот азот од организмот. По три дена подводен живот првиот акванаут во СССР излезе на површината жив и здрав.
Следниот ден, на 27 август, започна бура. Во 8 часот наутро лекарите успеаја да се спуштат и да ја проверат здравствената состојба на акванаутите Галактионов и Советов, но веќе во два часот попладне беше одлучено експериментот да биде запрен.
По враќањето во Донецк колективот на проектот „Ихтиандар“ од Федерацијата за подводен спорт прими задоцнето писмо за забрана на експериментот, но неколку месеци подоцна Федерацијата сепак ги награди нуркачите со почесна повелба.
Проширувањето на семејството „Ихтиандар“
„Ихтиандар-66“ беше првиот во серијата експерименти на донецките нуркачи со подводни објекти. Во 28 август 1967 година исто така на Крим, во Ласпинскиот залив во близина на Севастопољ, на длабочина од 12 метри беше спуштен „Ихтиандар-67“ – куќа со четири простории, наменета за пет лица, со кујна, спална соба, бања и со лабораторија. Акванаутите – а, овој пат и акванаутки – на смена минаа под вода вкупно 14 дена. Ја проверуваа работната способност на организмот во неприродни услови, а освен тоа во куќата „одгледуваа“ експериментални морски прасиња, глувци, верверичка и мачка. Освен тоа, нервите на акванаутите двапати беа на сериозна проверка. Имено, во куќата двапати продре вода, при што вториот пат ја наполни речиси до половина.
М. Туровскиј / TASS
Последниот објект од серијата „Ихтиандар“ беше спуштен на дното во 1968 година, исто така во Ласпинскиот залив. Целта на експериментот беа геолошки истражувања. Недалеку од куќата, имено, на дното се наоѓаше бушотина со која работеа акванаутите. Проектот заврши по четири дена поради невреме. Тоа беше последниот експеримент на советските аматерски нуркачи.
Во 1970 година на ‘ртот Тарханкут беше поставена табла во знак на сеќавање на првата подводна куќа со натпис: „Гледај напред и не гледај наназад“. Додека во 2006 година, 40 години по експериментот, на истото место се најдоа и три табли на црно-бели квадрати како симбол на вториот „Ихтиандар“.