Дали Сталин знаеше дека Хитлер има намера да го нападне СССР?

Kira Lisitskaya (Photo: Public domain; Getty Images)
Сталин, наводно, добил преку 80 предупредувања од различни извори за намерата на Хитлер да го нападне СССР, но не им верувал до последен момент. Дали е навистина така?

Вечерта на 21 јуни 1941 година советските граничари во близина на градот Сокаљ, Западна Украина, го заробија германскиот дезертер Алфред Лисков, кој ја преплива реката Буг и се предаде. Лисков им рече на црвеноармејците дека во мугрите на 22 јуни германската армија ќе го нападне СССР.

Сталин беше информиран и „веднаш се согласи да ги стави трупите во состојба на готовност“, напиша подоцна маршалот Георги Жуков во своите мемоари. „Очигледно [тој] претходно добивал толку важни информации преку други канали. Дури вечерта на 21 јуни Црвената армија и нејзината противвоздушна одбрана конечно беа ставени во состојба на готовност. Дотогаш сите офанзивни сили на Вермахтот веќе беа во позиција да ја преминат границата“.

Зошто нацистичкиот напад беше неочекуван?

Работите да бидат уште полоши, дел од армискиот персонал ја добија наредбата дури утрото, кога веќе започна германскиот јуриш. „Пред зори на 22 јуни жичената комуникација со трупите беше нарушена во сите западни погранични области, а штабовите на окрузите и армиите не можеа брзо да ги пренесат своите наредби“, пишува историчарот Владимир Карпов. „Германските диверзантски групи, кои веќе беа на наша територија, ја уништија радио-врската“.

Меѓутоа, на командантите на единиците кои бараа дозвола да отворат оган во случај германските трупи да ја преминат границата, им беше кажано „да не подлегнуваат на провокации“. Ова беше лична наредба на Сталин. Советските трупи мораа да се повлечат и дури во 7:00 часот наутро, три часа по почетокот на германскиот напад, на Советите им беше дозволено да возвратат. До такво катастрофално задоцнување дојде бидејќи Сталин до последен момент го сметаше нападот за „провокација“.

Зошто подготовката за напад беше тајна?

Нацистичка Германија почна да го подготвува нападот врз СССР во средината на 1940 година. Сите подготовки беа направени во строга тајност, за советското разузнавање да не открие ништо. Германците ги бомбардираа англиските градови и ја подготвуваа флотата за преминување на Ла Манш, додека во исто време ги прегрупираа своите сили во источна Европа. На 6 септември 1940 година Алфред Јодл, началникот на Оперативниот штаб на германската војска, испрати наредби за дезинформирање на советските лидери во кои јасно пишуваше: „Во наредните недели концентрацијата на трупи на исток значително ќе се зголеми. Од овие наши прегрупирања Русија никако би не требало да добие впечаток дека подготвуваме офанзива на Исток“.

Истовремено, Хитлер се обиде да го убеди Сталин дека Германија ќе го почитува пактот Молотов-Рибентроп од 1939 година, кој обезбедуваше мир меѓу СССР и Германија. Хитлер и другите високи нацистички команданти сакаа да создадат впечаток дека Германија прва ќе ја нападне Англија. Хитлер дури му испратил на Сталин пошта барајќи воена поддршка против Британската империја, а советскиот министер за надворешни работи Вјачеслав Молотов дури беше повикан во Берлин на разговори со Хитлер и Јоаким фон Рибентроп, германскиот министер за надворешни работи. По преговорите Молотов беше апсолутно сигурен дека Англија ќе стане прва мета на Германија. Во меѓувреме, во декември 1940 година, Хитлер ја потпиша „Директивата бр. 21 (Операција Барбароса)“ за подготовките за војна против Советскиот Сојуз. Во неа пишуваше: „Германските вооружени сили мора да бидат подготвени да ја победат Советска Русија во текот на краткорочна кампања дури и пред да заврши војната против Англија“.

Молотов, Рибентроп и Сталин

Највисоките германски команданти, се разбира, беа свесни за плановите, кои со своето делување дополнително ја зголемуваа заверата, пишува историчарот Владимир Лота. Фелдмаршалот Валтер фон Браухич во божиќниот говор на радиото во декември тврдеше дека „Вермахтот има само една задача: да ја победи Англија“. Меѓутоа, од февруари 1941 година, германските сили беа активно распоредени во источна Европа. Во исто време, нивната влада продолжи да дискутира за можностите за економска соработка со СССР. Меѓутоа, советското надворешно разузнавање продолжи да обезбедува факти кои ја навестија можноста за претстојниот германски напад. Штета што Сталин не им веруваше.

Зошто Сталин мислеше дека нападот е провокација?

Сталин не му веруваше на Винстон Черчил, кој организираше кампања во британскиот кабинет за прекин на дипломатските односи со Советскиот Сојуз во 1927 година. Сега, кога се врати на власт, Сталин веруваше дека Черчил веројатно кова нов антисоветски заговор.

Веќе во јуни 1940 година Винстон Черчил му испрати на Сталин лична порака во која тој предупредува на сé поголемата хегемонија на Германија над Европа. Меѓутоа, Сталин веруваше дека тоа е обид да се започне конфликт меѓу СССР и Германија. Една година подоцна, Черчил го повтори своето предупредување, сега поддржано од солидни разузнавачки податоци, но безуспешно. Како што се сеќава Стафорд Крипс, амбасадорот на Велика Британија во СССР, „Сталин не сакаше да има никаква врска со Черчил, а најмногу се плашеше дека Германија ќе дознае за неговата преписка со Черчил“.

Сталин и Черчил

Предупредувањата пристигнуваа и од други извори. На 17 април 1941 година еден разузнавач-резидент во Прага испрати предупредување до Москва дека Германија ќе го нападне Советскиот Сојуз во втората половина на јуни. Неговиот извештај се засноваше на информации добиени од висок германски офицер во Чехословачка, чие покритие бил главен инженер во фабриките на „Шкода“. Изворот веќе се стекнал со целосна доверба, но тоа се покажа недоволно: кога извештајот му беше предаден на Сталин, тој едноставно врати со остар одговор, начкртан со црвен молив: „Англиска провокација. Решете! Сталин“.

Меѓутоа, Сталин не беше наивен и сфаќаше дека војната е неизбежна. Прашањето беше колку брзо. На СССР сè уште му требаше време да ги заврши своите воени подготовки и сигурно ќе беше попогодно доколку Хитлер не нападнеше барем до 1942 година. Меѓу разузнавачките извештаи кои пристигнуваа во 1940 и 1941 година, многу датуми беа посочени како почеток на војната, но ништо не се случи. Мобилизирањето војска од речиси два милиони луѓе беше сериозна одлука, а Сталин не можеше само да верува во секој извештај, па реши да почека.

Кога Германија го нападна СССР, Сталин очигледно беше шокиран. Првите осум часа од војната ги помина залудно обидувајќи се да спречи ескалација на „провокацијата“. Тој го бомбардираше германското Министерство за надворешни работи со радио пораки - па дури и бараше помош од Јапонија, барајќи од неа да дејствува како посредник за ставање крај на „кризата“. Во меѓувреме, германските трупи кои ја извршија инвазија на советската територија ги зазедоа сите железници и мостови на правците на главната офанзива, извршија напад врз 46 советски аеродроми, уништувајќи околу 1000 авиони на Црвената армија на земја, а исто така почнаа и брзо да напредуваат во внатрешноста на фронтот. Се покажа дека погрешната проценка на Сталин не беше фатална - но секако скапо го чинеше СССР и неговиот народ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња