Зошто Сталин дозволил син му да загине во германски логор?

Јаков Џугашвили

Јаков Џугашвили

Global Look Press
Кон своето прво чедо Сталин се однесувал како кон обичен советски војник. Откако заминал во војна, Јаков Џугашвили не се нашол на топло место во некој штаб, ами бил испратен во пеколот на првите борбени редови.

„Срам ме фаќа пред татко ми за она што го имам преживеано“, им рекол на Германците на сослушувањето синот на Јосиф Сталин Јаков Џугашвили. Советскиот водач кој имал крајно негативен однос кон црвеноармејците кои паднале во заробеништво, се нашол во една од најтешките ситуации во животот: сега непријателот го има неговото дете.

Комплицирани односи

Јаков е син на Сталин од неговата прва жена Екатерина (Като) Сваниѕе. Со оглед на тоа дека мајка му починала набргу по породувањето, а татко му го минувал целото време или во револуционерна борба или во прогонство, детето го одгледала неговата тетка.

Во 1921 година, кога имал 14 години, Јаков Џугашвили дошол од Грузија во Москва и дури тогаш за првпат го видел татка си. Односите меѓу нив се граделе постепено и со многу тешкотии.

Сталин бил категорично против бракот на Јаков, што довело до конфликт помеѓу таткото и синот. Потоа следувала лична трагедија во животот на неговиот син: во рана возраст починала неговата ќерка. Потоа се обидел да се самоубие и само благодарение на лекарите од Кремљ останал жив.

Најстариот син на советскиот водач не му се спротивставувал на татка си за сè. Иако по занимање бил инженер за турбини, Сталин го наговорил да ја заврши и Артилериската академија на Црвената армија. Во мај 1941 година, еден месец пред нападот на Германија на СССР, поручникот Јаков Џугашвили бил поставен за командант на артилериска батерија.

Заробеништво

Кога започнала војната, советскиот водач не направил ништо за да го заштити својот син. Тој бил испратен на фронт како обичен командант на Црвената армија со едноставните таткови зборови: „Оди и бори се!“

Меѓутоа, на Јаков не му било судено долго да се бори. Веќе на почетокот на јули 1941 година, единиците на неговата 20 армија биле опколени во Белорусија, а на 16 јули во обид да се пробие, постариот поручник Џугашвили бил заробен.

Германците брзо сфатиле кој им паднал в раце. Тие не планирале да приредат јавно погубување на синот на нивниот главен непријател. Напротив, сакале да го привлечат Џугашвили на своја страна и да го користат во пропагандна кампања. Имале намера помладиот „Сталин“ да го свртат против постариот.

Кон Јаков биле мошне коректни и љубезни, на сослушувањата не го испрашувале само за нештата кои се поврзани со војната, ами се интересирале и за неговите политички ставови, дискутирале за методите со кои Сталин управувал со земјата, му укажувале на синот на татковите грешки и ги истакнувале недостатоците на болшевичката идеологија. „Обработката“ на заробеникот, меѓутоа, не дала резултати. Џугашвили одбил да соработува со Германците на кој било начин.

Сепак, пропагандната машинерија на Третиот рајх се погрижила сите во СССР набргу да дознаат дека синот на Сталин е заробен. Иако Џугашвили на сослушувањата истакнувал дека во заробеништво се нашол против своја волја, Германците тврделе дека доброволно се предал. Во прво време во тоа верувал и самиот Јосиф Висарионович.

Војник за фелдмаршал

Благодарение на тоа што во Кремљ наскоро стасале веродостојни податоци за околностите на заробувањето на неговиот син и за неговото однесување во заробеништво, Сталин го сменил мислењето за Јаков и повеќе не го сметал за предавник и за кукавица.

Со цел спасување на Џугашвили организирал неколку мисии. Во овие операции дури биле вклучени и шпанските комунисти, кои по поразот во Граѓанската војска морале да ја напуштат Шпанија, а имале скапоцено искуство во диверзантски акции и во партизанско војување. Меѓутоа, сите обиди за ослободување на Јаков пропаднале.

По Сталинградската битка Германците со посредство на шведскиот дипломат грофот Фолке Бернадот и на Црвениот крст му се обратиле на Сталин со предлог да го добие сина си во замена за фелдмаршалот Фридрих фон Паулус и неколку десетина високи офицери од 6 армија кои се наоѓале во советско заробеништво. Имено, Хитлер му ветил на германскиот народ дека ќе го врати генералот дома.

Што мислел Сталин за овој предлог денес можеме само да нагаѓаме. Во повоениот период владеело мислење дека на германскиот предлог водачот на СССР студено одговорил: „Не менувам војник за фелдмаршал“.

Како што се сеќавала ќерката на Сталин Алилуева, нешто по овие настани, зимата 1943-1944 година изнервираниот Сталин ја споменал оваа нереализирана размена: „Германците предлагаа да го дадат Јаша во замена за некој од своите... Не ми паѓа на ум да се тргувам со него! Во војна сè се решава со војна“.

Писмо на синот на Сталин напишано во заробеништво

Маршалот Жуков во своите „Сеќавања и размислувања“ запишал дека еднаш при една прошетка го запрашал Сталин за неговиот најстар син. Тој замислено одговорил: „Јаков нема да се извлече од заробеништво. Ќе го стрелаат фашистите...“ А, потоа додал: „Не, на Јаков смртта му е помила од предавството на татковината“.

Навистина, Џугашвили продолжил да одбива соработка, па првобитниот благ однос кон него се сменил во исклучителна суровост. На крајот, кога не успеале да го искористат нити за пропагандни намени, ниту за размена, изгубиле интерес.

На 14 април 1943 година Јаков се фрлил на бодликава жица под напон во концентрациониот логор Заксенхаузен и стражарот веднаш го застрелал. До денес не се знае дали на тој начин сакал да го заврши својот живот, да избега или неговата смрт ја организирале Германците.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња