Како авантуристички роман пишуван во Гулаг му помогна на својот автор да го преживее логорот

Russia Beyond (Бессмертный барак; Детгиз, 1958)
И самата приказна за настанувањето на романот „Наследникот од Калкута“ на Роберт Штилмарк се чини како да е извадена од некој авантуристички роман.

Осумнаесетти век. Индиски океан. Пиратски брод предводен од едноок капетан го запленува бродот со кој плови наследник на грофовска титула со својата невеста од Калкута до Англија. Еден од пиратите му ги зема документите на грофот и го продолжува патувањето под негово име и со неговата свршеница.

Тоа е заплетот на авантуристичкиот роман „Наследникот од Калкута“. А каква врска има тоа со Русија, се прашувате. Еве каква. Книгата е напишана од советски писател во Гулаг и притоа му помогнала да го преживее логорот. Но, да одиме по ред.

Во ГУЛАГ поради долг јазик

Роберт Штилмарк имал германски и шведски корени, а е роден во Москва во 1909 година. Дипломирал книжевност на еден од првите советски факултети од тој вид, станал новинар за надворешна политика, се занимавал со културните односи со Шведска, работел во познати списанија за литература и уметност.

Роберт Штилмарк

Во Втората светска војна се борел во извидничка чета на Црвената армија и бил тешко ранет, а потоа поминал обука за воен топограф и почнал да служи во Генералштабот. Во април 1945 година, еден месец пред крајот на војната, Роберт бил уапсен и осуден на десет години во логорот според член 58-10 „контрареволуционерна агитација“ или, како што се зборувало меѓу народот, „за дрдорење“. Наводно, Штилмарк не се согласувал со Сталиновата реконструкција на Москва и менувањето на имињата на градовите.

Роберт поминал три години во затвори и логори недалеку од Москва пред да биде префрлен на север. Таму штотуку започнала изградбата на железничката „Трансполарна магистрала“, еден од најголемите проекти на Гулаг. Било предвидено преку мочуришта и тундри да се поврзат северните региони на земјата од Баренцовото Море до Чукотка.

Напуштени објекти на „градилиштето 501“

Штилмарк бил испратен на изградбата на источната делница на магистралата Салехард-Игарка. Проектот никогаш не бил целосно реализиран. По смртта на Сталин бил затворен, а затворениците масовно амнестирани.

Пишувал за да преживее

Во логорот политичките затвореници ја издржувале казната заедно со обичните криминалци кои од затворската управа добивале дури и „раководечки должности“ во робијашката хиерархија. Еден од нив бил Василиј Васиљевски, кој ги распоредувал луѓето на работни задачи.

Васиљевски дознал дека Штилмарк има книжевно искуство, па смислил нешто заемно корисно: го ослободувал дојденецот од тешка работа, а овој пак за возврат пишувал за него историски роман. Васиљевски некаде слушнал дека на Сталин му се допаѓаат такви книги и сакал како автор да му испрати таков „подарок“ за да добие амнестија или барем намалување на ројот на отслужување на казната.

Работата во арктичкиот круг не ветувала добро освен измрзнати прсти при сечењето на шумите, па Штилмарк се согласил. Васиљевски го испратил да работи во логорската бања и го снабдил со хартија и мастило. Работел на книгата 14 месеци, секој ден по 20 часа.

Романот, во кој се отсликани авантурите на пиратите во морињата на Индискиот Океан, северноамериканските Индијанци, ерата на големите географски откритија и шпанската инквизиција, настанал „на светлината на петролејката, во зафрлената земунка во тајгата, без какви било белешки, без гледање во мапа или книга“, како што самиот автор пишува во писмата до својот син. Тој собрал некои информации за стара Англија од еден затвореник професор кој патувал во странство.  

Секое ново поглавје Штилмарк им го читал на затворениците, а тие со нетрпение го чекале продолжението. Во логорот го ценеле и го нарекле „тате романописецот“. Во својата автобиографија „Грст светлина“ Штилмарк пишува како Васиљевски решил да поткупи еден од криминалците да го убие „книжевниот роб“ кога романот бил речиси завршен. Меѓутоа, Штилмарк се стекнал со почит меѓу криминалците и тие го бранеле.

Судбината на „Наследникот од Калкута“

По ослободувањето од логорот во 1953 година, Штилмарк уште некое време останал во егзил во Сибир. Речиси целосно заборавил на романот кога добил писмо од Васиљевски. Лажниот автор му јавил дека ракописот му бил одземен и молел синот на Штилмарк во Москва да се обрати до надлежните, да го поврати ракописот и да се обиде да го објави. Штилмарк му испратил соодветни упатства на својот син Феликс.

Како што подоцна пишува Феликс во предговорот на татковата автобиографија, ракописот навистина му бил даден. Од тајните служби му кажале дека е добар и дека би требало да биде објавен. Феликс му го предал ракописот на еден познаник, писателот Иван Ефремов. Тој првично бил скептичен, и спрема ракописот и спрема логорското минато на авторот, што можело да претставува пречка за објавување. Меѓутоа, кога почнал да чита, не можел да се оттргне од она што го читал. „Зошто, по ѓаволите, вашиот Федја (Феликс) не ми го донесе... третиот дел. Испратете ми го што е можно поскоро! Во мојот дом не знаеме што да правиме од нетрпение... Можам и самиот да го испратам кај Федја син ми Алан. Го чека пат, но тој не може да тргне додека не дознае како завршува романот“, го цитира Штилмарк Ефремов во автобиографијата.

На крај Ефремов ја препорачал книгата на издавач. Во 1958 година „Наследникот од Калкута“ излегол од печат како дело на двајца автори - Штилмарк и Васиљевски. Издавачот го убедувал авторот да го отстрани презимето на самопрогласениот автор, но Штилмарк го оставил поради „другарска солидарност кон поранешниот логораш“ и затоа што без него воопшто немало да ја има книгата.

На кориците на првото издание се наоѓаат две презимиња, Штилмарк и Васиљевски

Но, тогаш Васиљевски барал од Штилмарк половина од хонорарот и почнал да му се заканува на „коавторот“ со физичка пресметка. На крај судот го признал Штилмарк за единствен автор, плаќајќи само мала сума на „авторот на идејата“.

Роберт Штилмарк

И тогаш е откриен уште еден неверојатен детаљ од таа приказна. За да го докаже своето авторство, „татето романописец“ вметнал тајна порака во „Наследникот“. Во еден од извадоците првите букви од секој втор збор ги формирале зборовите „лажен писател, крадец, плагијатор“. Секако дека се мислело на Васиљевски.

Романот беше објавен во 1959 година под името на вистинскиот автор. А во 1989 година, во времето на перестројката, се појави второто издание. Тогаш за најшироката публика станаа достапни многу претходно забранети книги - од Александар Солженицин до Борис Пастернак. За интересот на читателите дополнително придонесе и фактот дека е обелоденета приказната за настанокот на „Наследникот“ во логор, која претходно се чуваше во тајност.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња