Како затвореник од Гулагот стана еден од неговите раководители

Музеј на историјата на БАМ; Тајмирски локален музеј
Нафталиј Френкељ во извесна смисла бил талентиран човек. Имал „жичка“ за бизнис, па дури и во логорот заработувал добро, а потоа смислил како целиот СССР може да профитира од своите логори. „Логорите постоеја и пред Френкељ, но не го попримија оној конечен и уникатен облик кој 'мириса' на совршенство“, напишал Солженицин.

„Неуморниот демон на 'Архипелагот' наречен ГУЛАГ“, вака Александар Солженицин , писателот кој стана познат благодарение на описите на советските казнено-поправни логори го нарекувал Нафталиј Френкељ. Солженицин во романот „Архипелагот ГУЛАГ“ пишува: „Логорите во извесна смисла постоеја и пред Френкељ, но не го попримија оној конечен и уникатен облик кој 'мириса' на совршенство“.

Милионер, па робијаш

Нафталиј Френкељ (лево). Днепровскиот е еден од малобројните зачувани логори на Колимскиот Гулаг. Од 1941 до 1955 година тука се наоѓал коп на рудник за калај, каде работеле обични затвореници, „особено опасни криминалци“ и поранешни советски воени заробеници.

Нафталиј Френкељ бил човек роден под среќна ѕвезда. Роден е во 1883 година на југот во Русија, во еврејско семејство. Евреите во царскиот период ги немале сите граѓански права, но Френкељ, за среќа, се нашол во Одеса, каде Евреите биле една третина од населението, така што полесно било да се снајде.

Нафталиј завршил градежништво, работел како раководител на градежни работи додека не се покажало дека е мошне успешен трговец со дрвена граѓа. За време на Првата светска војна се збогатил со продажба на оружје. Револуцијата му ги поматила сметките. Френкељ тогаш веќе бил успешен трговец, па сите пари ги префрлил во странство, а и самиот извесно време се криел во Турција.

Одеса. Театарот „Луначарски“ во текот на дваесеттите години од минатиот век./ „Одеса. Осврт на историјата на градот-херој“, Вољски.
Одеска областна издавачка куќа, 1957 година.

СССР во текот на дваесеттите години од минатиот век вовел нова економска политика зашто земјата имала големи финансиски проблеми. Поради тоа болшевиците ги ублажиле комунистичките тежнеења и дозволиле дејствување на ситните трговци. Френкељ се вратил во Одеса и почнал да се занимава со трговија и со шверц.

Во Москва брзо се дознало за непријавените трговски трансакции на Френкељ, па во 1924 година бил осуден на смрт, со тоа што малку подоцна оваа пресуда била ублажена – добил 10 години затвор на Соловецките острови.

Логорите пред Френкељ

Првото одделение на Соловецкиот логор за посебни намени.

Во Советскиот Сојуз во текот на дваесеттите години од минатиот век постоел систем на затворски установи, но тој воопшто не бил сличен на оној масовен казнено-поправен монструм кој ќе се развие до средината на триесеттите години од 20 век. Робијашите на почетокот не биле под толку строга контрола, не гладувале, ниту биле исцрпени од претерана работа.

Еден од првите бил Соловецкиот логор. Тоа всушност е преуредениот Соловецки манастир на северот од Русија. Затворениците живееле во монашките ќелии и храмови.

Првите робијаши стасале на Соловецките острови на 6 јуни 1923 година. Со текот на времето логорот се проширил, изградени се нови бараки во Карелија и по должината на северен Урал, така што во 1933 година во Соловецкиот логор веќе имало 19.000 затвореници.

Затвореници обработуваат кожа.

„Очигледно тој, кога се нашол во замка, решил да ја преиспита делотворноста на своите постапки“, пишува Солженицин за Френкељ. Веќе во првите месеци од престојот во логорот Френкељ изнел иницијатива да се направат занаетчиски работилници за логорот да остварува профит.

Раководството ја одобрило иницијативата, така што соловецките робијаши почнале да шијат облека и да прават обувки. Потоа оваа стока се пласирала во Москва. Како материјал, меѓу другото, се користела и кожа која била пронајдена во манастирското складиште. Претприемчивиот робијаш бил ослободен во 1927 година, пред истекот на казната и бил поставен за раководител на затворскиот производен погон. Ни помалку, ни повеќе!

Френкељ ги преуредува логорите

Раководителите на изградбата на Беломорско-балтичкиот канал, оддесно налево: Френкељ, Берман и Афанасјев.

Новопечениот раководител во 1929 година во Москва испраќа нацрт во кој предлага масовниот робијашки труд да се користи за изградба на патишта, на брани и на други објекти од инфраструктурата. Проектот толку им се допаднал на советската власт, која тогаш ја започнувала политиката на индустријализација, што на Френкељ му е понудено местото раководител на целиот производен процес во системот на казнено-поправни логори ГУЛАГ.

Всушност, токму Френкељ ги претворил обичните затвори во „казнено-поправни логори“. Под негово раководство затворениците како бесплатна работна сила учествувале во најамбициозните градежни потфати во СССР.

Изградба на пругата Дудинка – Нориљск

За потребите на проектите на Френкељ ширум целата земја биле отворени одделенија на Гулагот и во нив биле носени новите затвореници. „И повеќе не се знае дали робијашите работат на градилишта зашто се затворени или се затворени за да работат на градилиштата“, вели новинарот Леонид Парфјонов во документарниот филм „Руските Евреи“.

Беломорско-балтички канал и Бајкалско-амурска железничка магистрала

Обложување со штици на подот на преводница

Еден од главните проекти што ги реализираше Френкељ беше изградбата на Беломорско-балтичкиот канал со должина од 227 километри. Направен е во рекорден рок – за неполни две години (1931-1933). Во изградбата истовремено учествуваа 108.000 робијаши. При изградбата животот го изгубија 12.000 лица.

Друг голем потфат беше Бајкалско-амурската железничка магистрала (БАМ). Нејзината изградба се развлекла до осумдесеттите години од минатиот век, а ја заврши слободната советска младина. Но, ја започна Френкељ. На рускиот Далечен исток веќе имало многу логори каде робијашите работеле во рудниците за ретки метали, па дури и за уран.

Затвореници го градат Беломорско-балтичкиот канал.

Целта беше да се спојат многу објекти и да се олесни процесот на индустријализација на наоѓалиштата. За потребите на БАМ основани се шест нови логори на рускиот Далечен исток. Во крајно сложени услови на северот изградбата ја започнале 150.000 робијаши во 1938 година. Изградени се неколкуте први делници, а потоа работата запрела зашто започнала Втората светска војна.

Френкељ вовел и различни оброци за различни заробеници. Уште во текот на дваесеттите години од минатиот век оброкот бил еднаков за сите, а потоа по „методот на Френкељ“ оброкот зависел од мерката во која затвореникот ќе го исполни планот за работа (кој често било невозможно да се исполни).

Последниот успех

Станбена зона на логорот. Станбени и службени простории на стражарите.

Во 1947 година веќе како генерал на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД) се повлекол од службата поради здравствени проблеми. Историчарот Вадим Ерлихман смета дека Френкељ симулирал тешка болест за навреме да заминe во пензија зашто чувствувал дека во СССР расте антисемитизмот и дека тој исто така може да настрада.

Последните години од животот ги минал скромно, па дури и малку скриено. Очигледно стравувал дека „органите“ во секој момент можат да дојдат по него. Ерлихман пишува дека Френкељ под креветот за секој случај држел „затворенички пакет“, односно исушен леб и резервни алишта. Не зборувал многу за својот живот, ниту пишувал мемоари. Само зборувал дека градел патишта. Имал среќа да не стаса во системот кој самиот толку детално го осмислил. Многу други негови колеги имале помалку среќа. Се знае дека починал од природна смрт во 77 година од животот во својот стан во Москва. „Мирната смрт беше последниот успех на Нафталиј Френкељ“, пишува Ерлихман.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња