- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Кон крајот на 1724 година Петар бил тешко болен од уролитеаза (формирање камења во уринарниот тракт), но сепак заминал на градилиштето кај Ладошкиот канал, а тоа е над стотина километри по должината на езерото Ладога. Дворскиот лекар инсистирал царот да не оди на пат, но Петар не сакал да слушне. Проектот бил важен, зашто целта на изградбата на каналот билa да се зголеми обемот на трговија со Европа. Освен тоа, есента изгледало дека и здравјето на царот се поправило.
Времето покажало дека тоа била фатална грешка.
Погреб како кај европските кралеви
За време на пловењето по студено и лошо време (кај Лахта Петар морал да влезе во студена вода до појас зашто бродот со војници се насукал) болеста на царот прогресирала. Набргу 52-годишниот император паднал во постела. Неговата здравствена состојба толку бргу се влошила што не стасал дури и да напише тестамент. Според очевидци само стасал да изговори „Дајте сѐ...“ и ја изгубил свеста.
Починал на 8 февруари 1725 година во ќелија во Зимскиот дворец, толку тесна што во неа одвај го внеле ковчегот долг 216 сантиметри, според висината на царот. Смртта била ненадејна, но за сопствениот погреб Петар се подготвувал целиот живот.
За таа намена ги сменил правилата на погребување на царевите и станал првиот руски владетел кој е погребан според новата процедура. Петар бил противник на многу староруски обичаи и не сакал и него да го погребаат следниот ден по смртта, како што се погребувале московските цареви пред него. Сакал тоа да биде помпезно и долготрајно испраќање, како кога умираат европските кралеви. Оваа процедура ја проучувал на конкретни примери. Се трудел да оди на погребите на сите угледни странци кои биле на државна служба во Русија, и самиот учествувал, меѓу другото и финансиски, во организацијата и во спроведувањето на погребните церемонии. Покрај тоа, уште во 1723 година им наложил на руските дипломати од странство да му испраќаат детални описи на погребите на кои присуствувале. Било очигледно дека Петар во извесна смисла ја „вежба“ церемонијата што ја подготвувал за себе, и тоа пред сѐ по угледот на француските кралеви.
И затоа, кога чукнал последниот час на Петар, веќе биле подготвени крајно исцрпните наредби во врска со неговата погребна церемонија. Овој погреб бил настан од незабележани размери.
Како е погребан царот Петар?
Простувањето на Петар Први било организирано во Зимскиот дворец. Неговото тело било изложено во Погребната сала со површина од 200 квадратни метри, уредена специјално за погребот и однатре преслечена со црно сукно. Околу ковчегот биле поставени државните симболи, царските инсигнии и царевите ордени. По салата биле поставени дрвени скулптури. И немало нити една руска икона, што било крајно необично решение за тоа време.
Така телото на царот било држено во Зимскиот дворец 42 дена, опкружено со царските инсигнии и толпа луѓе кои дошле да се простат од него. Дури на 10 март телото во погребна процесија било пренесено на местото на погребот. Ковчегот преку мразот на реката Нева било пренесено во Петропавловскиот храм, а го носеле 11.000 луѓе заедно со почесна стража. Во храмот било извршено проштевање, но царот не бил погребан, ами на поклопецот од ковчегот само симболично била фрлена шака земја. Цели шест години ковчегот стоел во тој храм. Во меѓувреме се упокоила и неговата сопруга Екатерина Прва, која дошла на тронот по смртта на својот сопруг и починала три години подоцна. И нејзиниот ковчег не бил погребан, спротивно од христијанските обичаи, но бил донесен и поставен покрај оној на нејзиниот сопруг.
Толкавото траење на церемонијата на простување (42 дена во дворецот) очигледно подразбирало телото на царот да биде балсамирано. Ова е уште едни правило што Петар го сменил. Руските цареви пред него не биле балсамирани. „Генералната проба“ на балсамирање царот ја извршил на телото на својата сестра Наталија Алексеевна. Кога починала Наталија во 1716 година нејзиниот брат бил во странство. И за да стаса да се прости од саканата сестра тој наредил нејзиното тело да биде балсамирано. Процедурата на балсамирање била извршена успешно. Телото на Петар било балсамирано според истата технологија, но во неговиот случај нешто тргнало наопаку.
Работата е во тоа што не било дозволено да се сецираат царевите, така што Петар е погребан без сецирање. А, со оглед на тоа што починал од гнојно воспаление на мочниот меур, неговото тело поцрнело и почнало да се распаѓа веќе 10 дена по смртта. Сепак, Екатерина одлучила да ги испочитува одредбите на нејзиниот сопруг, а една од нив била простувањето да трае 42 дена. Со балсамирањето на телото на Петар раководел Јаков Брус, најблискиот соработник на царот и еден од најобразованите луѓе во тоа време, кој во народот важел за „црн маг“ и „волшебник на царот“. Со него и се поврзувала одлуката за толкавото одложување на погребувањето на посмртните останки на Петар.
„Црниот маг“ на царот и потомок на шкотскиот крал
Јаков Бруз потекнувал од род кој му припаѓал на еден од најстарите ограноци на шкотскиот клан чии претставници живееле во Русија од 1647 година. Еден од неговите предци бил кралот Роберт Први Брус, ослободителот на Шкотска. Јаков Брус бил во опкружувањето на Петар уште додека царот бил млад, кога идниот император се криел во Троицкиот манастир од непријателот од другиот политички клан. Оттогаш не се одвојувал од него и бил еден од неговите најблиски дворјани.
Брус никаде не се школувал, но целиот живот самиот проучувал многу области и собрал библиотека од околу 1.500 книги од областа на природните науки. Течно зборувал шест јазика, се разбирал во математика, географија, геологија, астрономија, оптика, механика, медицина, воени науки и други дисциплини. Бил задолжен за печатење книги на руски јазик, направил руско-холандски и холандско-руски речник, го напишал првиот руски учебник по геометрија и ја отворил првата опсерваторија во Русија.
Овој последен факт, според сѐ, во голема мера придонел за ширење на гласовите дека Брус е црн маг и волшебник. Опсерваторијата што тој ја отворил била сместена во Сухаревската кула во Москва (урната во 1934 година). Во московските преданија ова место е обвиено со вел од темни легенди. Наводно тука се собирало тајно друштво еретици, а во темелите на кулата била скриена „црната книга“ на Брус која дава неограничена власт. Народните легенди му припишувале на Брус дека создал еликсир на вечна младост, жива кукла и механичка птица на која човек може да полета.
Кога Петар Први починал Јаков Брус ја добил титулата врховен дворски маршал на погребната комисија (која раководела со церемонијата на простување и на погребување). Тој и го балсамирал телото на царот. Одложувањето на погребувањето се поврзувало со мистичните дејствија кои Брус, наводно, ги правел, и со неговите „ѓаволски експерименти“. Како што минувало времето во народната свест сѐ поголемо било уверувањето дека зад сето тоа стои „волшебникот на царот“.
Меѓутоа, вистината е многу попрозаична.
Царската гробница
Финалната погребна церемонија, односно спуштањето на ковчегот во земја, всушност се одложувала зашто се чекало завршувањето на изградбата на гробницата на царот и на целиот Петропавловски храм. Храмот се наоѓа во Петропавловската тврдина, и тоа е посевно место на вечното почивалиште на починатиот цар. Темелите на тврдината се удрени на 16 мај 1703 година, и тоа воедно е датумот на основањето на Санкт Петербург, чиј основач бил Петар Први.
Кога царот починал неговиот ковчег бил сместен во привремена дрвена капела во Петропавловскиот храм кој бил во изградба. А, кога во 1731 година на власт дошла внуката на Петар Ана Ивановна, таа наредила да се закопаат телата на царот Петар и на царицата Екатерина. Нивните посмртни останки се погребани покрај јужниот ѕид пред олтарот на Петропавсловскиот храм. Интересно е тоа што Петар е погребан така што не е возможно да се изврши ексхумација ако претходно не се урне целиот Петропавловски храм.
Пред Петар Први руските цареви биле погребувани на различни места: во Архангељскиот храм, во Вознесенскиот манастир, во храмот Спас на Бора и во Новодевичиот манастир. Петропавсловскиот храм станал царска гробница кога Санкт Петербург станал главен град.