- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Ја нарекувале „железната жена“ и „црвената Мата Хари“, изразувајќи сомнеж дека работела за две разузнавачки служби: советската и англиската. Животот на Марија (Мура) Закревскаја, ќерка на провинциски спаија, која откако се омажила станала баронеса Будберг, обвиена е со толку митови и претпоставки што е тешко да се види што од тоа е вистина.
Нетипична убавина
Марија Будберг била вистинска фатална жена: два брака, како и безброј други и попатни романси, вклучувајќи ја и онаа со познатите писатели Максим Горки и со Херберт Велс.
Притоа за Мура тешко можело да се каже дека била убавица. „Таа, без сомнение, е неуредна, челото ѝ е избраздено со бори од загриженост, а носот свиен. Многу брзо јаде, голтајќи огромни парчиња, пие многу вотка и има груб, придушен глас, веројатно поради тоа што е страстен пушач“, вака баронесата ја опишува авторот на „Војна на световите“ и „Невидливиот човек“ Херверт Велс.
„Меѓутоа, секогаш кога ќе ја видев покрај други жени, таа сосема сигурно изгледаше и попривлечно и поинтересно од останатите“, додава писателот. Будберг имала исклучителна привлечност и сексуалност поради кои имала цела армија обожаватели. Еден од нив ја вовел баронесата во светот на шпионските тајни.
Во тајната служба?
Во август 1918 година Будберг е уапсена во Москва заедно со шефот на специјалната англиска мисија во Советска Русија сер Брјус Локарт, кој во тоа време бил нејзин љубовник. Дипломатот е осомничен дека учествувал во завера на западните земји со цел болшевиците да се симнат од власт. Нешто подоцна е ослободен и протеран од земајата.
Марија Будберг, меѓутоа, е обвинета за шпионажа во корист на Велика Британија. Сепак, наскоро е ослободена, се претпоставува откако се согласила да работи за советските специјални служби.
Следниот период од животот на баронесата е поврзан со познатиот советски писател Максим Горки, кому најпрво му била асистентка, а потоа и фактички невенчана сопруга. Според една верзија, нејзина задача била да го шпионира познатиот писател.
Заедничкиот живот со генијот на советската литература не ја спречил Будберг да стапи во интимни односи со Херберт Велс, кој извесно време бил гостин во нивниот дом. На Горки, кој ѝ забележа, му одговорила: „Дури и за жена со преобилна љубов двајца познати писатели истовремено би било премногу!“
Со својата сакана Горки живеел во СССР и во Италија, сѐ дури во 1933 година конечно не се вратил во својата татковина. На Марија, која решила да остане на Запад ѝ оставил дел од својата обемна архива, во која се наоѓала преписката со луѓе што биле незадоволни од советската власт.
Понатамошната судбина на оваа архива која била толку скапоцена за советските специјални служби останува непозната. Според мислењето на дипломатот Владимир Карјагин, таа преписката ја однела во Талин, каде исчезнала за време на Втората светска војна. Додека Нина Берберова која ѝ била пријателка на баронесата тврдела: „Мура преку канал ја предаде архивата во СССР“.
Двојна агентка?
Кога останала сама, Марија Будберг во Виена го нашла Локарт и повторно стапила во блиски односи со него. Во 1934 година тие двајцата заедно присуствувале на премиерата на филмот „Британски агент“, снимен според романот што тој го напишал и кој бил посветен на настаните од Москва во 1918 година. Локарт признал дека од својата стара љубов тогаш добил доста вредни информации за Советскиот Сојуз.
Будберг се видела со Горки уште еднаш, на 18 јуни 1836 година. Со оглед на тоа што боледувал од тешка болест, тој ја повикал да го посети. Според една верзија, баронесата имала задача да го отруе писателот, чии односи со Сталин дотогаш биле мошне нарушени.
По нејзината куса посета Горки, кој веќе почнал да закрепнува, ненадејно починал. Без трага исчезнала и чашата што баронесата му ја донела за да ги испие таблетите. Меѓутоа, не постојат никакви докази дека Будберг го отрула писателот.
Следната година баронесата ја минала во Лондон, каде живеела недалеку од Херберт Велс кој отсекогаш ја обожавал. Писателот во тестаментот ѝ оставил сто илјади долари и ѝ обезбедил безгрижна старост.
На почетокот на педесеттите години од минатиот век баронесата се нашла во видното поле на англиската контраразузнавачка служба МИ-5. Во врска со бегството во Москва на двајца Британци кои биле советски агенти таа е осомничена за соработка со службите на СССР (еден од нив по име Гај Барџис бил чест гостин во домот на Марија), но овој случај бил затворен само со сослушување.
Дали Мура Будберг работела за советската разузнавачка служба, за англиската или за двете истовремено и денес е прашање без одговор. Кусо по нејзината смрт во 1974 година на мистериозен начин изгорела целата лична архива на баронесата.
Мошне е веројатно познатата шпионка воопшто да немала никакви врски со специјалните служби. Сепак, како што рекла Нина Берберова: „Ако нешто ѝ беше потребно, тогаш тоа е само нејзина легенда што самата ја создаде и која ја негуваше во текот на животот“.