Зошто императорот Петар Трети бил толку чуден?

Портрет на Петар Трети, 1762 година

Портрет на Петар Трети, 1762 година

Алексеј Петрович Антропов / Универзален историски архив/Getty Images
Целиот двор се шокирал кога Петар Трети, внукот на Петар Велики, станал руски император. Изгледало како младиот цар воопшто да не е заинтересиран ниту за политика, ниту за сопругата-императорка. Причината за чудното однесување на Петар Трети се крие во фактот што, за жал, го воспитувал садист кој ја мразел Русија.

Карл-Петер Урлих немал наполнето ни 15 години, а веќе ѝ влевал страв на императорката Ана Ивановна. „Ѓаволчето сѐ уште живее во Холштајн“, често повторувала Ана. Иако Карл-Петер бил внук на Петар Велики, а Ана, ќерка на Иван Алекссевич, многу сакала на рускиот престол да остане нејзината лоза и затоа се плашела од Карл-Петер и го мразела „однапред“. Од друга страна, нејзината братучетка Елизавета Петровна, која во 1741 година станала руска императорка, се обидувала нејзиниот роден внук секогаш да биде опкружен со внимание и со грижа. Во декември 1741 година мајорот Николај Корф дошол во Кил, кадешто живеел Карл-Петер, за да го одведе момчето во Русија.

Елизавета Петровна немала деца, па по нејзината смрт на тронот требал да дојде внукот на Петар Велики. Меѓутоа по доаѓањето во Санкт Петербург младиот војвода во новата средина се однесувал мошне чудно.

Зошто Петар Фјодорович бил чудак?

Портрет од крунисувањето на императорот Петар Трети Фјодорович, 1761 година

Војводата Карл-Петар за првпат се претставил пред петербуршкото општество во јануари 1741 година, а во ноември 1742 година е крстен во православна вера како Петар Фјодорович. „Блед е и според сѐ слабичок“, напишал Јаков Штелин, кому му било доверено да биде воспитувач на Петар во Русија. Кога војводата почнал да оди на часови по различни науки императорката била шокирана од фактот што 14-годишното момче не знае речиси ништо, и дека се интересира само за воената вештина. Бил болно врзан за парадите, смотрите и маршовите. Но, тоа не било сѐ. Може да се каже дека младиот војвода повеќе не расте, ами само станува постар.

„Тогаш имаше 16 години и беше прилично убав пред да добие сипаници, но беше многу мал и личеше на дете. Со мене разговараше за играчки“, има напишано Екатерина Втора. Таа забележала дека Петар ѝ се доверувал оти е вљубен во една дворска дама, која тукушто ја запознал, но ќе се покори на потребата да се ожени со Екатерина зашто така сака неговата тетка (императорската Елизавета Петровна).

Петар III Фјодорович, 1743 година

Во намерата да го одвои внукот од играчките и од воените вежби, Елизавета Петровна во 1747 година му ја „доделила“ својата братучетка од тетка си и нејзиниот сопруг Николај Чоглоков за тие како хармоничен брачен пар да го „научат“ великиот кнез како да стане семеен човек. Но, Петар Фјодорович ја имал слугинката Крузе и таа по негово наговарање „му носела на великиот кнез играчки, кукли и други детски работи кои тој страсно ги сакал, па преку ден ги криеја во мојот кревет и под него“, пишува Екатерина Втора. „Великиот кнез прв ќе одеше на спиење по вечерата и штом сите ќе се најдеме во постела Крузе ја заклучуваше вратата, по што великиот кнез си играше до еден или до два часот по полноќ. Потоа Петар купил кучиња. Елизавета била зачудена и наредила кучињата да се истераат од дворецот. Меѓутоа, наследникот не сакал да ја послуша и продолжил да ги држи кучињата во оставата покрај спалната соба на жена си: „Низ преградата од штици на нишата се чувствуваше смрдеата на кучиња и двајцата спиевме во таа смрдеа“, се сеќава подоцна Екатерина.

Петар Трети и Екатерина Втора, 1756 година

Еднаш Екатерина во собата на својот сопруг видела обесен стаорец. Петар Фјодорович ѝ објаснил дека стаорецот бил погубен зашто извршил злосторство, односно се вовлекол во неговата тврдина од хартија и изел две фигури војници, но верното куче го фатило и воениот суд (односно лично Петар) го осудил на бесење. Тогаш великиот кнез имал 25 години.

„Учител на кадрил“

Идниот император на Петар Трети ја имал таа несреќа да биде потомок на заколнати непријатели. По мајка бил внук на Петар Велики, а по татко внук на сестрата на шведскиот крал Карло Дванаесетти, така што полагал право и на шведскиот престол. Таткото на момчето на почетокот се надевал дека со текот на времето синот ќе стане шведски крал и го воспитувал во војнички дух. „Принцот доби чин подофицер, учеше да ракува со оружје и да маршира, одеше на стража со други млади дворјани и разговараше со нив само за изгледот на војската. Тој од детството толку се врза за тоа што ништо друго и не сакаше да чуе“, напишал Јаков Штелин. Како и Карло Дванаесетти во младоста, војводата добро го познавал богословието и латинскиот јазик, сакал математика и цртежи на тврдини. Меѓутоа, во 1739 година, по смртта на татка си (мајка му починала набргу по породувањето), Петар бил предаден во рацете на воспитувачи, а тоа биле ограничени и груби војници кои почнале да се изживуваат со детето.

Портрет на грофот О.Ф. Бример.

Главниот „мачител“ бил Ото фон Бример, управител на дворот во Кил. Тој во младост служел во шведската армија и дури еднаш му бил аѓутант на Карло Дванаесетти. Меѓутоа, Бример од некаква си причина го мразел својот воспитаник. „Ќе наредам така да ве истепаат што кучињата ќе ја лижат вашата крв. Како би сакал во овој момент да цркнете“, му велел тој на малиот војвода, барем судејќи според тврдењата на авторот на анонимните белешки за воспитувањето на великиот кнез кои на императорката Елизавета од Кил ѝ ги донел мајорот Николај Корф. Од истата белешка императорката дознала дека „детето често до два часот попладне морало да чека оброк и дека од глад јадело сув леб, а кога Бример ќе дошол и ќе слушнел лошо мислење од учителот, му се заканувал со строго казнување по ручекот, поради што момчето на маса било ниту живо, ниту мртво, па по ручекот имало главоболка и повраќало жолч“. Петар имал настава секој ден до шест часот навечер, а потоа два часа задолжително морал да танцува кадрил. „Сигурен сум дека тие сакаат да станам учител по кадрил и дека ништо друго не треба да знам“, велел великиот кнез.

Бример особено ги мразел Русите. Малиот војвода како внук на императорот Петар Први имал часови по руски, но Бремер ги откажал веднаш по смртта на таткото на Петар: „Тој подол јазик е само за кучиња и робови“. Бремер војнички го казнувал момчето. Великиот кнез долго морал да клечи на зрна од грав додека колената не му отечат. Го камшикувале со ластарка и со камшик во присуство на слугите. Го врзувале за ногарките од масата, го преморувале со глад и околу вратот му закачувале табличка со натпис „магаре“.

Ваквото однесување морало да се одрази на карактерот на престолонаследникот. Петар бил тврдоглав, импулсивен и вознемирен. Покрај тоа, од своите воспитувачи научил да се напива. Според сфаќањето на европските воени лица, вистински војник мора постојано да пие пиво или вино. Веќе во 1745 година Екатерина напишала: „Великиот кнез толку се напи што изгуби врска со свеста и не можеше да каже два збора“. Со текот на времето состојбата се влошувала: „Тој почна да мириса на вино и на тутун, така што е невозможно да се стои до него“, напишала Екатерина во 1753 година. „Животот што го води императорот е крајно недостоен. Тој своите вечери ги минува така што пуши и пие пиво, и престанува со тоа дури во пет или во шест часот наутро кога е мртов пијан“, ова го има напишано Андреј Болотов кој го запознал Петар Фјодорович како император.

Дали Петар Трети бил умоболен?

Секако, за дијагноза за умоболен не е доволен ниту импулсивниот карактер, ниту страста кон чудните игри и алкохолот. Треба да се има предвид дека на претставата за Петар во очите на потомците влијаел и непријателскиот однос на Екатерина кон него зашто таа не била сакана сопруга и поради тоа доживотно била лута на него и оставила најмногу пишани сведоштва за неговиот живот. Неговите позитивни особини не ги споменувала, како намерно да не ги забележувала.

Ана Петровна, 1721; Карл Фридрих, почеток на дваесеттите години од 18 век.

„Добро го знаеше богословието и латинскиот јазик. Во Петербург со задоволство зборуваше на латински со највисоките руски духовни чинови“, пишува Јаков Штелин. Покрај тоа, Петар од мал свирел на виолина. Обично се смета дека свирел многу лошо, но според сѐ тоа не е точно. На својот „мал двор“ во Ораниенбаум кај Санкт Петербург тој организирал сопствен театар во кој го канел младиот италијански композитор Винченцо Манфредини. Покрај тоа, великиот кнез во Оранинебаум отворил школа за виолина за деца независно од нивното потекло и од имотната состојба и самиот во неа предавал. Има собрано и збирка скапоцени виолини во кои добро се разбирал.

Кога станал император Петар Фјодорович сите свои злонамерници ги изненадил со тоа што се фатил за државничките работи. „Веќе наутро беше во својот работен кабинет кадешто ги слушаше извештаите, а потоа иташе во Сенатот или во колегиумите. Во Сенатот лично ги прифаќаше најважните работи, и тоа го правеше енергично и упорно“, има напишано Штелин. Неговата главна реформа се состоеше во укинувањето на задолжителната државна служба за благородништвото. Тоа беше „Манифестот за слобода на благородништвото“ од 1762 година. Покрај тоа, ја затвори фамозната Тајна канцеларија, започна со печатење хартиени пари и ја поддржа трговијата со отворање Државна банка. За 186 дена од своето владеење донесени се 192 официјални документи. Меѓутоа, сепаратниот мир со Прусија, со која управуваше идолот на Петар Фридрих Втори Велики, ги анулираше сите достигнувања на новиот император и послужи како повод за негово тргање од престолот.

Фактот што Русија не го прифати Петар како свој, и дека Петар не ја доживуваше Русија како своја, се објаснува со тоа што наследникот очигледно го посакувал шведскиот, а не рускиот трон. Но, тоа засекогаш му е оневозможено кога во 1743 година е крстен во православна вера на инсистирање на Елизавета Петровна, Кога во 1751 година чичкото и старател на Петар Адолф Фридрих станал шведски крал, Петар рекол: „Ме довлечкаа во оваа проклета Русија кадешто морам себеси да се доживувам како државен затвореник, а да ме оставеа на слобода сега ќе седев на тронот на цивилизиран народ“. Во овој контекст воопшто не е чудно предизвикувачкото однесување на Петар Фјодорович на погребот на Елизавета Петровна. Додека чекорел во поворката по погребната кочија тој нагло застанал, а потоа притрчувал кон кочијата за неговата погребна лента да се виори на ветрот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња