- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Луѓето што живееле во советско време обично имаат многу различни сеќавања: некои зборуваат за тепачки во редици за храна, некои сметаат дека имало сè во изобилство, а дека храната била поприродна и со многу подобар квалитет отколку што е денес.
Факт е дека ситуацијата беше многу различна во различни времиња (СССР помина низ различни фази на економски развој за време на своето речиси седумдесетгодишно постоење), а да не ги спомнуваме разликите во секој од краиштата на огромната држава.
Ајде да погледнеме што можеше да се купи во советските продавници во различни години и региони.
Имињата на продавниците во СССР беа прилично едноставни и јасни: „Млеко“, „Леб“, „Овошје и зеленчук “. Покрај тоа, градовите имаа и врвни гастрономи и супермаркети, каде што се продаваа сите видови намирници и потрепштини за домаќинството - исто како денес. Наспроти тоа, во руралните средини постоеја таканаречени „Селпо“ продавници (акроним за селска продавница).
Денес луѓето се навикнати на самопослужување, но во советско време постоеше поинаков систем. Во кое било од одделенијата на продавницата, купувачот ќе одбереше одреден предмет (на пример, колбас или сирење), а потоа службеникот ќе го земеше, ќе го измереше и ќе му ја кажеше цената. Потоа купувачот ќе платеше на каса и дури тогаш ќе можеше да го земе купениот артикл.
По правило, бакалниците работеа од 7-8 наутро, до 19-20 часот навечер, со пауза за ручек. Еден ден во месецот имаше таканаречен „санитарен ден“, кога продавницата беше затворена за генерално чистење и дезинфекција. Имено, хигиената во СССР беше сфаќана многу сериозно.
Главната продавница за прехранбени производи во СССР беше, се разбира, „Елисеевски“ на улицата „Горки“ (сега улица „Тверскаја“), во самото срце на Москва. Отворена уште во 1901 година од страна на трговецот Григориј Елисеев, во советско време се викаше „Гастроном бр. 1“. Слични продавници имаше во Ленинград и Киев. Луѓето доаѓаа овде не само за намирници, туку и за да ги видат луксузните историски ентериери.
Оваа продавница имаше сè. Дури и кога имаше недостиг на роба во другите продавници, Елисеевски имаше сирење, колбаси, вино и слатки од повеќе сорти и со одличен квалитет. Многу е интересно што сите артикли ги имаа вообичаените советски цени (порано цената на храната ја одредуваше државата, а не самата продавница).
Таму можеше да дојде секој, но можеше да се случи да чекаат во ред цел ден, а во меѓувреме намирниците да се продадат и потрошат. За да не се чека залудно, препораката беше да се дојде рано наутро. Киевскиот „Елисеевски“ изгоре во 1940-тите. Продавницата во Москва беше затворена во 2021 година. Меѓутоа, во Санкт Петербург и понатаму работи.
Што имаше на полиците на обичните продавници? Ајде да погледнеме типична советска градска продавница за храна помеѓу 1960 и 1980 година. Достапни беа конзервирани производи изложени во излозите во вид на пирамиди, сокови во тегли, сирења или колбаси. Колачиња и слатки се продаваа на мерка, и обично ги имаше во изобилство. Можевте да купите и локално произведени млечни производи во која било продавница кои имаа рок на траење од само неколку дена. Шишињата од млеко и кефир имаа депозитна вредност и можеа да се вратат во продавницата.
Конзервите, генерално, заземаа огромен простор во секоја продавница, без разлика дали на југот или на северот на земјата, и беа евтини. Речиси сите намирници беа од домашно производство. Многу градови имаа специјализирани тнр. „океански“ рибарници, каде што можеше да се најде уште поголем избор на конзервирана риба, од папалин до црвен и црн кавијар.
Градските продавници честопати беа лишени од добро парче месо, па граѓаните мораа да одат на локалните селски пазари, каде што месото беше и до 2-3 пати поскапо отколку во продавница. Сепак, не секој можеше да си го дозволи тоа, па правеа сечкани котлети од месо од сé што ќе најдеа во продавниците.
Штом ќе пристигнеше некоја роба во продавниците, брзо се создаваа долги редици од купувачи. Во 1990 година земјата воведе систем на рационализација, а во пролетта 1991 година, поради монетарната реформа, цените на храната во земјата се зголемија тројно. Во декември 1991 година СССР престана да постои.