Како советски шпион го спаси синот на Черчил

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Советскиот офицер мораше да го „нокаутира“ Рандолф Черчил за да му го спаси животот.

На 25 мај 1944 година, во 5 часот наутро, германската авијација започна масовно бомбардирање на Дрвар на западот на Босна и Херцеговина, град под контрола на Народноослободителната војска на Југославија. Потоа во околината на градот слетуваа едрилици, од кои брзо почнаа да се истоваруваат војниците на 500-от СС падобрански десантен баталјон на СС.

Така започна германската операција „Коњички скок“, чија цел беше да се уништи или зароби врвот на југословенското движење на отпорот, пред сè, маршалот Јосип Броз Тито и офицерите на неговиот штаб, како и членовите на советската, британската и американската воена мисија сместени во градот.

Германците кои го ловеа Тито тогаш имаа единствена можност да остварат двојна добивка. Имено, во тој момент во Дрвар се наоѓаше единствениот син на премиерот на Велика Британија Винстон Черчил Рандолф.

Посебна мисија

„Имајте на ум дека синовите на премиерот не скокаат туку-така со падобран и не се појавуваат во туѓи штабови без конкретна цел“, вака Сталин го коментарише известувањето на командантот на Авијацијата со голем долет на СССР Александар Голованов, за тоа дека во февруари 1944 година во Југославија пристигнал мајорот Рандолф Черчил.

На прв поглед, доаѓањето на помладиот Черчил во Дрвар немаше никаква врска со некои важни политички задачи. Тој се занимаваше со воено новинарство и настапуваше на конгресите на антифашистичката младина на Југославија.

Но, во суштина, Рандолф беше алката меѓу раководството на Велика Британија и маршалот Тито. Како и другите офицери на британската и американската мисија, тој интензивно работеше на извлекување на Народноослободителната војска на Југославија од влијанието на Москва и вовлекување во сферата на влијание на Лондон и Вашингтон.

Скриеното соперништво меѓу СССР и Западот на Балканот сепак не го спречи Рандолф Черчил да воспостави пријателски односи со советникот за диверзивни акции од советската воена мисија Константин Квашнин. Токму на овој офицер Британецот ќе мора да му се заблагодари што му го спасил животот.

Во стапица 

Германците многу сериозно се подготвија за лов на Тито. Во операцијата „Коњанички скок“ покрај СС баталјонот учествуваа и механизирани пешадиски полкови, извидувачки, тенковски и инженерски баталјони, полк на дивизијата за специјални намени „Бранденбург“, како и усташки единици.

Откако го скршија отпорот на југословенските единици, Германците брзо го зазедоа градот, принудувајќи ги противничките сили на сојузниците да се повлечат во планинските области. Тито со соборците, советските, британските и американските офицери тргна кон Купес. Рандолф Черчил, Квашнин и некои членови на западните мисии се најдоа во групата која се движеше кон селото Тичево.

Додека непријателот континуирано ги гонеше, групите успеаја да воспостават контакт со воздухопловната база во Бари. Таму, покрај британските и американските ескадрили, се наоѓаа и сили на воздухопловството на Црвената армија.

Групата на Квашнин и Черчил требаше да биде евакуирана веќе на 1 јуни, но тој план не се оствари. „Нѐ бркаа низ планините до 8 јуни, како стадо овци“, се сеќава Константин Константинович Квашнин. „Се движевме само ноќе, а кога ќе огрееше сонцето, се криевме и извидувавме“.

Константин Квашнин, кој имаше огромно искуство во извидничка и диверзивна работа, направи сé што можеше за групата ефикасно да го избегне непријателот. Сепак, во еден момент за малку ќе паднеа во стапица. Германците напредуваа од три правци, оставајќи им само еден пат да се спасат - опасно симнување по стрмна падина и спуштање во долина.

Нескротлив мајор

За време на спуштањето по падината, Черчил мораше да биде обезбеден од самиот Квашнин. Според сеќавањата, имено, синот на британскиот премиер во тој момент не беше целосно трезен. Рендолф и онака беше љубител на алкохолот, а ситуацијата во која се најде го стави во прилично депресивно расположение.

Откако почна да пее на сиот глас, Англичанецот не реагираше на предупредувањата. Со таквото однесување тој не само што можеше да го привлече вниманието на Германците, туку ризикуваше и да се стрмоглави по падината, повлекувајќи го со себе Квашнин и еден од југословенските партизани. Најпосле советскиот офицер со еден удар го нокаутираше здивениот мајор и додека беше во несвест го спушти по падината со помош на јажиња.

Откако нечујно ги ликвидираше позициите на непријателот, групата влезе во безбедна долина, каде што набрзо ја презедоа британските авиони кои пристигнаа од Бари. Како што се покажа, Тито беше спасен неколку дена претходно. Југословенскиот маршал и неговиот персонал го однесоа на безбедно советски пилоти кои слетаа во отежнати услови на мало планинско плато.

Во воздухопловната база во Италија Рандолф целосно се отрезни. На заминување цврсто му ја стегна раката на Квашнин. Не му се лутеше на својот спасител.