- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
„Дрвјата гореа небаре се џиновски свеќи, а вагоните, пурпурни од вжештеност, чадеа по должината на насипот. Сѐ се стопи во еден неверојатен крик на болка и ужас и неколку стотина луѓе умираа во изгореници и во пламен. Бувташе шумата, бувтаа железничките прагови, бувтаа луѓето. Побрзавме да фаќаме 'живи бакли', да го гаснеме пламенот на нив, и да ги однесеме поблизу до патот, што подалеку од огнот. Апокалипса...“, вака уредникот на списанието „Стаљнаја искра“ Валериј Михеев ја опишуваше морничавата железничка катастрофа што се случи на 4 јуни 1989 година на делницата на Транссибирската магистрала во Башкоторстанската АССР (1.500 километри источно од Москва).
Сергеј Титов / Sputnik
Причината за трагедијата беше оштетување на гасоводот кој минуваше во близина на пругата, така што во ненаселената долина брзо се натрупа гас. Нешто по еден часот по полноќ во ова гасно „езеро“ влегоа два патнички воза кои се движеа во спротивна насока. Доволна беше една искра или фрлено догорче за целата долина да се претвори во пекол.
Сергеј Титов / Sputnik
Дојде до експлозија на гасот која според силата (12 килотони ТНТ) може да се спореди со нуклеарната експлозија во Хирошима (16 килотони ТНТ). Пламенот се гледаше во радиус од над 100 километри. Ударниот бран ги скрши стаклата на зградите во градот Аша оддалечен 11 километри. Во само една долина температурата за кусо време достигна неколку илјади степени. Пожарот зафати 150 хектари шума, уништени беа 350 метри пруга, експлозијата расфрла по насипот еден број вагони во кои луѓето во тој момент спиеја, а другите вагони, кои останаа на шините, во целост изгореа.
Сергеј Титов / Sputnik
„Се разбудив кога паднав од горниот кревет на земја, а сè наоколу веќе беше во пламен“, раскажуваше подоцна Наталија К. од Адлер. „Ми се чинеше дека сонувам некаков кошмар зашто видов како ми гори кожата на рацете и како се лупи, како дете зафатено од пламен ползи под моите нозе, како ми се приближува војник со испружени раце се дупки наместо очи, јас ползам покрај една жена која не може да го изгасне пламенот на сопствената коса, а во купето нема ниту кревети, ниту врати, ниту прозорци“.
Сергеј Титов / Sputnik
Петгодишната Тања Сопиљк со браќата и со родителите патувале од Сибир на летување на Црно Море: „Вагонот изгоре за три минути... Бравите на вратите се вжештија и се заглавија. Мама доби изгореници зашто ја фати кваката. Секунди беа во прашање. Најпрво не можевме да го скршиме стаклото, но потоа тоа самото пукна од високата температура, па се наваливме на прозорецот да земеме воздух. Слушнавме како луѓето викаат и врескаат, а потоа замолкнуваат. Тоа значи дека починале. Штом се измолкнавме одекна втората детонација и нашиот вагон експлодираше“.
Валентин Кузмин / TASS
Кога власта ја дозна големината на катастрофата, на ова подрачје итно беа упатени сите пожарникари, лекари и припадници на вооружените сили во овој регион. „Глетката што ја видовме потсетуваше на последици од нуклеарна експлозија. Ќе допреш лист на дрво, а тој ќе се претвори во прав во твоите раце. Таму за првпат видов како гори железо и како капе алуминиум“, раскажуваше подоцна лекарот од уфимската болница Радик Зинатулун. Во болниците со автобуси, со авиони и со хеликоптери беа евакуирани повредени луѓе со страшни изгореници на дишните патишта, на нозете, на лицето и на телото. Многумина беа живи кога ги донесоа на операциската маса, но набргу потоа починаа.
Валентин Кузмин / TASS
Војниците што работеа на расчистувањето добиваа алкохол за да пијат зашто буквално се тресеа и повраќаа додека ги отстрануваа купиштата пеплосани тела и железо. Набргу потоа на местото на трагедијата стасаа ужаснати членовите на семејствата на загинатите и очајно се обидуваа во урнатините да ги пронајдат своите најмили. Тоа често не беше можно зашто определени тела беа без глава.
Валериј Зуфаров / TASS
Лекарот Виктор Смољников се сеќава на срцепарателна сцена во болницата во градот Уфа на која бил сведок: „Ми се врежа во сеќавањето: лежи момче од глава до пети во завои. Во болничката соба влегоа две жени и секоја од нив почна да тврди дека тоа е нејзиниот син. Дете ги отвори очите, погледната во едната од нив и рече: 'Мамо, мамо'. Другата почна да плаче. Нејзиното дете изгорело...“
Сергеј Титов / Sputnik
Страшната трагедија беше предизвикана од спој на човечка негрижа и кобна случајност. Цевката ја оштетил багер уште за време на изградбата на гасоводот во 1985 година. Четири години подоцна дупката веќе била долга 1,7 метри. Во очи на експлозијата работниците на гасоводот забележале пад на притисокот во цевките, но наместо да го побараат изворот на проблемот само го зголемиле притисокот, што дополнително ја влошило ситуацијата. Не обрнале внимание ниту на соопштенијата на машиновозачите кои тука поминувале, за тоа што во долината се чувствува силен мирис на гас. И на крајот, двата воза не требало да се наоѓаат на оваа делница од пругата во исто време. Еден од нив многу доцнел поради тоа што морала да се симне бремена жена на која ѝ била потребна итна хоспитализација.
Андреј Соловјов / TASS
Судските постапки траеја до 1995 година. Со одлука на Врховниот суд на Руската Федерација беа осудени седуммина кои непосредно беа одговорни за поставувањето на цевката и кои го игнорирале оштетувањето. Од нив четворица беа веднаш ослободени во амнестијата по повод 50-годишнината од победата во Големата татковинска војна, еден наскоро беше оправдан и две лица добија две години затвор за кривично дело сторено пореди невнимание.
Валентин Кузмин / TASS
Според официјалните податоци, во железничката катастрофа кај Уфа од 1.284 патници во двата воза загинале 575 лица, од кои 181 дете. Загина речиси целиот младински хокеарски тим „Трактор-73“ кој двапати беше шампион на Советскиот Сојуз. Стотина луѓе останаа доживотно инвалиди. „Сè уште сончевите зраци не смеат да ми паднат на рацете“, вели кондуктерката на еден од вагоните Валентина Џонуџа: „Ако ми падне, рацете ми поцрнуваат. Не ми поцрвенуваат, ами баш ми поцрнуваат. Но, останав жива“.
Сергеј Титов / Sputnik