Земјата на царот Николај II: Последното големо географско откритие во Русија

Russia Beyond (Photo: Ansgar Walk (CC BY-SA 3.0); Public domain)
Експедицијата во која беше откриен овој арктички архипелаг траеше неколку години и имаше за цел да најде пократок пат од западот на Русија до Далечниот Исток на земјата.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Во последниот обид да го дефинираат Северниот морски пат руските истражувачи налетаа на неколку изолирани арктички острови. Кога архипелагот конечно беше нацртан на мапите, беше оценето дека се работи за последното значајно географско откритие.

Северен морски пат  

Стотици години руските истражувачи сонуваa да пронајдат пократок пловен пат од западниот дел на Русија до Далечниот Исток на земјата. Новата маршрута требаше да го скрати екстремно долгиот морски пат преку Индискиот Океан. Меѓутоа, се покажа дека поради суровите климатски услови на Арктикот е многу тешко да се пронајде тој пат.

Во 1910 година Русија организираше научна експедиција за истражување на Северниот морски пат. Во неа учествуваа два брода.

Мразокршачот „Вајгач“

Првиот се викаше „Вајгач“. Тоа беше мразокршач изграден 1909 година специјално за оваа храбра експедиција.

Вториот брод беше парниот мразокршач по име „Тајмир“ тежок 1200 тони. Во тоа време овие бродови се сметаа за најдобрите мразокршачи на светот.

Мразокршачите „Тајмир“ и „Вајгач“, 1913.

Експедиција 

Два брода запловеа во 1910 година, но од почетокот не го следеа Северниот поморски пат. Наместо тоа, членовите на експедицијата се движеа по долгиот пат од Санкт Петербург до Владивосток преку Суецкиот канал и Индискиот океан.

Дури кога мразокршачите стигнаа до Владивосток, почнаа да ја реализираат својата примарна цел: истражување на руските брегови на Северниот леден океан, мапирање на сè што ќе откријат на патот и пронаоѓање на силно посакуваниот премин од истокот до западот на Русија.

Експедицијата се движеше кон запад, чекор по чекор. Во текот на првата година мразокршачите стигнаа само до областа во близина на селото Улен на југоисточниот брег на Чукотското море кај ‘ртот Дежњов.

Припадници на народот Чукчи, во далечина се гледа ‘ртот Дежњов.

Откако екипажот се навикна на тешките услови за пловидба на Арктикот, бродовите го продолжија патувањето следната година. Мразокршачите конечно стигнаа до устието на реката Колима, а потоа и до устието на Лена. Тоа беше прв пат во историјата бродови што тргнале од Владивосток да стигнат до устието на Лена.

Последното големо географско откритие  

По неколку години пловење по Северниот леден океан, експедицијата продолжи уште позападно и на 10 август 1913 година наиде на дотогаш неоткриени острови.

Експедицијата го истражи западниот брег на Лаптевското Море и имаше намера да тргне понатаму, кога патот ѝ го попречи дебел слој компактен мраз. Барајќи отворен премин, шефот на експедицијата им нареди на бродовите да се упатат кон север.

Патот по кој помина хидрографската експедиција 1913 година

Екипажот набрзо здогледа појас на претходно непознато копно. Тоа беше моментот кога пред нивните очи првпат се појави архипелагот, кој подоцна ќе го добие името Северна земја. Откритието набрзо беше опишано како „последното големо географско откритие во Русија“.

Истражувачите го подигнаа руското знаме на пустинските арктички острови. Архипелагот набрзо се појави на мапите под името „Земјата на царот Николај II“.

Кога болшевиците дојдоа на власт во Русија, тие го променија неговото име во Северна земја.

Борис Виљкицки, шефот на експедицијата, беше посветен мохархист. Тој ја напушти Русија веднаш по Октомвриската револуција и јавно истапуваше против политички мотивираната промена на името на архипелагот кој тој го откри.

Борис Виљкицки

„Години ќе поминат, ужасите на револуцијата и Граѓанската војна ќе бидат заборавени, годините на советското ропство ќе избледат во историјата; имињата расфрлани по пространствата на Русија ќе исчезнат, како што исчезнаа улиците и фабриките со името на Троцки; Ленинград ќе го врати името на Петар Велики, исто како што и останатите градови ќе ги вратат своите историски имиња; земјата ќе ги врати имињата на покојниот император и принцот, имиња кои ѝ припаѓаат според историскиот закон“, напиша Виљкицки во странство.

Меѓутоа, последното големо географско откритие остана запаметено под „болшевичкото“ име, како Северна земја.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња