Јахтите што ги поседуваше семејството на рускиот цар Николај II Романов

Public domain
Романови не си правеа „обични“ јахти со кристални лустери, црква и штала. Тие јахти истовремено беа и крстосувачи кои можеа да учествуваат во воени дејствија.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Некои сметаат дека последниот руски император беше еден од најбогатите луѓе на сите времиња. Се проценува дека неговиот имот вредел 250-300 милијарди американски долари по курсот од 2010 година. Зборувајќи за „банкарската сметка“ на Романови треба да се земат предвид многу фактори, но сепак може да се каже дека за царското семејство се трошела значителна сума пари. Од 1894 до 1914 година Романови ја имаа најголемата флотила меѓу монарсите во светот. „Пловечките дворци“ во финансиска смисла беа врзани за морнарицата, но тие ги опслужуваа членовите на царското семејство и беа правени по нивна нарачка.

„Штандарт“

Руската царска јахта „Штандарт“ (1893–1961), на брегот на Крим, во близина на Јалта, 1898 година.

Во 1892 година морнарицата нарача од данско бродоградилиште крстосувач, но царот Александар III набрзо нареди тој да се преуреди во јахта која тој ќе ја користи. Новиот цар Николај II веќе беше на власт кога бродот беше спуштен во вода под името „Штандарт“, традиционалниот за царската флотила (првиот „Штандарт“ се појавил за време на Петар I, речиси два века порано).

Еден од салоните на јахтата „Штандарт“.

Таа јахта-крстосувач имаше огромни димензии за тоа време - беше долга 128 метри и имаше речиси 400 членови на екипажот. „Штандарт“ беше најголемата и најскапа кралска јахта, со одаи за прием кај царот и луксузна трпезарија за официјални посети. Секоја бродска кабина имаше свој дневен престој, спална соба и бања. Ентериерот од скапоценото дрво не беше ништо полош од ентериерот во дворците на Романови. Тука имаше и кристални лустери, и свеќници, и тешки кадифени завеси.

Руското царско семејство на јахтата „Штандарт“.

Сето тоа, секако, беше идеално за прием на високи гости од странство, така што на оваа јахта беа сијамскиот крал, германскиот император и претседателот на Франција. Но, јахтата се користеше и за семеен одмор. Од крајот на јуни до почетокот на август Николај II со задоволство го поминуваше својот одмор со семејството на островите во финските заливи, и во тој период тие живееја на јахта, додека на брегот се симнуваа само кога одеа на прошетка.

Работниот кабинет на царот Николај II на јахтата „Штандарт“.

Прошетките престанаа на почетокот на Првата светска војна и јахтата повеќе не се користеше од безбедносни причини. Потоа, во 1917 година, морнарите на јахтата (како и на многу други бродови) се побунија, и веќе во април истата година на неа беше сместен револуционерниот Централен комитет на Балтичката флота.

Иконостасот во галеријата на јахтата „Штандарт“.

Сите подоцнежни метаморфози повеќе не го поседуваа превезот на поранешниот елитен статус. Бродот беше претворен во минополагач и во тоа својство јахтата-крстосувач учествуваше во битките во Втората светска војна, па дури и потопи една германска подморница. По војната, бродот служеше како пловечка касарна, а од 1961 година како мета на ракетни гаѓања. Кон средината на 1960-тите заврши во отпад како старо железо.

„Поларна ѕвезда“

Руската царска јахта „Поларна ѕвезда“ во Копенхаген.

„Поларна ѕвезда“ се појави пред „Штандарт“. Направена е 1888 година. Според конструкцијата и таа беше крстосувач и имаше четири топа со калибар 47 мм.

Оваа јахта-крстосувач го опслужуваше царското семејство до 1914 година за време на патувањата во престолнините на европските држави, учествуваше во смотрите на Балтичката флота и свечените дочеци. „Поларна ѕвезда“ беше поскромна од „Штандарт“, но како што пишува грофот Алексеј Игнатјев, „ја засенуваше својата соперничка“, т.е. јахтата на англиската кралица Александра (тетка на Николај II). Имаше храм, па дури и штала, а работникот во шталата имаше посебна бродска кабина.

Царот Николај II со принцот Алексеј на јахтата „Поларна ѕвезда“.

„Темносина убавица, опашана со масивно златно јаже по рабовите на палубата“, најчесто видена во малото пристаниште во Копенхаген, каде секоја година одеше мајката на царот Николај II - царицата Марија Фјодоровна. Царското семејство со задоволство одеше на „шопинг“ во Копенхаген, каде што со воз можеше да се стигне за два-три дена, но царицата-мајка ја претпочиташе јахтата.

Великата кнегиња Марија Николаевна и Ана Вирубова во салонот на јахтата „Поларна ѕвезда“.

По револуцијата бродот ја доживеа речиси истата судбина како и „Штандарт“. Најпрво на неа беше сместен штабот на морнарите-револуционери, а пред војната јахтата беше преуредена во површинска подморничка база, за во 1954 година да биде претворена во пловечка касарна, а 7 години подоцна во мета за ракетни проби. Беше потопена во текот на 1960-тите по едно гаѓање.

„Светлана“

Оклопниот крстосувач „Светлана“.

И принцот Алексеј, братот на Николај II, имаше лична јахта. За прототип беше земен францускиот оклопен крстосувач од 2 класа Catinat, така што работата ја добија француските бродоградители. Бродот под името „Светлана“ беше спуштен во вода 1897 година.

Бидејќи јахтата првенствено беше наменета за великиот кнез Алексеј Александрович, таа имаше раскошни апартмани со украси од скапоцени видови дрво, со мермер, позлата и персиски килими. Португалскиот крал и кралица цели 45 минути ја разгледувале јахтата без да го кријат своето воодушевување.

Посетата на императорот Николај II на крстосувачот „Светлана“ пред походот на Втората тихоокеанска ескадрила.

„Светлана“ им служела на претставниците на царската династија за пловидба по светот или како нивна придружба, оклопна заштита и обезбедување, а беше применета и во вистински борбени дејствија. Освен со меки софи и порцелан, крстосувачот беше добро „исфилуван“ и со оружје, така што во 1904 година беше вклучен во Тихоокеанската ескадра и испратен во Руско-јапонската војна.

Во битката кај Цушима беше оштетена и се обиде да се засолни на безбедно место, но Јапонците ја забележаа и отворија оган. Загинаа речиси триста морнари. Специјалната комисија за анализа на судирот, која беше формирана веднаш по војната, укажа на „величествената храброст и пожртвуваноста“ на екипажот на „Светлана“. На оние кои преживеаја тоа признание им беше особено драго, бидејќи пред таа пресметка морнарите на Тихоокеанската ескадра го третираа екипажот на „Светлана“ како „собарки“, а нивниот брод како пловечки хотел, а не како борбена единица.

Десетина помали јахти

 

Рускиот царски крстосувач „Алмаз“.

Ова не е крајот на листата на цалски јахти. Речиси секој роднина на царот имал своја јахта-крстосувач. Една од таквите јахти-крстосувачи наречена „Алмаз“ (Дијамант) од 1906 година имаше функција на двојник. Цели шест недели стоеше во близина на финските карпести гребени како да е „Штандарт“, бидејќи по силуетата речиси и не се разликуваше од него. Тие мерки на претпазливост не беа неосновани. Современиците тврдеа дека во 1907 година на влезот во Коткина лагуна била откриена морска мина, а токму тогаш на местото на „Штандарт“ бил закотвен „Алмаз“.

Царската јахта „Ливадија“.

Покрај тие огромни јахти, Романови имаа на располагање уште десетина помали: „Принцеза“, „Александрија“, „Словенка“, „Ливадија“ итн. Тие се користеа за прошетки по заливи или за неофицијални пловидби во Европа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња