Ликот на Исус на сушена риба-лист: Најнеобичната икона што некогаш сте ја виделе (ФОТО)

Историја
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Иконите насликани на сушена риба некогаш биле популарни меѓу припадниците на одреден слој луѓе. Но, зошто користеле токму риба?

Иконата на сушена риба-лист е еден од најретките видови на икони. Мал број се зачувани до денес. Два примерока уште во 1906 година се најдоа во Рускиот музеј во Санкт Петербург. Станува збор за икони насликани во XIX век со маслени бои од двете страни на секоја риба. На нив се прикажани ликовите на Исус Христос и Пресвета Богородица.

Сликањето на ликовите на светците на сушена риба бил стар чумацки обичај. Но, зошто го избрале токму овој материјал? И кои всушност биле чумаците?

Како е рибата поврзана со христијанството? 

Рибата е еден од најстарите симболи на христијанството. На грчки, зборот за риба ΙΧΘΥΣ („ихтис“) е исто така акроним на фразата: Ἰησοῦς Χριστός, Θεοῦ Υἱός, Σωτήρ - „Исус Христос, Син Божји, Спасител“. Тоа не е случајно, бидејќи рибата има посебно место во библиската симболика. На пример, Христос нахранил пет илјади луѓе со две риби и пет леба, а неговите апостоли Петар, Андреј Првоповикан и Јован Богослов биле рибари. Самиот Исус ги нарекувал „ловци на луѓе“.

Приказот на риба со монограмот ΙΧΘΥΣ или без него бил визуелен код со кој христијаните меѓусебно се препознавале во времето на нивниот прогон во II-III век. Указот за верска толеранција во Римската империја бил потпишан во 313 година, додека пред тоа приказите на Исус Христос биле забранети. Но, можело да се нацрта риба, и ако при средба еден странец нацртал на земја лак, а друг доцртал спротивен лак, тие знаеле дека припаѓаат на иста вера. Со овој симбол се обележувале и состаноците на христијанските заедници и христијанските гробови.

Конечно, за сликање на своите икони чумаците не го избрале само материјалот што има симболична вредност, туку и материјалот што им бил најдостапен. Во XIX век сушената риба била еден од производите што се превезувале по трговските патишта.  

Кои биле чумаците? 

Така во периодот од XVI до XIX век на територијата на денешна Украина и југот на Русија се нарекувале трговците кои превезувале стока со запреги на големи далечини. Пред сé продавале сол и риба. Чумаците го превезувале својот товар од морето по трговските патишта, поминувајќи стотици километри, притоа одејќи и во други земји.

Типичниот чумак поседувал неколку десетици запреги и волови, кои ги впрегнувал во караванот. Понекогаш чумаците се здружувале и тогаш караванот можел да брои 100-150 запреги. Во 1840-тите од Крим секоја година се транспортирале 130 тони сол, а во таа работа учествувале околу 30 илјади чумаци. Со транспортирањето на стоките чумаците преземале голем ризик. Имено, постоела можност да ги нападнат разбојници и да им ја одземат робата. Затоа чумаците често најмувале вооружени луѓе за заштита на караваните. А за да си ги смират грижите, со себе носеле амајлии. Тие биле икони на риба. Ги закачувале на колите (што потсетуваа на малите икони во модерните автомобили) и ги подарувале на црквите заедно со скапоцената сол, за да си обезбедат заштита од светците.

Иконите на риба почнале да исчезнуваат кога исчезнала работата на чумаците, односно кога железницата ја заменила нивната работа. Чумаците тогаш останале само на платната на познатите руски сликари: Архип Куинџи, Иван Ајвазовски, Алексеј Саврасов и други.