- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
Познатиот руски режисер Алексеј Учител во 2017 година го сними филмот „Матилда“, во кој идниот цар Николај II е прикажан како лекомислен младич во несериозна врска со балерината Матилда Кшешинска. Тогаш многу верници се почувствуваа навредени. Тие ја доживеаја целосно веродостојната историска интерпретација како оцрнување на споменот на светецот канонизиран во 2000 година.
Православни активисти организираа собири против „Матилда“ пред кината и литии со икони на царското семејство. Руската православна црква се најде во тешка ситуација. Од една страна, Николај II беше навистина историска личност на која ништо човечко не ѝ беше туѓо и оправдано можеше да биде херој на руските филмови, а од друга, тој беше светец и пред неговите икони се молеа верниците ширум земјата. Кога малку размислија, официјалните претставници на РПЦ не го поддржаа скандалот. Тихон Шевкунов, влијателен православен епископ, претседател на Патријаршискиот совет за култура и член на Високиот црковен совет на РПЦ, ги повика верниците да го сфатат филмот како фантастика.
Руската православна црква претходно не се сретнала со толку контрадикторна ситуација. Царот е канонизиран како маченик, а не поради неговите духовни заслуги, што би значело дека неговите смртни страдања ја надминуваат мерката на чисто човечки грешки и заблуди. Но, оваа гледна точка не наиде на разбирање ниту кај свештенството, а камоли во руското општество, во кое значаен дел верува дека Николај II е одговорен за пропаста на царска Русија.
Стрелањето и првите предуслови за канонизација
Николај II се одрече од рускиот престол на 2 март 1917 година, за време на Февруарската револуција (која ѝ претходеше на Октомвриската, во која власта ја презедоа болшевиците). По абдикацијата, речиси шест месеци живееше под стража во својата резиденција во Царско Село, а потоа со семејството беше испратен во сибирски Тоболск, а потоа во Екатеринбург. Таму, ноќта помеѓу 16 и 17 јули 1918 година, е стрелан заедно со сопругата, петте деца, готвачот, лекарот, слугинката на царицата и царскиот собар.
Веднаш по смртта на Николај верниците почнаа да зборуваат за канонизација. За руските православци царот беше Божји помазаник и таквото брутално убиство, особено заедно со децата, во народот се доживуваше како маченичка смрт. За Николај и неговото семејство се служени опела во храмовите низ земјата, а патријархот Тихон ги благослови свештениците да служат парастоси и одржа страстен говор за „царевиот духовен подвиг“.
„Знаеме дека тој, откако се откажа од престолт, го направи тоа мислејќи на благосостојбата на Русија и од љубов кон неа. По абдикацијата можеше да најде безбеден и релативно мирен живот во странство, но не го стори тоа, сакајќи да страда заедно со Русија“, рече Тихон.
Долги години, и покрај антирелигиозната политика на советската држава, верниците во Русија продолжија да го негуваат споменот на царот. Но, со посебна жар царот го почитуваа руските емигранти-монархисти кои ја напуштија земјата по револуцијата. Меѓу нив се разгоре дебата за можноста за канонизација. Имаше предлози да се канонизира само Николај II или само неговите деца, или само царицата Александра Фјодоровна. Против неа се изнесуваа многу замерки поради нејзиниот интерес за окултизмот и затоа што на семејството му го приближи „безбожникот“ Григориј Распутин.
По долги расправи и дискусии, во 1981 година Руската православна црква во странство ги канонизираше Николај II, неговата сопруга, децата, па дури и слугата-католик Алојзиј Труп и лутеранката, придружничката на царицата Екатерина Шнајдер.
Митрополитот Анатолиј Сурошки, кој служеше во Лондон, потврди дека „многумина во странство ги почитуваат [членовите на царското семејство] како светци“, па дури и им се молат. Додека други „ги сметаат за маченици, многустрадалници, страдалници за руската земја и служат парастоси“.
Аргументи против канонизација
Од крајот на 1980-тите, заедно со перестројката и враќањето на правата на Руската православна црква, разговорите за канонизацијата на Николај II и членовите на неговото семејство почнаа да се водат и во самата Русија. Од 1992 до 1997 година, синодалната комисија на РПЦ за канонизација на светци го проучи прашањето за прогласување на членовите на царското семејство за светци.
Комисијата внимателно ги проучи аргументите на противниците на канонизацијата, од кои имаше многу:
Прво, многумина го доживуваа одрекувањето на „помазаникот Божји“ од престолот како црковен престап. Тој, наводно, го оставил своето „стадо“ и го препуштил на судбината, а тој потег доведе до крвава граѓанска војна која речиси ја уништи Русија. Меѓутоа, комисијата најде контрааргумент на тоа. Имено, статусот на „миропомазаник во Царството на православниот владетел“ не е дефиниран со црковните канони и претставува само народен симбол. Напротив, неговата одлука да абдицира беше објаснета како вистински морален чин, како жртва за доброто на Русија. „Тој се плашеше дека одбивањето да ја потпише абдикацијата може да доведе до граѓанска војна. Царот не сакаше поради него да се пролее ниту една капка руска крв“, се наведува во завршниот извештај на претседателот на комисијата, митрополитот Јувеналиј.
Второ, противниците на канонизацијата инсистираа на антицрковната комуникација на царското семејство со Григориј Распутин. Тој на мистичен начин го запираше крварењето на принцот Алексеј, кој боледуваше од хемофилија, и успеваше да ги смири хистеричните напади на царицата. Тој селанец, кога многумина го сметаа за шарлатан, не само што учествуваше во животот на царското семејство, туку вршеше и политичко влијание врз Николај. А сепак, комисијата на РПЦ предложи да се гледа со разбирање на слабостите на царицата. Како мајка, таа видела дека медицината е немоќна и „била подготвена да му поверува на секој што ќе може да ѝ помогне во неволјата и барем да го олесни страдањето на нејзиниот син“. Додека царот, како маж кој сакал, попуштал на нејзините желби.
Трето, важен аргумент пред одлуката за канонизација беше отсуството на чуда поврзани со царското семејство и неговите останки. Меѓутоа, во 90-тите, во различни црковни инстанци почнаа да пристигнуваат информации за чуда, исцеленија и друга „благодатна помош“ примена по молитвите упатени до царските маченици. Освен тоа, РПЦ тврдеше дека има многу сведоштва за мироточењето на иконите со ликовите на царот Николај II и царските маченици, „за пријатниот мирис и чудесното избивање на дамки со црвена боја на иконите со ликовите на царските маченици“.
Аргументи за канонизација
Истовремено, комисијата ги разгледа аргументите на поддржувачите на канонизацијата. Како прво, еден аргумент беа бројните обраќања на верниците кои ја поддржуваат канонизацијата со потписи на неколку илјади луѓе, како свештеници, така и мирјани.
Второ, како аргумент за канонизација се наведуваше длабоката побожност на царското семејство, особено на царицата (германска принцеза, која го прими православието заради сопругот). А тоа ги издвојуваше од претставниците на тогашната аристократија, која веќе прилично се имаше оддалечено од црквата. „Воспитувањето на децата на царското семејство беше проткаено со религиозен дух.“ Исто така, се зборуваше за праведниот начин на живот на царицата и за тоа дека во „во писмата на Алексндра Фјодоровна се рефлектира целата длабочина на нејзините религиозни чувства – колку има во нив сила на духот, грижа за судбината на Русија, вера и надеж во Божјата помош“. Покрај тоа, царицата и нејзините ќерки негуваше ранети за време на Првата светска војна.
Трето, според РПЦ, Николај II посветувал големо внимание на потребите на црквата, великодушно ја дарувал црквата при изградбата на храмови и манастири, иницирал канонизација на многу светци кои денес се особено почитувани, како што е Серафим Саровски.
Многумина сметаа дека смртта на Николај II и членовите на неговото семејство не може да се опише како маченичка смрт за Христа. Меѓутоа, според сведоштвата, во последниот период од животот во заробеништво, царската двојка многу го читала Евангелието и водела благочестив и скромен живот, и покрај навредите и шиканирањето од страна на болшевиците. Во врска со тоа, предложено е семејството да се канонизира во чинот на „свети маченици“ кои, „подражувајќи го Христа, со трпение ги поднесуваа физичките, моралните страдања и смртта од рацете на политичките противници“.
„Поради сфаќањето на тој подвиг на Царското семејство“, комисијата едногласно ја одобри канонизацијата. На 20 август 2000 година во храмот „Христос Спасител“ во Москва беа прославени новомачениците и исповедниците на ХХ век, вклучувајќи го царското семејство во полн состав. Царот Николај II, царицата Александра Фјодоровна, принцот Алексеј, великите кнегињи Олга, Татјана, Марија и Анастасија беа канонизирани во чинот маченици.
Најпосле, стручњакот за Библијата и публицист Андреј Десницки во 2000 година пишуваше за суштински христијанската смисла на маченичкиот подвиг на Николај II и за тоа дека за поддржувачите на канонизацијата се работи „за признание на жртвата која царското семејство ја поднесе за цела Русија“, за гревовите на народот.
Скриените мотиви на канонизацијата
Како што во својот конечен извештај изјави Јувеналиј, „канонизацијата на Монархот на ниту еден начин не е поврзана со монархистичката идеологија и не значи „канонизација“ на монархистичкиот облик на владеење“.
„Ставот на црквата по ова прашање е сосема јасен: не е канонизирана формата на владеењето на Николај II, туку начинот на неговата смрт, ако сакате, заминувањето од политичката сцена“, изјави во едно интервју познатиот теолог и ѓакон Андреј Кураев. „Тој имаше секаква причина да биде огорчен, лут во последните месеци од животот, додека беше уапсен, да врие од бес и да обвинува сé и секого. Но, ништо слично не се случи“.
Освен тоа, Кураев смета дека за црквата овој сеопфатен гест бил еден вид сведување на сметките од XX век за христијанството.
Важен мотив за канонизацијата беше и помирувањето на руското свештенство во Русија и во странство. Во 1990-тите се наметна прашањето за обединување на Руската православна црква под московскиот патријарх. За црквата во странство, светоста на царското семејство веќе беше несомнена догма и затоа, како што пишува Десницки, „архиереите на Руската православна црква во странство го сметаа признавањето на светоста на кралското семејство за неопходен услов за помирување со РПЦ“.
Па сепак, РПЦ ги прогласи за светци само царот и неговото семејство, оставајќи ги настрана слугите и дворјаните кои загинаа со нив и кои се третирани во странство како светци.
Непризнаени остатоци од тела
Денес на последниот руски цар и неговото семејство се посветени над 20 храмови ширум Русија. Главниот, Храмот на крвта, се наоѓа во Екатеринбург на местото на загинувањето на царското семејство.
Државната истражна комисија во 1991 година во околината на Екатеринбург пронајде остатоци од тела кои беа идентификувани како останки на пет членови на кралското семејство. Во 1998 година тие беа свечено погребани во Петропавловската црква во Санкт Петербург, каде што се погребани и други цареви.
Обично за Црквата е важно почитување на светите мошти. Меѓутоа, РПЦ не ги призна овие остатоци на царското семејство. Покрај тоа, патријархот и високите претставници на свештенството не учествуваа во процесот на погребување. Црквата соопшти дека не е компетентна да ги анализира новите податоци и дека се потпира на фактите од првата истрага во 1918-1919 година, спроведена од истражителот Николај Соколов. Тој утврдил дека сите тела на царското семејство и нивните слуги биле распарчени и целосно или делумно уништени, а нивните останки закопани во шумата. Нешто подоцна гробовите се израмнети за да не бидат пронајдени.
Така главниот центар на собирање на поклониците и почитувачите денес е манастирот на Светите царски маченици на Ганина јама, основан во 2000 година. Токму на ова место 1919 година истражителот Николај Соколов за првпат ги пронајде останките кои веројатно му припаѓале на царското семејство.