- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
Веднаш да појасниме: ниту еден космонаут нема загинато во самиот космос. Оние што беа во Земјената орбита загинаа во Земјината атмосфера, за време на дехерметизацијата на кабината или поради откажување на системот на падобранот.
Советската космонаутика во вселената има забележано 4 смртни случаи, а последната трагедија се случи во 1971 година.
Но, во целиот свет оваа бројка изнесува 18.
Најмногу астронаути загинале во мисиите на САД. Во 1986 година во несреќата на шатлот „Челинџер“ животот го изгубија седум американски астронаути. Трагедијата се случи во 73 секунда од летот на височина од 14 километри, кога шатлот сè уште се гледаше од Земјата, а неговиот лет во директен пренос го следеа милиони луѓе од целиот свет. Една од бустер-ракетите се одвои и го проби резервоарот за гориво.
Следната трагедија се случи во 2003 година: шатлот „Колумбија“ се распадна 16 минути пред слетувањето, штом влезе во погустите слоеви на атмосферата. Во него се наоѓаа 6 американски астронаути и еден експерт од Израел. Подоцна комисијата утврди дека причина за немилиот настан е пукањето на надворешниот термозаштитен слој на левото крило. При стартот на шатлот кон него дошло парче термоизолација од резервоарот за кислород.
Првата смрт во вселенски брод
Меѓутоа, првата смрт се случила во советскиот вселенски брод „Сојуз-1“. Владимир Комаров беше меѓу првите космонаути на планетата со реден број 7.
Во 1962 година вселенската трка помеѓу СССР и САД беше на врвот и советските раководители на вселенската програма ја надгледуваа секоја можност да ги претекнат Соединетите Американски Држави. Истата година беше одлучено да се проектира бродот „Сојуз“ за лет околу Месечината, што траеше пет години. Дотогаш веќе беше направена новата генерација на бродот „Сојуз-2“. Комаров имаше специфична задача: по првпат да спои два брода во вселената („Сојуз-1“ во кој се наоѓаше тој и „Сојуз-2“ кој полета еден ден подоцна). Но, спојувањето не успеа.
Од самиот старт нешто не беше во ред со „Сојуз-1“. Најпрво не се отвори еден од панелите на соларната батерија. Потоа не успеа ориентацијата на бродот кон Сонцето, откажа краткобрановата врска... А, кога на космонаутот му беше наредено да тргне на слетување, автоматското управување не дозволи да дојде до кочење. Комаров сепак успеа да воспостави контрола на бродот и се чинеше дека проблемот е решен. Меѓутоа, во завршната фаза на слетувањето се заплеткаа јажињата на падобранот. Леталото „Сојуз-1“ удри во земјата со брзина од околу 60 метри во секунда и експлодираше.
„Она што се случи со Комаров е наша грешка, на инженерите на системот. Го пуштивме премногу рано. Не го довршивме 'Сојуз', изјави подоцна академик Борис Черток, еден од главните конструктори. Пред Владимир Комаров да полета во вселената „Сојуз“ имаше три лансирања без посада и кај секое дојде до проблеми. „Требаше да направиме барем уште едно вистинско безбедно лансирање. Можеби со макета на човек. И да бидеме целосно сигурни“, сметаше Черток.
Случајот „Сојуз-11“
Четири години подоцна се случи уште една голема трагедија. За време на враќањето од орбитата дојде до дехерметизација на бродот „Сојуз-11“ и тројца космонаути (Георгиј Добровољски, Владислав Волков и Виктор Пацаев) загинаа на патот кон Земјата.
Екипажот имаше задача за првпат да се спои со првата орбитална станица со посада на светот „Салут-1“. Во јуни 1971 година тие без проблем го изведоа ова спојување и направија сè што беше потребно, по што добија команда да се вратат на Земјата. Во одделите на „Сојуз-1“ притисокот и температурата беа задоволителни, целата апаратура функционираше, а врската со Земјата беше стабилна. Летот одеше според планот сè до моментот кога на височина од 150 километри радиоврската со космонаутите ненадејно прекина. Меѓутоа, апаратот со посадата го продолжи спуштањето. Влезе во густите слоеви на атмосферата, во предвиденото време се активираше системот на падобраните, се вклучија моторите за меко слетување и апаратот слета во планираниот реон. Кога на лице место стаса тимот за потрага, во капсулата беа пронајдени безживотните тела на космонаутите во нивните седишта.
Беше утврдено дека на височина од 150 километри од Земјата се отвори вентилот кој имаше задача да го нивелира притисокот во леталото. Тој всушност требаше да се отвори дури на четвртиот километар од Земјата. Екипажот сфати во што е проблемот, се обиде да го спречи „протекувањето“, но веќе 40 секунди подоцна притисокот во кабината падна, космонаутите ја изгубија свеста, а набргу и животите. Можеа да ги спасат скафандерите доколку ги имаа, но „Сојуз-11“ можеше да понесе тројца космонаути единствено ако не носеа скафандери.
Од што најмногу умираат космонаутите?
Смртта на екипажот на „Сојуз-11“ беше најстрашната трагедија во историјата на советската и на руската космонаутика. Но, многу повеќе луѓе во целиот свет загинаа не за време на летот, ами на Земјата: за време на неуспешните лансирања на ракетите, за време на тестирањата и за време на подготовките за летот. Станува збор за најмалку 300 лица.
Руските научници исто така утврдија од што најчесто умираат космонаутите кои престојувале во орбитата и успешно се вратиле дома. Анализирани се податоци од 1960 до 2018 година. За тоа време 118 советски и руски космонаути имаа изведено најмалку еден лет во вселената. Речиси една третина од нив (37 лица) починале до крајот на истражувањето.
Водечкиот фактот за смртта кај космонаутите се кардиоваскуларните и онколошките заболување. Притоа, додека срцевите заболувања предничат во вкупниот број, ракот е најчеста причина за смрт кај оние што повеќе време поминале во космосот.
Како што истакнуваат научниците, не станува збор за статистички значајни показатели, но тие „предизвикуваат загриженост“ зашто ризикот од онколошки заболувања се поврзува со зголемената радијација во вселената.