Како западните земји ѝ даваа признанија на Црвената армија (ФОТОГРАФИИ)

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Највпечатливо признание беше британскиот витешки „Орден на Бањата“ (The Most Honourable Order of the Bath). Фелдмаршалот Монтгомери лично му го врачи на маршалот Жуков во близина на разурнатиот Рајхстаг.

1. На стотици советски војници, од обични војници до маршали, во Втората светска војна им беа доделени американски, британски и француски воени награди.

2. Првата награда им беше врачена на четворица пилоти на Северната флота, меѓу кои беше и познатиот ас, двократен херој на Советскиот Сојуз, потполковник Борис Сафонов. Тие добија крстови „За исклучителни пилотски заслуги“. Признанијата им ги врачи на 19 март 1942 година шефот на Британската воена мисија во СССР, генерал-потполковник Френк Мејсон Мекфарлан, во базата на флотата во Поларни.

3. Американците својата прва награда ја доделија многу подоцна, на 22 јуни 1943 година, по повод двегодишнината од нападот на Германија врз СССР. Амбасадата на САД му врачи на народниот комесар (министер) за надворешни работи Вјачеслав Молотов 59 крстови, ордени и медали, со тоа во тој момент што ниту еден од наградените не беше во Москва. Во тоа време сите се бореа на фронтот.

4. Сојузниците имаа на располагање голем избор на награди кои со задоволство им ги доделуваа на храбрите советски борци: американскиот крст „За исклучителни заслуги“, Сребрена и Бронзена ѕвезда, медалите на Армијата и Воената морнарица „За исклучителна служба“, орденот „Легија на честа“, Орденот на Британската империја итн. Малку подоцна на оддавањето признанија се приклучија и Французите. Маршалот Александар Василевски во 1944 година доби Воен крст, а по војната на маршалот Иван Конев му беше доделен орденот „Легија на честа од 2 степен“.

5. Се разбира, на западните сојузници не им беа познати сите околности на подвизите и сите заслуги на војниците и офицерите на Црвената армија (освен добро познатите команданти). Најчесто ѝ соопштуваа на советската страна дека сакаат да доделат одреден број медали и крстови, а потоа самиот СССР ги избираше кандидатите кои тоа го заслужуваат. Од друга страна, и војниците на западноевропските армии добиваа советски награди.

6. Сојузничките награди повеќето беа „демократски“, т.е. беа доделувани како на обични војници, така и на високи офицери и команданти. Така, на пример, со крстот „За исклучителни заслуги“ беше награден генералот Василиј Чујков, чија 62 армија со последните сили го бранеше Сталинград кон крајот на 1942 година, а ист таков крст му беше доделен и на разузнавачот на 981 стрелачки полк, постариот водник Фјодор Трофимов, кој пролетта 1945 година од обрач во Чехословачка извлече група американски падобранци.

7. Имаше и привилегирани награди, наменети исклучиво за командантите на Црвената армија. Меѓу нив особено импресивен е британскиот „Најчесен орден на Бањата“. Невообичаеното име потекнува од средновековната традиција на посветување на витези, чија суштина била во тоа дека претендентите пред церемонијата морале да издржат низа процедури на чистење на телото и потоа да поминат непроспиена ноќ во капела. За почесен витез на Големиот крст на најчесниот ред на капење беше прогласен маршалот Георгиј Жуков. Маршалите Иван Конев и Константин Рокосовски беа прогласени за Почесни витези Командири.

8. На предлог на фелдмаршалот Бернард Монтгомери, Жуков и Рокосовски беа наградени во самиот центар на разурнатиот Берлин, заедно со генералите Василиј Соколовски и Михаил Малинин (кои добија ордени на Британската империја). Според мемоарите на Георги Константинович, кога се решавало прашањето каде ќе се одржи церемонијата, британскиот командант им се обратил на советските колеги, велејќи: „Советските трупи го зададоа нивниот завршен удар на подрачјето на Бранденбуршката порта, каде што го подигнаа Црвеното знаме над Рајхстагот. Мислам дека токму на тоа место и треба да ги добиете ордените на Велика Британија со кои се истакнуваат заслугите на советските трупи под ваша команда“.