Во петербуршкото општество Феликс Јусупов беше познат како исклучително екстравагантна личност, склона кон испади и финансиски ризици. За ваквите луѓе се снимаат филмови. Тоа се случи. Метро-Голдвин-Мејер (МГМ) сними филм кој привлече големо внимание: беше номиниран за Оскар за најдобро сценарио и критиката сесрдно го прифати. Меѓутоа, тоа не ѝ се допадна на неговата сопруга. Така руските емигранти станаа кошмар за холивудското студио.
Јусупови биле меѓу најбогатите семејства во Руската Империја, сопственици на имоти, на дворци, на земјишта и фабрики, а исто така поседувале и колекции со семејни скапоцености. Во текот на четири века меѓу членовите на семејството Јусупов имало војсководци, тајни советници, губернатори, министри и мецени. Со еден збор, овој род имал исклучителен углед и уживал статус во општеството кој на почетокот од 20 век брзо почнал да го урива младиот Феликс.
По смртта на неговиот постар брат Николај, кој бил убиен во двобој, тој станал единствениот наследник на целиот имот, додека истовремено не престанал да биде главен извор на семејни скандали и тема за озборување. „Семеен срам“ – можело понекогаш да се слушне за него од устата на неговите роднини.
Јусупови: Зинаида и кнезот Феликс со синовите Николај и Феликс.
Данил Асикритов/Државен музеј-дворец „Архангељское“На 17 години тој, на пример, облекол женски фустан, се нашминкал и за разонода настапувал во едно ексклузивно петербуршко кабаре. По седмиот настан го препознале познаниците по семејните брилијанти. Во 1909 година заминал да се школува на Оксфорд и за три години поминати во Англија станал сатанист, ги вовел во мода црните теписи, за малку ќе станел главниот осомничен во киднапирањето на грчкиот принц Христофор, се обидел ноќе да украде крава од една дементна старица (Феликс еден ден претходно ја купил таа крава), па по него пукале од пушка, приредувал грандиозни забави на каквишто англиското општество не било навикнато.
Кога се вратил во Русија, Феликс станал свесен за одговорноста која паднала на него како на единствен наследник на познатото семејство. Почнал да размислува за политички прашања. На 29 години тоа го довело до идеја за завера и за убиство на миленикот на царското семејство Григориј Распутин. Во 1916 година планот бил остварен. Феликс лично му пукал на монахот во градите по неуспешниот обид за труење. „Конечно се уверив дека во него е скриено сето зло и дека тој е главната причина за сите несреќи во Русија: ако го немаше Распутин, немаше да ги има ниту оние сатанистички сили во чии раце паднаа Царот и Царицата“, запишал Јусупов во своите мемоари.
Григориј Распутин
Public domainИзлегло дека немал право и дека на овој начин не ја спасил монархијата од пропаст. По Октомвриската револуција најпрво пребегал во Англија, а потоа во Франција.
Со убиството на Распутин се извлекол неказнет. Две години претходно Јусупов се оженил со кнегинката со царска крв, роднина на Николај Втори, Ирина Романова. Без оглед на тоа што царското семејство било бесно поради убиството на нивниот миленик, не можело сериозно да казни член на своето семејство. Освен тоа, многумина го поддржувале Јусупов, сметајќи дека постапувал во интерес на Русија.
Феликс Јусупов
Public domainФеликс и Ирина Јусупови ја напуштиле Русија, земајќи ги со себе само семејните скапоцености и само две слики на Рембрант, што сепак им овозможило да продолжат со боемскиот стил на живеење на кој се навикнале, како и финансиски да ги потпомагаат емигрантите. Имено, во Лондон најмногу се занимавале со доброчинство.
Во триесеттите години од минатиот век во Франција работите повеќе не стоеле како претходно. Русите во тоа време во светот имале сè помалку симпатии, а парите полека почнале да пресушуваат. Скапоценостите морале да ги даваат во заложувалница, а Рембрант да му го продадат на американскиот колекционер Џо Виденер. Јусупови во тоа време веќе ја имале отворено модната куќа IRFE, лансирале колекција парфеми, се пробале во угостителството, но сето тоа било далеку од некогашната финансиска благосостојба. Се случувало Феликс Јусупов да не може да го плати вообичаениот богат ручек, па работата ја решавал со пасош. Како носител на угледно презиме, ручекот го добивал бесплатно.
И тогаш им се насмевнала среќата. Во 1932 година студиото МГМ почнало да го прикажува филмот „Распутин и царицата“ со Џон Баримор. Јусупови сметале дека филмот е навредлив и ја тужеле компанијата на Лондонскиот суд.
Тужбата била поднесена поради ширење информации кои не одговараат на стварноста, навреди и клевети. Јусупови на суд дошле со вакви обвиненија. Филмот ја претставува приказната за подемот и смртта, како и неговиот однос со царското семејство и со приврзаниците. Распутин е наводно убиен од некој си Павел Чедогаев, во чиј лик недвосмислено може да се препознае кнезот Јусупов. Меѓутоа, тоа не било она што го разбеснило Јусупови. Феликс воопшто не ни криел дека тој е одговорен за убиството (претходно дури и има напишано книга за тоа под наслов „Крајот на Распутин“).
Според заплетот на филмот, Распутин ја силувал невестата на кнезот Наташа и таа станала негова љубовница. Јусупов сметал дека на тој начин е повредена честа на неговата сопруга Ирина, зашто нејзината сличност со ликот била очигледна. Патем речено, во сценариото ликовите на почетокот дури и ги носеле вистинските имиња, кои во текот на снимањето се заменети со измислени.
Кога ја примил тужбата, МГМ се извинил и јавно соопштил дека кнегињата Наташа е измислен лик и дека нема никаква врска со кнегињата Ирина Јусупова. Но, поротниците застанале на страната на Јусупови и го прогласиле студиото за виновно, со што требало да исплати отштета од 25.000 фунти стерлинзи.
Уште поголема сума, дури 75.000 фунти стерлинзи, МГМ требало да ѝ исплати на кнегињата како компензација за дозвола да се прикажува филмот, иако од него морале да исечат околу 1 минути навредливи сцени со појавувањето на кнегињата. Така вкупната казна достигнала 100.000 фунти, што во современиот свет би било околу 3 милиони американски долари. Тоа било огромно богатство за Јусупови кое им обезбедило безгрижен живот.
Ирина и Феликс Јусупови
Public domainТокму по овој судски процес па сè до денешен ден во холивудските филмови и книги задолжително стои напомена за одрекување од одговорноста: „Сите имиња и настани во филмот се измислени, а каква било сличност со реалните луѓе и настани е случајна“.
Јусупов кусо време пред смртта уште еднаш се обиде да игра на истата карта. Ја тужеше компанијата Си-Би-Ес за клевета поради емитувањето на хорор-филмот „Распутин, лудиот монах“, но овој пат изгуби на суд.
Прочитајте исто така: Каква судбина ги снајде потомците на Григориј Распутин?
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче