Кои работи ги работеле децата во Руската Империја?

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Во руските селски семејства децата мошне рано ја преземале одговорноста и стекнувале работни навики. Тоа била главната цел на образованието, но и клуч за опстанок. Меѓутоа, индустриското општество во 18 и во 19 век ја експлоатирало детската работа во многу земји, па ниту Русија во тој поглед не била исклучок.

Во рускиот јазик зборот „дете“ („ребёнок“) има ист корен како и зборот „работа“ („работа“) и „роб“ („раб“), што зборува за тоа дека родителите обично на децата им давале нешто да работат на имотот. За жал, во определени историски периоди ропството попримило мошне јасни црти. Така било во 18 и во 19 век, кога децата работеле во фабриките и во рудниците, понекогаш во ужасни услови.

Во селска Русија времето со векови се мерело во седумгодишни периоди. Детето се третирало како дете додека не наполни седум години. На таа возраст децата добивале полесни работи и полека се навикнувале да им помагаат на родителите во сите работи. Откако детето ќе наполнело седум години тоа ќе станело „ребјонок“, односно мал човек кој веќе има определени, макар и мали обврски.

Детето морало да ги слуша родителите, а исто така дедото и бабата – за тоа воопшто не се ни дискутирало. За седмиот роденден момчињата ги добивале првите панталони и кошула, а девојчињата првиот фустан, и оттогаш тие биле мали работници со полно работно време.

Што работеле селските момчиња?

Во нашето време не е ништо необично мајката да го замоли синот да ги измие садовите или да исчисти со правосмукалка, но во стара Русија такво нешто не можело ни да се замисли, зашто постоела поделба на машки и на женски работи.

Една од првите работи што ги учеле момчињата да ги работат било плетењето „лапти“ (опинци од лика) и корпи. Плетењето брезова кора за облека или за корпи не било тешко, но тоа била пипава работа, која подразбира труд и упорност. Овие две особини им биле потребни на руските селски деца и во подоцнежниот живот. Покрај тоа „лаптите“ брзо се абеле, така што малите и големите Руси голем дел од своето време го минувале седејќи и правејќи нови обувки за целото семејство.

Момчињата исто така учеле да резбарат дрво и на тој начин правеле играчки за себе и за помладите браќа и сестри. Оделе со татковците на лов и на риболов. Рутинска работа и за момчињата и за девојчињата била намирување, тимарење и капење на стоката, како и молзење крави, а на момчињата една од најважните обврски била да бодат сметка за коњите и особено навечер да ги водат на паша. Поради тоа од најрана возраст ги учеле да ги впрегнуваат и да ги јаваат, да управуваат со коњска запрега и да ги појат коњите. Некои момчиња биле особено вешти во правењето коњски амови, што на село била мошне важна умешност.

И работите на поле биле поделени на машки и на женски. Машките работеле на нивите, додека жените работеле во градините зад куќата (освен за време на жетвата кога сите здрави членови на семејството оделе на нива). Момчињата рано почнувале да им помагаат на татковците во орањето, дури и ако биле уште мали за физички да се ангажираат. На пример, таткото можел да го стави синот на плугот за да биде тежа, а браздата да биде подлабока. Момче од 12 години веќе добивало посебна парцела во полето која самостојно ја обработувало. Така за неколку години, кога ќе постигне целосна зрелост, веќе станувал искусен „орач“.

Момчињата често во тие рани години учеле некој корисен занает. Некој со текот на времето станувал сточар, некој фармер или дрвосечач, или што и да е друго што требало да се знае на село. Девојчињата обично останувале дома и имале сосема поинакви обврски. Сè до втората половина на 19 век на жените им било забрането да учат занает и да се вработуваат.

Што правеле селските девојчиња?

Папокот на новороденото девојче во Русија по обичај се пресекувал со вретено. Овој ритуал имал за цел од првите моменти на животот да се воведе женското дете во работата на предење волна. Секое девојче родено на село, учело да преде волна на фурка и тоа била една од неговите главни работи. Веќе на пет години девојчињата биле релативно искусни предачки, така што во семејството носеле корист порано од момчињата.

Друга обврска на девојчињата биле домашните работи: чистење на подот, миење и чистење на клупите, тресење и чистење на теписите, на чаршавите и на перниците. Девојчињата учеле да перат алишта користејќи пепел и да ги плакнат во вода на река. Затоа младите девојки на село во тоа време биле физички многу посилни и поиздржливи од денешните девојки на истата возраст.

Девојките воделе сметка и за помладите браќа и сестри. Правеле за нив крпени и плетени кукли, им рецитирале детски песнички, им раскажувале сказни и им пееле песни за спиење. Секое девојче знаело да повива бебиња, да ги храни со помош на издлабени животински рогови (денешна верзија на шишенце за бебиња) и да направат цуцла од парче ткаенина и изџвакан леб. Често девојчињата ги ангажирале за чување туѓи бебиња на селото кога ќе наполнеле 11-12 години.

Децата работеле и во фабриките

Кога кон средината на 18 век е започната индустриската револуција, детската работа станала вообичаена појава. Работната обврска не била регулирана со закон, така што децата, главно на тинејџерска возраст, биле жестоко експлоатирани. Во многу земји во светот децата во тоа време биле користени како обично робје, па ни Русија, за жал, во тој поглед не била исклучок.

Трговците со деца ги купувале децата од сиромашните селски семејства кои не можеле да се прехранат. За момче или за девојче се давале 2-3 рубли. Во 19 век толку чинел шешир, или ноќевање во хотел од средна класа. Родителите му давале на детето облека и храна за по пат и често се простувале од него засекогаш.

По доаѓањето во Петербург или во Москва децата се продавале на трговците и на фабрикантите како работна сила, и тоа два до три пати поскапо од цената што продавачите им ја платиле на родителите на село. Девојчињата работеле како продавачки, во најдобар случај како готвачки или како собарки. На момчињата им било потешко зашто често завршувале кај фабрикантите. Постоеле определени државни инспекции кои можеле да ја запрат експлоатацијата на детскиот труд, но не постоел закон со кој оваа област била регулирана.

На пример, во Томск, во фабриката за кибрит што ја држело семејството Кухтерин, децата ги полнеле кутиите со чкорчиња. За време на полнењето ниту едно чкорче не смеело да падне на земја, во спротивно следувала парична казна. На момчињата од платата им се одземала определена сума за секое чкорче што ќе падне. Децата работеле под 12-14 часа со пауза за ручек, и со уште една пауза за попладневен чај.

Индустријалците што ја користеле детската работа не се грижеле многу за благосостојбата, за здравјето или за образованието на овие деца. Доколку детето не го исполни она што работодавецот го бара од него, едноставно добива отказ. Таквите деца автоматски станувале бездомници. Момчињата во такви околности често станувале џепчии, а девојчињата проститутки.

На почетокот на осумдесеттите години од 19 век властите започнале да се грижат за ваквата состојба, па во 1882 година бил донесен закон „За малолетници кои работат во фабриките и во занаетчиските работилници“. Со овој закон било забрането вработување деца до 12 години, а работното време е лимитирано на осум часови дневно (и не повеќе од четири часа без пауза) за деца од 12 до 15 години, и биле забранети ноќните смени (од 21.00 до 5.00), како и работа во недела. Покрај тоа, било забрането користење на детскиот труд во производството кое може да биде штетно по здравјето.

Овој закон, меѓутоа, не почнал веднаш да се применува и не се однесувал на сите индустриски гранки. Лобито на корисници на детскиот труд било многу јако. Сопствениците на фабриките ја криеле возраста на децата што работат за нив, односно ја прикажувале за да не се коси со законот, или криеле дека воопшто користат детска работна сила. Еден фабрички инспектор на Санктпетербуршката област во 1903 година, значи 20 години по донесувањето на споменатиот закон, има изјавено: „Многу тулани вработуваат работници помлади од 15 години, и овие малолетници работат како и возрасните, односно по 11,5 часа дневно“.

Статистиката од првата деценија на 20 век покажува стабилен пораст на експлоатацијата на детскиот труд и покрај сите закони. Во престолнините и во поголемите градови се вршеле контроли, но во внатрешноста законот масовно се кршел. Во 1918 година болшевиците го донеле првиот Закон за работа со кој целосно е забрането лицата помлади од 16 години да стапуваат во работен однос.