Несекојдневниот животен пат на првата жена-космонаут на светот

Историја
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Валентина Терешкова, родена во семејство на советски работници, по летот во вселената што го направи сама, без други членови на екипажот, стана национален херој. Беа потребни цели деветнаесет години за надлежните да одлучат повторно да испратат жена во вселената.

Годината е 1962. Цврсто градена девојка со зачешлана коса, цврсто собрана во пунџа, во скромна блуза со јака и темно здолниште под колената со широк појас на половината. На нозете сандали. Валентина Терешкова, една од 8000 девојки во СССР кои очајно сакаа да полетаат во вселената. И една од петте кои влегоа во потесниот избор. Ќерката на тракторист и работничка во текстилна фабрика влезе во состав на првиот женски летечки одред на космонаути.

Откако леташе околу Земјата дури 48 пати и слета во алтајско езеро, нејзините раководители ќе речат дека „не погрешиле во изборот“. На трибината на мавзолејот на Црвениот плоштад до Терешкова стоеше Хрушчов и се шегуваше на сметка на САД, истакнувајќи дека жените, кои буржоазијата отсекогаш ги сметала за послабиот пол, во социјализмот станаа целосно рамноправни со мажите. Само што во Советскиот Сојуз дури 19 години подоцна следната жена ќе полета во вселената.

Како е одбрана

Постојат неколку верзии за тоа како Советите решиле да ја испратат првата жена во вселената. Според една, тоа го сакал Сергеј Королев, раководител на советската вселенска програма. Тој сметал дека по неколку успешни летови на машки космонаути, тоа би било апсолутно логичен чекор. Според друга верзија, космонаутот Герман Титов по летот со бродот „Восток 2“ отпатувал за САД и таму слушнал дека американските власти сериозно ја разгледуваат можноста да испратат жена во вселената.

Како и да е, идејата стигна до советскиот лидер Никита Хрушчов, кој со голем ентузијазам се вклучи во новата рунда на вселенската трка.

Селекцијата притоа беше многу покомплицирана отколку во случајот со мажите, кога кандидатите се избираа меѓу воените пилоти. Меѓутоа, бројот на женски пилоти беше многу помал во СССР. Затоа е одлучено да се бараат кандидатки и меѓу жените-падобранци. Тие мораа да бидат помлади од 30 години, високи до 170 сантиметри и тешки до 70 килограми.

Во потесниот избор влегоа 30 кандидатки, а во  најтесниот круг 5. Жана Еркина, Татјана Кузнецова, Валентина Пономарјовва, Ирина Соловјова и Валентина Терешкова, која беше членка на аероклуб и имаше 90 скокови со падобран.

Дали беше најдобрата меѓу најдобрите?

Дваесет и петгодишната Терешкова го освои „билетот“ за вселената. Беше избрана за главен пилот. Зад оваа одлука се криеше фактот дека таа, сепак, не беше најдобриот кандидат. Напротив, според резултатите на медицинските тестови и теоретската обука, Терешкова беше на последното место. Нејзината дублерка, Соловјова, на пример, имаше околу 700 скокови и беше мајстор на спортот во падобранство, за разлика од Терешкова, која не беше.

Меѓутоа, на Никита Хрушчов Валентина Терешкова му изгледаше како најдобра кандидатка, бидејќи таа имаше „соодветно потекло“. Обична девојка од сиромашно работничко семејство од белоруско село, која по седмо одделение основно училиште почнала да работи во фабрика за гуми за да ѝ помогне на мајка си, а потоа со мајката и сестра си работела и во текстилен комбинат. Татко ѝ загинал на фронтот во Советско-финската војна, која се водеше од 1939 до 1940 година. Валентина беше секретар на Комсомолот (младинска комунистичка организација). Со еден збор, вистинска девојка од народот.

Друг пресуден фактор откри во својот дневник Николај Каманин, раководителот на обуката на првите советски космонаути. „На првиот лет можеше да биде испратена и Соловјова и Пономарјова. Сигурен сум дека ќе го изведеаа летот подеднакво успешно, ако не и подобро, но после летот можеа да бидат само во улогата на космонаут. Терешкова може и треба да биде не само првата жена-космонаут. Таа е паметна, со силна волја, остава добар впечаток и може добро да истапува од највисоките трибини. Од Терешкова треба да се направи важен јавен пратеник кој достојно ќе го претставува СССР на меѓународните форуми“.

Терешкова полета во вселената на 16 јуни 1963 година. На своето семејство му кажа дека оди на натпревар со падобрани. Дури на радио слушнаа дека нивната Валентина со прекар „Чајка“ (галеб) всушност полетала во вселената. Вестите беа добри. Советска девојка е во вселената речиси три дена и се чувствува одлично. Така беше според официјалните информации. Меѓутоа, не беше сé баш така.

Какви ризици постоеја?

„Според телеметриските и податоците на телевизиската контрола, Терешкова го реализираше летот задоволително. Разговорите со копнените станици за врска се одвиваа бавно. Таа значително ги редуцираше своите движења. Седеше речиси неподвижно. Беа видливи промени во здравствената состојба од вегетативен карактер“, забележува во својот извештај д-р Владимир Јаздовски, еден од основачите на „вселенската медицина“. Таа не го пополнуваше техничкиот дневник и не можеше да ги спроведе планираните експерименти.

Во еден момент Терешкова дури и заспа од умор во незгодно време, што беше експлицитно забрането. Не одговараше на прашања од Земјата. Успеа да ја разбуди Валериј Биковски, советскиот космонаут кој полета во вселената еден ден пред Терешкова за да биде во орбитата во моментот на нејзиниот лет (меѓу космонаутите беше воспоставена врска преку која можеа да разговараат и да си даваат поддршка едни на други, но само психолошка, бидејќи спојувањето на двата брода во тоа време сè уште не беше технички возможно).

Меѓутоа, мачнината, безживотноста и поспаноста не беа најстрашните искушенија. За еден настан Валентина Терешкова молчеше триесет години. Во бродот „Восток 6“ беше инсталирана погрешна програма за летање. Во моментот кога требаше да се прилагоди орбитата и да се подготви за слетување, се покажа дека автоматскиот систем сосем погрешно функционира. „Восток 6“ ја напушта орбитата, односно бродот се праќа во правец на далечната вселена, спротивно од Земјата. Меѓутоа, Терешкова на време го забележа тоа и успеа рачно да ја прилагоди орбитата и да се врати на Земјата. Но, неволјите не завршуваа тука.

Кога се најде на Земјата, и покрај сите инструкции, Валентина, пред да пристигнат спасувачите, на локалното население им ги понуди космичките туби, наменети за истражување, и самата се послужи со варен компир и квас. Королев бил бесен и наводно ветил дека „ниту една жена нема да отиде во вселената додека е жив“.

Обучувана уште една жена

Приказната за тубите, вистина, не можеше да одигра посебна улога во одлуката повеќе да не се испраќаат жени во вселената и беше заборавена. А мислењето дека женскиот организам полошо реагира на такви оптоварувања почна да станува сé поприсутно.

Експериментот со жена во вселената не ги воодушеви раководителите на советската вселенска програма (официјално, се разбира, тоа не го признаваа). Задоволителните, но далеку од идеални, телеметриски податоци ја доведоа во прашање целисходноста на таквите мисии.

„Обучувавме уште една жена за летот, но Сергеј Королев реши да не ги ризикува животите на жените бидејќи една од членките на одредот космонаути веќе имаше семејство“, рече Терешкова. „Ние не се согласувавме, му пишавме на Централниот комитет дека сме против таа одлука“, рече таа.

Сепак, одлуката беше преиспитана дури во 1982 година. Од преостанатите четири девојки од одредот космонаути, ниту една не полета во орбитата. Валентина Терешкова остана единствената жена во светот која сама леташе во вселената, без други членови на екипажот. Подоцна во вселената беа праќани жени само со заеднички летови. Нашата хероина беше во состав на одредот космонаути до 1997 година, додека во 1995 година стана првата жена-генерал на руската војска, но повеќе не леташе во вселената. Ѝ беше доделена поинаква мисија.

„Да се создаде политичар“

„Кога се одлучуваше со што ќе се занимава Терешкова по кариерата на космонаут, упорно ѝ препорачував да почне сериозно да се подготвува за општествено-политичка работа. Се обидував да ја убедам дека со настапи од високите државни трибини можеше да даде голем придонес во освојувањето на вселената во нашата земја“ откри Николај Каманин.

Меѓутоа, Терешкова инсистираше на тоа дека сака да ја заврши Воено-воздухопловната инженерска академија, на која се запиша по летот во вселената, и да продолжи да работи во Центарот за обука на космонаути како инструктор по летање и тест-пилот. Во тоа време, таа веќе беше во брак со космонаутот Андријан Николаев и имаше ќерка.

Образложувајќи ја таа одлука, таа се повикуваше на своите болести и проблеми, кои зачестија во последните две-три години, на желбата да ја воспитува својата Аљонка (имаше кревко здравје, се разболуваше, а немаше дадилка), потребата да му се посвети на семејството (честите патувања во странство и работата во Москва ја попречуваа во тоа). Со солзи во очите Ваља тврдеше дека новата работа може да биде погубна за неа“, пишува Каманин.

Меѓутоа, волјата на државата беше посилна. Почнувајќи од 1966 година, Терешкова се подготвува за јавен пратеник. Таа застанува на чело и станува членка на десетици општествени организации, како што се Комитетот на советските жени, Светскиот совет за мир, Меѓународната демократска федерација на жените, сé до нејзиниот избор за пратеник во Врховниот совет на СССР, а потоа и пратеничка во долниот дом на парламентот на Руската Федерација.

„Славна и угледна, станува икона на стилот за сите советски жени. Беше хероина. Убава жена, згодна, висока. Најмногу сакаше да носи костими и здолништа, жакети блузи со машнички. Имаше убава фигура. Беше елегантна и знаеше да ги носи работите“, вели модниот историчар Ала Шчипакина.

Гардеробата на Валентин Терешкова привлекуваше големо внимание. Патувајќи по светот со бројни комитети, таа се облекуваше на начин на кој советските жени немаа можност да го прават. Почнаа масовно да ѝ се обраќаат барајќи најразлични практични совети, од тоа како да заземат подобра позиција на листата за станови, до како да ги одвикнат сопрузите од алкохол. Одговорите стигнуваа, но во бирократска форма како „вашето обраќање е проследено до Реонскиот комитет“.

Терешкова не дава интервјуа, а за нејзиниот приватен живот малку се знае. Од својот прв сопруг се разведе во 1982 година. Само еднаш го коментираше разводот со зборовите: „Златен на работа, деспот дома“. Вториот пат се омажи за Јуриј Шапошников, доктор и научник со чин генерал-мајор.

Од 2015 година е членка на пратеничката група на Државната дума за одбрана на христијанските вредности и раководител на добротворниот фонд „Сеќавањето на генерации“. Терешкова поддржа бројни предлог-закони кои имаа голем одек во јавноста, меѓу другото и за зголемување на старосната граница за пензионирање во 2018 година. Две години подоцна таа го предложи уставниот амандман со кој се укинува ограничувањето на бројот на претседателски мандати. Амандманот подоцна беше усвоен.

Пред неколку дена, поточно на 6 март, Валентина Терешкова наполни 85 години. Таа е активен пратеник во сегашниот состав на руската Државна Дума.