Со површина од преку 820 хектари, со 47 милиони кубни метри вода, се веруваше дека „Подолското море“ ќе го реши проблемот со снабдување со питка вода на јужните делови на градот кој забрзано се развиваше. Крајбрежната линија долга 60 километри можеше да стане зона за одмор што ќе ја користеа милиони московјани, уживајќи на уредените плажи во сончањето и пливањето.
Nikolai Malyshev / TASS
Градежниот план усвоен 1975 година предвидуваше хидротехничко решение на устието на реките Моча и Пахра, со што се обезбедуваше стабилен водостој на огромна површина. Висината на браната требаше да биде над 21 метар.
Nikolai Malyshev / TASS
Жителите на поблиските населби почнаа интензивно да се преселуваат во Подолск. Во исто време, властите забранија населување на територијата на идната акумулација и секаков вид градба.
По сечата на шумата започна изградбата на хидротехничките градби која се одолжи во текот на целите осумдесетти. Меѓутоа, на крајот на оваа деценија беа реализирани само четвртина од планираните работи.
Распадот на СССР и долготрајната економска криза што следеше ставија точка на грандиозната изградба. Во моментов во напуштените бетонски конструкции се моткаат само ветер и случајни туристи.
Денеска повеќе нема потреба од санација на проектот „Подолско море“. Современите системи за прочистување на водата овозможуваат ефикасно и целосно снабдување со питка вода на рускиот главен град од реките Волга и Москва, и покрај непрестајниот раст на населението.