Русија е на руски „Россия“, a на што мислат Русите кога велат „Русь“?

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Во текстовите за руската историја понекогаш можете да видите дека Стара Русија се нарекува „Рус“. Дали е тоа посебно име за земјата, народот или нешто друго и кога се појавило името Русија?

Сè уште е мистерија дали старите Руси всушност себеси се нарекувале Руси, руски народ. А тоа не било ни име на земјата. На руски, „Рус“ бил колективно име за група источнословенски племиња и првпат се споменува во странски историски извори.

Името „Рус“

Во Западнофранкските или Бертинските анали (француски ракопис од 9 век) се наведува: „Постои народ по име Рос (Rhos) (и нивниот крал кого го нарекуваат хакан (chacanus)ˮ.

Ал Масуди (896-956), арапски историчар и географ, запишал: „Византијците ги нарекуваат Русија, а тој збор значи „црвен“.

Византијците го користеле грчкиот збор Росија (Ῥωσία) за да ги означат народите на териториите северно од Црното Море. Се смета дека зборот „Русија“ прв го употребил царот Константин VII (X век).

Меѓутоа, постои уште еден збор поврзан со овие територии, а тоа е „Рутенија“ (Ruthenia), кој потекнува од старошведскиот „Rōþin-“. Така Русија се нарекува во многу европски извори на латински. Постојат убедливи докази дека зборот „Рус“ потекнува од староскандинавскиот корен „Rōþ-“ (со значење „веслање“).

Рускиот летопис (напишан во XII век во Киев) под годината 862 вели: „Тие отидоа преку морето кај Варјагите. Тие Варјаги се нарекуваа Руси, како што другите се нарекуваат Шведи, а некои други се Нормани и Англи и Готи...“

Во руските земји, од IX век па наваму, зборот „Рус“ се користел за киевските територии. Подоцна, по татарско-монголската инвазија, и земјите северно од Киев (Владимир, Суздаљ, а подоцна и Москва) се нарекувале себеси „Рус“. Во 1493 година Иван III Василевич ја користел титулата „господар на цела Рус“.

Името „Русија“

Во средновековните руски извори (пред XIV век) зборот „Росија“ или „Русија“ не постоел. За прв пат се појавил во 1387 година во ракописот на Кипријан (1330-1406), кој се опишал себеси како „митрополит Киевски и на цела Русија“.

До крајот на XV век името „Росија“ се појавило во различни европски извори. Мапата на италијанскиот картограф Фра Мавро (50-ти години на XV век) споменува територии како Црвена Росија, Црна Росија, Бела Росија. На руска територија овој збор се користел на монетите и во ракописите.

Иван Грозни станал цар во 1547 година и земјата го добила своето прво официјално име: „Росијское царство“. Така зборот „Росија“ за прв пат станал дел од официјалното име на земјата.

Но, во текот на XVI и XVII век името било запишувано на различни начини: Росия, Русия, Россия. Конечната одлука да се пишува „Россия“ со двојно С ја донел Петар Велики, кој во 1821 година ја презел титулата император и ја нарекол земјата „Российская империя“.