Генерал-лајтнант на инженеријата Дмитриј Михајлович Карбишев бил еден од најскапоцените кадри во Црвената армија. Имаш шеесет години кога германските единици влегле во СССР, а претходно има учествувано во четири војни и бил носител на многубројни царски, а потоа и на советски награди.
Дмитриј Карбишев во 1914 година.
Public domainКарбишев во повеќе наврати ја покажал својата храброст на бојното поле за време на руско-јапонската војна од 1904-1905 година, а подоцна се прославил како талентиран и способен стручњак за воени утврдувања. За време на Граѓанската војна Дмитриј Михајлович успешно раководел со изградбата на седум утврдени реони во Поволжје и на Сибир. Покрај тоа, ја обезбедувал инженерската подготовка за офанзива на непријателските одбранбени положби на Кримскиот полуостров.
Во текот на Зимската војна против Финска лично извршувал извидување и набљудување на Манерхајмовата линија на Карелиската превлака, а неговите препораки и предлози биле мошне корисни во подготовката за пробивањето на оваа линија.
Група војници на Црвената армија ја прегледува оклопната утврдена огнена позиција на финските војници.
Public domainКарбишев бил доктор на воени науки, автор на над сто научни публикации во областа на фортификациските објекти, бил пионер во развојот на примената на инженерските бариери, Неговите трудови се мошне користени во воените школи и академии за подготовка на офицерските кадри на Црвената армија.
Летото во 1941 година генералот ја надгледувал изградбата на фортификациските објекти на Гродненскиот утврден реон во западна Белорусија каде и бил затекнат од разорниот германски блицкриг. Во август бил заробен за време на обидите да се извлече од обрачот. Германците набргу сфатиле колку е важен човекот што им паднал во раце.
На Карбишев му биле понудени „царски“ услови за соработка: ослободување од заробеничкиот логор, посебен стан, задоволување на сите материјални потреби, пристап до сите библиотеки и архиви, лични помошници, можност за пишување научни трудови, реализација на сите видови истражувања и работа над сите видови проекти. Понудена му е и можност да го посетува фронтот и да ги проверува своите пресметки на терен. Единствениот услов бил тој фронт да не биде Источниот.
Заробени Руси, Русија, север.
Германски државен архив (Bundesarchiv)Берлин бил убеден дека советскиот генерал ќе биде врбуван без проблеми. Тој бил благородник, во минатото царски офицер и одлично зборувал германски (неговата прва сопруга била Германка). Сето ова укажувало на тоа дека лесно ќе премине на страната на Третиот рајх.
Но, не одело толку лесно. Генералот категорично одбил да соработува и не го интересирале никакви понуди. Германците преминале на заплашување, на закани и на мачење, постојано влошувајќи ги неговите услови за живот, но ни тоа не помогнало.
По две години јалови обиди, нацистите се предале. „Овој најголем советски стручњак за воени утврдувања, кадровски офицер на старата руска армија, човек кој има надминато шеесет години, се покажа како фанатичен поборник на идејата за верност на војничката обврска и патриотизам...“, пишува во еден германски извештај од 1943 година. „Може да се смета дека Карбишев е безнадежен случај во поглед на неговото ангажирање на нашата страна како стручњак за воена инженерија“.
Судбината на генералот била запечатена. Бил испратен во концентрациониот логор Флосенбург на принудна работа. Посебно било нагласено да не му се даваат никакви олеснување заради неговото звање или заради неговите години.
Концентрациониот логор Маутхаузен, советски воени заробеници.
Германски државен архив (Bundesarchiv)Храбриот генерал бил преместуван од еден логор во друг. Го преживеал Аушвиц и Захсенхаузен, а Маутхаузен бил неговата последна станица. Во овој логор Карбишев бил преместен во февруари 1945 година.
Сведок на смртта на генералот бил мајорот Седон де Сент Клер кој исто така паднал во заробеништво: „Штом стасавме на територијата на концентрациониот логор Маутхаузен, Германците нè втераа во бања со тушеви, ни наредија да се соблечеме и ни пуштија озгора студена вода. Тоа траеше долго. Сите помодревме. Многумина паѓаа на земја и веднаш умираа зашто срцето не им издржа“.
Дмитриј Михајлович веќе бил во седмата деценија од животот, но по некакво чудо останал жив. Нему и на останатите им било наредено да облечат долна облека по што со дрвени клади на нозете биле изведени во дворот на мраз. „Генерал Карбишев стоеше во групата со руските другари во моја близина“, напиша подоцна Сент Клер. „Сфативме дека ова се последните часови од нашите животи. По неколку минути гестаповците зад нашите плеќи со противпожарни црева во рацете почнаа да ни пуштаат млазови студена вода. Оние што се обидуваа да се тргнат од млазот ги удираа по глава. Стотици луѓе паѓаа смрзнати или со згмечени черепи. Видов како падна и генерал Карбишев“.
Херојот на Советскиот Сојуз Дмитриј Карбишев
SputnikВо Советскиот Сојуз не се знаеше ништо за судбината на Дмитриј Михајлович. Се сметаше дека е исчезнат без трага. Дури по завршувањето на војната дел по дел се реконструирани неговите последни години од животот.
На генерал-лајтнантот на инженеријата на Црвената Армија Дмитриј Карбишев на 16 август 1946 година му е доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз „за исклучителната цврстина и храброст покажани во борбата против германските завојувачи во Големата татковинска војна“.
Споменик на херојот на Советскиот Сојуз, брутално мачен од нацистите, генерал-лајтнант Дмитриј Карбишев. Се наоѓа на територијата на поранешниот нацистички концентрационен логор Маутхаузен во Австрија. Скулптор Владимир Цигал.
Лев Иванов/SputnikДве години подоцна во Маутхаузен на овој руски офицер му беше подигнат спомени со следниот натпис: „На Дмитриј Карбишев. Научник. Војник. Комунист. Неговиот живот и неговата смрт беа подвиг во име на животот“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче