Како изгледал Санкт Петербург додека Достоевски живеел во него

Историја
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Во романите на Достоевски градот најчесто не е особено пријатно место, ами е мошне валкано и мрачно, полно со убоги. Но, ајде да видиме како навистина изгледал градот во времето кога во него живеел писателот.

Фјодор Достоевски се родил и детството го минал во Москва, но речиси триесет години живеел во Санкт Петербург. Без покрив над главата живеел на неколку адреси во изнајмени станови.

Таткото на Достоевски го дал својот син да учи во Главната инженерска школа. Таа се наоѓала во зградата на дворецот на покојниот император Павел Први, Михајловскиот дворец (на фотографијата подолу). Колегата на идниот писател Дмитриј Григорјевич открива дека Достоевски не бил многу комуникативен, ниту учествувал во заедничките игри, ами постојано „седел, задлабочен во книгата и барал осамено место“.

Во непосредна близина на училиштето се наоѓал Летната градина и верижниот Пантелејмонски мост преку реката Фонтанка. Кон почетокот на 20 век на негово место изграден е нов, со цел да се користи и за сообраќај на моторни возила.

Во 1849 година Достоевски бил уапсен и осум месеци поминал во занданите на Петропавловската тврдина. Најпрво бил осуден на смрт со стрелање, но казната во последен момент била заменета со прогонство на Сибир. Осуден е за учество во работата на револуционерниот кружок и за ширење забранети писма од Белински на Гогољ од 1847 година во кои се зборувало за граѓанската слобода и за укинувањето на кметството.

Уште од поемата на Пушкин „Бронзениот коњаник“ започнала полемиката со споменикот на Петар Велики, енергичниот основач на градот. Главниот јунак му се заканува на Петар поради подигнувањето на градот токму на местото на кое се наоѓа мочуриште, каде климата е ужасно лоша и кадешто се закануваат поплави. Во романот „Момче“ Достоевски пишува нешто слично, прашувајќи се отприлика што ќе се случи доколку маглата се развие и се крене, дали со неа заедно ќе се крене и ќе исчезне целиот тој гнил, леплив град и ќе остане само некогашното финско мочуриште, а среде него, како украс, бронзениот коњаник на измачениот коњ кој се издишува?

Без разлика на тоа колку во романите на Достоевски е поприсутен мрачниот, одошто репрезентативен Петербург, самиот писател често одел на Невската авенија, „излогот“ на градот, каде работеле банкарите и крупните трговци и шетале убаво облечени госпоѓи. А, кога писателот живеел во странство и немал изнајмен стан, доаѓал во Петербург и отседнувал во хотелите на Невската авенија.

Во Казањскиот собор на Невската авенија писателот доаѓал да се моли. Постои сведоштво на неговата сопруга дека тука дотрчал по објавувањето на Руско-турската војна.

А, на една минута пеш од Казањскиот собор се наоѓала (и денес се наоѓа) познатата слаткарница „Волф и Беранже“, во која Достоевски сакал да оди и каде во 1846 година се запознал со Михаил Петрашевски, кој го основал тајното друштво, со цел да го подготви народот за револуција. Во кружокот на „петрашкевците“ Достоевски го прочитал и забранетото писмо поради кое подоцна бил осуден. Петрашевски, кој исто така бил прогонет во Сибир, станал прототип за мрачниот јунак Пјотр Верховенски од „Зли дуси“.

Многу места во Петербург се опишани во романот „Злосторство и казна“. На Николаевскиот мост, денешен Благовешченски, замислениот Раскољников го удрил со камшик по грбот кочијашот поради тоа што одел по средината и без оглед на неговото викање за малку не летнал под коњите. Сочувствителните госпоѓи, мислејќи дека е просјак, веднаш му дале милостина.

Покрај Летната градина талкал и Раскољников, сонувајќи како целиот град тоне во слично зеленило и како насекаде има фонтани кои го освежуваат правливиот градски воздух. „Веднаш се заинтересира зошто во сите големи градови човекот не само од нужда, ами некако нарочно е склон да живее и да се сели токму во оние делови од градот во кои нема ниту градини, ниту фонтани, каде е валкано, каде смрди и каде има секакви гадости“.

Ова е кејот на Екатериинскиот канал кај Никољскиот собор. Во близина живеела старицата-лихварка што ја убил Раскољников, а нешто подолу покрај каналот неговата сакана Соња Мармеладова. Денес тука е каналот на Грибоедов, а главната знаменитост Храмот на Спасот на крвта не постоел во времето на Достоевски. Меѓу другото, писателот не ни можел да биде сведок на убиството на императорот Александар Втори. На тоа место и е кренат храм. Најверојатно овој настан би го погодил Достоевски, со оглед на тоа што тој бил патриот и монархист, сериозно загрижен поради неколкуте обиди за атентат врз царот.

Самиот Раскољников живеел во близина на Сениот плоштад, занаетчиско маало. „Околу крчмата на пониските катови, во валканите и смрдливи дворови на куќите на Сениот плоштад, а најмногу пред кафеаните се собираа рибарите и неранимајковци од секаков вид.

Овој уличен трговец со риба како да излегол од романот на Достоевски. „Повторно смрдеа од дуќаните и кафеаните, повторно постојаните пијаници, разнесувачи и пропаднатите кочијаши“.

Во „Злосторство и казна“ и во други романи се споменува Васиљевскиот остров на кој на неколку адреси живеел и самиот писател. Немајќи пари за кочијаш јунакот од „Понижени и навредени“ постојано оди таму пеш, иако е на другиот крај од градот. Еднаш за малку ќе се разболел, одејќи на Васиљевскиот (живееле тогаш на Васиљевскиот), премногу далеку е. И како што денес повеќемина земаат такси ако одат во ист правец, така и во времето кога живеел Достоевски се делел трошокот за кочија или луѓето се развезувале едни со други. „Кога слушна дека одам на Васиљевскиот, благонаклоно се понуди да ме одвезе со својата кочија“.

Тројица-Измајловскиот храм е посебно место за писателот. Во 1887 година Достоевски на ова место се венчал со својата сопруга Ана Сниткина која била помлада од него 25 години. Работела кај него како стенографка, а со нејзина помош настанале романите „Идиот“, „Зли дуси“, „Момче“, „Браќа Карамазови.

Зградата на Механичкиот завод на Курт Зигељ е изградена во 1876 година на Јамската улица во Петербург. Денес ова е улицата Достоевски. На аголот од куќата се наоѓал неговиот последен стан во кој живеел од 1878 до неговата смрт во 1881 година. Во станот се наоѓа музеј посветен на животот и на работата на писателот.

Достоевски бил сведок на изградбата и на отворањето на Александровскиот, денес Литеен мост, еден од препознатливите симболи на градот. И како што денес се смета дека Москва не е Русија, така и Достоевски верувал дека Петербург во голема мера се разликува од остатокот од земјата. „Па, не може да одречете дека ја познавале земјата, за Русија дознаа на служба во Петербург, според народот имаа однос како господар кон кмет“, пишува Достоевски за јунаците на Пушкин и на Гогољ во „Дневникот на писателот“.