Дали Павле I навистина ја предвидел својата смрт?

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Еден од најстрашните настани во семејството Романови е обвиткан со бројни легенди и мистериозни околности. Што од тоа е фикција, а што навистина се случило?

Великиот кнез Павле Петрович повеќе пати зажалил за „страшната приказна“ што ја раскажал на пријателска вечера во Брисел на 29 јуни 1782 година. Павел и Марија Фјодоровна тогаш биле на патување по Европа, полуинкогнито, под името гроф и грофица Северни.

Вечерта, по враќањето од театарот, великата кнегиња, под изговор дека е изморена, се повлекла во собата, додека Павел Петрович останал во високо друштво. Нешто подлабоко во ноќта, младите луѓе почнале да раскажуваат „мистериозни“ приказни од животот. Бароницата Д'Оберкирх, блиска пријателка на парот, запаметила дека 27-годишниот велики кнез ја раскажал својата „страшна приказна“.

Имено, додека шетал ноќе по Петербург, тој сретнал висок човек со наметка и шешир, со покриено лице и мртовечко студенило што го ширел околу себе. Непознатиот маж одел извесно време покрај Павле, а потоа, замолен да се претстави, рекол:

„Кој сум јас? Несреќен Павле! Јас сум дел од твојата судбина, оној што не сака да бидеш премногу приврзан за овој свет, бидејќи нема да останеш долго во него. Живеј според законите праведни и ќе доживееш мирен крај. Плаши се од прекорот на совеста, за благородната душа нема потешка казна“.

„Дали знаете што значи тоа, ваше височество?“, прашал принцот Де Лин.

„Тоа значи дека ќе умрам млад.

Зошто пророштвото на Авел за „бројот на твоите години“ е само легенда

Императорот Павле го убиле заговорници на 12 март 1801 година во Михајловскиот замок, за кој е поврзана една од легендите за страшната знаменитост. Наводно, 1800 година императорот Павле ја посетил Александровско-Невската лавра и во тоа време познатиот пророк, монахот Авел, кој на прашањето за должината на царевиот живот одговорил „Бројот на твоите години е еднаков на зборот на буквите“.

Мислел на бројот на буквите во натписот над главната Воскресенска капија на Михајловскиот замок: „Дому твоему подобаетъ святыня господня въ долготу дней“ (На домот твој му доликува светиња господова во должина на деновите), кој броел 47 букви. Ова пророштво се припишува и на блажената Ксенија (Петербуршка).  

Нема документирани докази за ова тврдење, ниту во форма на писма или мемоари од тоа време, вклучувајќи ја и самата приказна. Во моментот на убиството Павле имал полни 46 години. Ниту фактите за монахот Авел не се совпаѓаат, почнувајќи од фактот дека во Александровско-Невската лавра, главната обител на Петербург, во периодот 1800-1801 година тој не живеел.

Во 1796 година, шест месеци пред да биде устоличен Павле I, монахот Авел бил испрашуван од Александар Макаров, шеф на Тајната експедиција, орган на државната безбедност, по што Авел бил затворен во тврдината Шлиселбург. Но, штом Павле дошол на престолот, се погрижил Авел да биде ослободен и испратен кај митрополитот Новгородски и Санктпетербуршки Гаврил. Во Александровско-Невската лавра Авел бил замонашен (на сопствено барање).

Меѓутоа, веднаш по замонашувањето, Авел своеволно ја напуштил лаврата и отишол во Москва, каде што пророкувал и собирал пари, поради што во 1798 година бил протеран во Валаамскиот манастир.

Во март 1800 година, во ќелијата на Авел била откриена книга „која му е одземена... со пронајден во неа лист со руски букви, додека книгата е пишувана на непознат јазик“, пишува митрополитот до главниот обвинител Оболјанинов петебуршкиот митрополит Амвросиј. Главниот обвинител го известил царот, а Павле, најверојатно лут поради однесувањето на Амвросиј, наредил да го доведат во Петербург и да го затворат во Петропавловската тврдина, што и се случило на 26 мај 1880 година.

„Тој изгледа само талка, а неговите лаги не значат ништо повеќе, притоа мисли со измислени пророштва и сновиденија да измами нешто, со немирна природа“, реферираат од тврдината за Авел. Во моментот на смртта на Павле I, Авел сè уште бил во Алексеевскиот равелин на Петропавловската тврдина. За време на Александар бил префрлен во Соловецкиот манастир.

„Вратот настрана“ – сведоштва на современиците

Царот последен пат вечерал во кругот на своите најблиски пријатели на 11 март 1801 година. На вечерата бил Михаил Кутузов, чии зборови ги пренесува неговиот помошник, грофот Ланжерон. „Вечеравме со царот. Бевме дваесетина на масата. Владетелот беше весел и многу се шегуваше... По вечерата, царот се погледна во огледалото, кое не беше добро и ги кривеше лицата. Тој се пошегува по тој повод и ми рече: „Видете колку смешно огледало, се гледам со вратот свртен настрана“. Тоа беше час и половина пред да почине“. Но, каде е тука „пророштвото“? Познато е дека царот бил убиен со тежок предмет и шал со кој на крајот бил задавен.

На таа вечера присуствувал и Иван Матвеевич Муравјов Апостол, воспитувач на царските синови Александар и Константин и потпретседател на Надворешнополитичкиот колегиум. Тој сведочи за последниот разговор меѓу Павле и Кутузов: „На крајот поведоа разговор за смртта. „Да умреш не е исто што и да сошиеш торба“, беа последните зборови на Павле I упатени до Кутузов.

Чудниот знак го наведува, за волја на вистината, не писателот на мемоарите, туку историчарот од XIX век и биограф на Николај I Николај Шилдер. Вечерта на 11 март Павле ги посетил одаите на својот син Николај, кој имал пет години. Синот прашал зошто татко му го викаат „Павле Први?“ „Затоа што немало друг владетел со тоа име пред мене“, одговорил царот. „Тогаш мене ќе ме викаат Николај Први“. „Ако дојдеш на престолот“, рекол владетелот бакнувајќи го својот син и брзо заминал од неговата соба.

„Шега, бајка, лудило“

Но, да се вратиме на првото „пророштво“ кое Павел Петрович го раскажал на вечерата во Брисел. Со таа приказна Павел лансирал за себе мем, сè уште жив денес, за фактот дека и самиот верувал во тоа што го раскажал. Меѓутоа, истата бароница Д'Оберкирх во своите мемоари пишува дека Павле ѝ рекол: „Зар не ве измамив добро? Колку е повозбудлива приказната, толку повозбудливо беше тоа што ја сфаќавте толку сериозно“.

Кога бароницата продолжила да прашува дали Павле навистина „ја измисли оваа приказна едноставно... да ги заплаши малку“, великиот кнез инсистирал дека не се работи за возбудлив настан и дека сè треба да се сфати како „шега, бајка, лудило, малку да се забавуваме, конечно“, како и дека не треба да се верува во тоа. Според бароницата, Павле Петрович се лутел на себеси поради споменатата приказна. „Но, дозволете ми, господа, да ве замолам ова да остане меѓу нас, бидејќи би било многу непријатно низ цела Европа да се шири приказната за привидението во кое јас имам улога“, рекол Павле.

Фактот дека бароницата, како што подоцна забележал историчарот Казимир Валишевски, ѝ додала на приказната одредена нота на драматичност и ѝ посветила толку простор, исто така може да се објасни. Бароницата Хенриета Луиза де Валднер де Фројндштајн, иако имала само две години, сепак го надживеала Павле. И таа починала млада, на 48-годишна возраст. Таа ги составувала своите спомени во последните години од животот, знаејќи за смртта на царот. Бароницата очигледно не ги исполнила ветувањата дадени на Павел на вечерата во Брисел.