При крајот на својата воена кариера во 1804 година адмиралот Ушаков во сеќавањата на долгата служба во руската морнарица напишал: „Фала Богу, во сите наведени борби против непријателот, во флотата додека јас ја командував на море, со благост на Севишниот, ниту еден брод не беше изгубен, ниту некој од нашите редови заробен“. Овие зборови никако не беа само фалење. Ушаков навистина излезе како победник во сите мали и големи поморски битки во кои учествуваше

Пјотр Бажанов/Централен воено-морски музеј
Во поморските битки во 18 век противниците обично се држеа на линиската тактика: бродовите на противничките страни рамномерно ќе се распоредеа во линија, еден наспрема друг и полека водеа повеќечасовна борба. Да се создаде доминација во силите за напад на некој дел од непријателската флота без нарушување на поредокот во такви услови било исклучително тешко. Ушаков беше еден од малобројните команданти на флота кои не се плашеа да ризикуваат и да дејствуваат неконвенционално. Тој храбро го нарушуваше борбениот поредок кога такво нешто беше потребно, импровизираше, ги делеше силите, маневрираше, создаваше предност на одбранбениот правец на својот главен напад кој обично беше насочуван кон непријателските адмиралски бродови. Нивното уништување внесуваше поместувања и хаос во непријателските редови.

Михаил Иванов
Покрај тоа, адмиралскиот брод на самиот Фјодор Фјодорович и покрај поставените правила, најчесто не се наоѓаше во центарот на борбениот ред, ами беше присутен од решавачките сектори на битката во непосредна близина на непријателот. Екипажите на бродовите ја ценеа цврстината на карактерот, личната храброст и непоколебливата волја на својот командант. „Ушаков секогаш знаеше колку е важно моралниот дух на неговите потчинети да биде на висина. Тој умееше да ги поттикне морнарите и офицерите на совладување на сите тешкотии и да разбуди стремеж кон една заедничка цел, а тоа е уништување на непријателот“, велеше вицеадмиралот на советската Воена морнарица Јуриј Рал.
Public domain
Ушаков своите најсветли моменти ги имаше во Руско-турската војна 1787-1791 година, кога на Турците им беше нанесена низа значајни порази. Победите успеваше да ги извојува и покрај големата бројчана надмоќ на непријателот, со ненадејни напади на руската флота, употребувајќи тактички потези на кои командниот кадар во тоа време ретко се решавал, како што се приближување на непријателската флота на мала оддалеченост без престројување на походниот во борбен поредок или создавање и ефикасно користење на резервите на бродот за успешни резултати во главната насока.
Владимир Косов (CC BY-SA 4.0)
Клучната победа на Ушаков и на руската флота во оваа војна беше извојувана кај ‘ртот Калиакрија на 11 август 1791 година. Турско-алжирската флота беше вкотвена во морето, покриена со крајбрежни батерии кога во процепот меѓу неа и брегот ненадејно се насочи руската ескадра, предизвикувајќи хаос и поместување во непријателските редови. Обидите на турската флота кога трпеше големи загуби да заземе борбен поредок не успеаја, а крајбрежните батерии мораа наскоро да го прекинат огнот поради страв да не ги погодат своите. Поразот кај Калиакрија ја принуди Османската Империја веднаш да побара мировен договор со Русија.
Афанасиj де Палдо
Колку и да звучи парадоксално, Фјодор Ушаков кој толку пати и толку успешно војуваше против Османлиите, во 1798 година ги поведе Турците во борба. Во Втората антифранцуска коалиција Русија и Османската Империја беа сојузници, а командантот на флотата застана на чело на обединетата ескадра која дејствуваше во Средоземното море. Една од главните задачи беше ослободување на Јонските острови, западно од Грција, од присуството на непријателот.
Владимир Косов (CC BY-SA 4.0)
Најголем и најважен остров во архипелагот беше Крф, на кој се наоѓаше добро утврдениот истоимен град со гарнизон со три илјади војници. Во бастионите на помалиот остров Видо кој го чуваше Крф, а кој рускиот командант на флотата прецизно го окарактеризира како клуч за градот, се наоѓаа уште 500 Французи. Ушаков на располагање имаше нешто помалку од осум илјади војници, од кои голем дел беа Турци и грчки доброволци.
Александар Блинков
По неколкумесечна опсада на 1 март 1799 година рускиот командант на флотата се реши на напад. Четири часа сојузничката ескадра ги гаѓаше утврдувањата на Французите на островот Видо. Додека огнот уште не беше завршен Ушаков издаде наредба за десант на две илјади лица. Притоа адмиралскиот брод на командантот храбро ги нападна крајбрежните батерии. „Од непрекинатата, страшна канонада и од грмежите на големото оружје се тресеше целата околина... Видо, може да се каже дека беше разнесен и не само рововите... ами ниту едно дрво не беше поштедено од страшната железна лавина...“ сведочи очевидец на настаните.
Public domain
Заземањето на Видо ѝ овозможи на руската артилерија од неговите висорамнини безбедно и делотворно да го гаѓа Крф. Благодарение на интервенцијата на адмиралот заробените Французи беа спасени од масакр за кој се подготвуваше турската војска. „Ура за руската војска!.. Јас денес себеси си велам зошто не бев на Крф макар и како морнарички заставник“, велеше воодушевен од успехот на Ушаков еден друг прославен војсководец – Александар Суворов.
Edal Anton Lefterov (CC BY-SA 3.0)
Средоземниот поход беше последната голема кампања во животот на Фјодор Ушаков. Во 1807 година тој ја заврши активната служба и замина во своето село Алексеевка во Тамбовската губернија. Последните десет години од својот живот, адмиралот ги посвети на црквата, на молитвите и на доброчинство. Редовно го посетуваше Санксарскиот манастир и присуствуваше на сите служби, без оглед на годините (иако имаше над 60), не заостанувајќи зад монашкото братство. За време на Големиот пост полковникот на флотата живееше во манастирот во специјална ќелија.
Екатерина Димова (CC BY-SA 4.0)
Побожниот живот на Фјодор Фјодорович ја наведе Руската православна црква во 2000 година адмиралот да го прогласи за светец на Саранската епархија каде е почитуван, а во 2004 година стана и серуски светец како праведен воин. За време на канонизацијата беше речено дека „силата на неговиот христијански дух не е вплотена само во славните победи во битките за Татковината, ами и во големото милосрдие на кое се восхитувал и поразениот непријател. Милосрдието на адмирал Фјодор Ушаков за сите беше прибежиште“.
CatFish2013 (CC BY-SA 3.0)